Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Прејди на содржината

Голема Морава

Од Википедија — слободната енциклопедија
Голема Морава
Местоположба
Физички особености
Устиекај Смедерево
 • место
Дунав
Должина185
Особености на сливот
Карта

Морава или Голема Морава (српски: Морава или Велика Морава) – река во Србија формирана со спојување на Западна и Јужна Морава кај градот Сталаќ. Се влева во Дунав на просторот меѓу Смедерево и Костолац. Заедно со Западна Морава, Морава е најголемата српска река. Должината на Голема Морава е 185 км, а со Западна Морава долга е 493 км.

Голема Морава се формира со спојување на Јужна Морава и Западна Морава близу Сталаќ, мал град и централна железничка крстосница во централна Србија. Од тоа место до устието во Дунав, североисточно од Смедерево, Голема Морава е долга 185 км. Вкупната должина со нејзината подолга притока, Западна Морава, изнесува 493 км. Јужна Морава, која претставува главен извор на вода за Морава, била подолга, но заради регулацијата на речното корито и мелиорационите работи, денес е пократка. Регулациони работи биле извршени на трите Морави, така што сите се значително скратени. Денес најдалечен извор на вода за моравскиот слив е изворот на реката Ибар, десна и најголема притока на Западна Морава. Ибар извира во Црна Гора, и заедно како систем Ибар-Западна Морава-Голема Морава, претставува речен систем со должина од 550 км, и како таков е најдолг воден пат на Балканскиот Полуостров.

Географија

[уреди | уреди извор]

Голема Морава му припаѓа на црноморскиот слив. Површината на сливот на Голема Морава е 6.126 км2, а на целиот моравски систем 37.444 км2 (од кои 1.237 км2 во Бугарија и 44 км2 во Македонија), што е 42,38% од површината на Србија. Голема Морава протекува низ најплодното и најгусто населеното подрачје на Централна Србија, наречено Поморавје. Поморавје настанало на местото на залив на некогашното Панонско Море кое се исушило пред околу 200.000 години. На околу половина должина од долината се наоѓа Багрданската Клисура.

Во минатото била позната по своите непрегледни шуми, но денес не останало ништо од големите стебла. Вливот во Дунав е меѓу селата Кулич и Дубравица, во големиот јаглен басен Костолац. Тоа е еден од двата големи јаглени басени во речниот слив. Другиот е Ресавскиот јаглен басен во долината на десната притока Ресава.

Просечниот проток на Голема Морава на вливот во Дунав е 297 m3/s. Од тоа 125 m3/s е придонес на Западна Морава, 121 m3/s од Јужна Морава, а 35 m3/s се влева непосредно во Голема Морава.

Притоките на Голема Морава се кратки. Најдолга е Јасеница (79 км), а другите ретко се преку 50 км. Десни притоки се Јовановачка Река, Црница, Раваница, Ресава и Ресавица (или Ресавчина). Левите притоки се побројни: Калениќка Река, Лугомир, Белица, Осаоница (или Осаница), Лепеница, Рача и Јасеница. Многу од нив се сиромашни со вода, но во текот на дождливи години тие предизвикуваат големи поплави што е главен проблем на целиот моравски слив. Пред влевањето во Дунав, Голема Морава се дели, правејќи ракавец долг 47 км со име Језава, кој се влева во Дунав одвоено во градот Смедерево откако претходно се спојува со левата притока Раља (51 км).

Уредување на реката

[уреди | уреди извор]

Голема Морава е пример на река која меандрира. Таа била долга 245 км од изворот до вливот, но по права линија должината е само 118 км. Така односот на меандрирање е 118:245, што е во самиот врв на реките во Европа.

Речното корито е широко 80–200 m и длабоко до 10 m. Сосема вообичаена појава е Морава после поплава да го промени текот, оставајќи на местото од претходното корито езера. Заради големата ерозија во својот слив Јужна Морава е богата со огромни количини материјали кои се таложат во речното корито смалувајќи ја длабочината и на тој начини правејќи ги поплавите почести.

