Жак де Моле
Жак де Моле | ||
Роден | 1244-5 или 1249-50 Моле, Горна Сона, Бургундија | |
---|---|---|
Починал | 18 март 1314 Париз, Франција | |
Националност | Бургунд | |
Познат | Голем мајстор на витешкиот ред Темплари |
Жак де Моле (француски: Jacques de Molay; ~1244–5/1249–50 – 18 март 1314)[1] — 23-тиот и официјално последниот Голем мајстор на витешкиот ред Темплари, од 1292, па сѐ до укинувањето на редот од страна на папата во 1312.[2] Тој е најпознатиот темплар по основачот на редот Иг де Пајен (1070-1136). Неговата цел како Голем мајстор била да изврши реформи во редот и да ги усогласи со состојбата во Светата земја за време на намалувањето на влијанието по Крстоносните војни[3] Без преостанати крстоносни држави на кои им била потребна заштита, и со голем број на други проблеми, прашање било дали витешкиот ред на темпларите ќе опстои. Францускиот крал Филип IV убавиот, во очај го напаѓал редот, и со лажно обвинување, по донесувањето на папската була Pastoralis Praeeminentiae на 22 ноември 1307, со која се наложувало темпларите насекаде да се апсат, де Моле и уште многу други темплари биле уапсени и подоцна измачувани.[4] Кога Моле, подоцна го негирал признавањето,[4] на 18 март 1314 г, кралот Филип наредил Жак де Моле, заедно со Жофроа де Шарне, да биде запален на островот Сите на реката Сена во Париз.
Младост
[уреди | уреди извор]Денес е прифатено[5] дека Жак де Моле се родил во мало благородничко семејство, во селото Моле, во провинцијата Горна Сона, во малото гратче Витри су Манс, на границата со Горна Марна, во Франш Конте, Бургундија, каде многумина биле темплари. Неговото родно место наишло на доста контроверзи, бидејќи во Франк-Комте има друго село со име Моле, но во Јура. Во тоа време, со Бургундија управувал Ото III. Смејството на Моле било благородничко, а Сенор де Моле бил вазал на лордот од Ла Рокел, село на оддалеченост од 2 км. Најзначаен показател, кој потврдува дека Жак де Моле се родил во селото Моле, во Горна Сона е сведочењето на Јакоб Рупел (Жак де ла Рок).
Приклучувањето во редот
[уреди | уреди извор]Де Моле бил примен во редот во 1265 година во Бон од страна на Хумбер де Паиро[6], кој бил задолжен за посетителите од Франција и Англија. Во вакви околности бил присутен Амори де ла Рок, мајстор во Франција, и голем пријател на кралот Луј IX. Независно од Гијом де Боже, кој бил избран за Голем мајстор во 1273, Жак де Моле заминал на исток околу 1270 година. Целиот свој живот како темплар го поминал на исток, но се знае дека во 1285 бил во Франција. Не се познати позициите кои биле заземени. Тој се наоѓал или во Франција, или на истокот, при Опсадата на Арка[7], последната тврдина, која била освоена од опсадата предводена од Мамелуците.
Воената кариера
[уреди | уреди извор]По падот на Арка во 1291, Франките биле принудени да се повлечат на Кипар, што придонело за исчезнување на Ерусалимското Кралство. Истото го сториле и темпларите, меѓу кои биле и Жак де Моле и Теобалд Годен, дваесет и вториот Голем мајстор. За време на состанокот одржан на островот, есента 1291, де Моле се изјаснил и се посочил како реформатор на редот. Годен умрел околу 1292, препуштајќи му го раководењето со редот на де Моле, бидејќи немало други сериозни кандидати за преземање на водачката позиција.
Штом бил избран, брзата поделба на командата значела најпрвин справување со најважните проблеми. И Кипар и Киликиското кралство биле загрозени од