Почнувајќи од 1966 година, започнати се огромни работи за спречување на идните поплави. На притоката направени се акумулации (езерата Бован, Ќелије, Газиводе, итн.), а меандрите се пресекувани. На тој начин текот на реката е исправен, а реката е скратена (во случајот на Голема Морава од 245 км на 185 км). Било предвидено да се скрати на 152 км и повторно да стане пловна.

Предвидени биле вкупно 18 акумулации, пресекување на 23 меандри, насипување на километри нови насипи и интензивно пошумување. Меѓутоа, од 1980-тите, и посебно 1990-тите заради економската криза, војните и санкциите сите работи биле прекинати.

Морава и нејзините притоки сè уште често поплавуваат, а речното дно се издигнува и покрај многуте багери кои ископуваат песок и чакал во градовите и селата по текот на реката (Лозовик, Лугавчина, Лучица, Велика Плана, Симиќево, итн.)

Пловност

[уреди | уреди извор]

Денес, Голема Морава е пловна само 3 км од устието. Порано била пловна сè до градот Ќуприја, што е скоро ¾ од нејзината должина. Меѓутоа, како што е наведено, Голема Морава е буквално затрупана со материјал од Јужна Морава. Кога почнала програмата за мелиорација во 1966 година, било предвидено да стане пловна, во првата фаза до Ќуприја, а подоцна сè до Сталаќ, значи целосно.

Ништо од најавеното не е направено. Дури се појавила нова идеја (всушност оживеала една стара) за изградба на пловен канал Дунав-Морава-Вардар-Егејско Море.[1] Техничките проблеми за изградба на ваков објект се огромни (ни Морава ни Вардар не се пловни). Не е јасно колку би се користел овој пловен пат, а се претпоставува дека цената на ваков проект би била превисока и дека не постои економски потенцијал да се финансира ниту да се искористи ваков пловен комплекс. Во овој момент никој не ја разгледува како сериозна идеја, ниту има индикации за потенцијални инвеститори.

И покрај тоа што отсекогаш плодната моравска долина била најгусто населениот дел ана Србија, големите поплави го спречувале населувањето на самите брегови на реката. Единствен града на брегот на реката е Ќуприја, кој повеќепати претрпел големи штети заради близината на реката. Другите градови изградени се малку подалеку од самата река: Параќин, Јагодина, Баточина, Лапово, Свилајнац, Велика Плана, Пожаревац и Смедерево. Помалите места и села ги вклучуваат: Варварин, Глоговац, Марковац, Велико Орашје, Милошевац, Лозовик, Симиќево, Ореовица, итн.

Традиција

[уреди | уреди извор]

Римјаните Морава ја нарекувале Маргус, Западна Морава Бронгус, а Јужна Морава Ангрус. Денешниот град Ќуприја настанал во римско доба и се викал Хореум Марги (што значи Житница на Морава).

Државата на кнезот Лазар во 14 век се нарекувала Моравска Србија, според оваа река. Во српската историја, долината на Морава станала колепка на современата српска држава на почетокот на 19 век. Испеани се многу песни кои ја слават Морава и нејзината плодност, но и нејзината зла ќуд и поплавувањето. Меѓутоа за Морава не говорат само традиционалните песни. Многу песни за Морава се создаваат и денес, а најпознати се: Ој Мораво, Мораво, Низ Морава ветар дува (Уз Мораву ветар дува), На Морава воденица стара (На Морави воденица стара), оро Моравац, итн.

Ој Мораво е можеби најкаректиристична:

„Ој Мораво, моје село равно,
Кад си равно што си водоплавно
Киша паде, те Морава дође,
Те поплави моје село равно
А у селу Јованове дворе,
И у двору Јованову љубу“
  1. Српски Суец Архивирано на 9 март 2012 г., Курир, 3 мај 2006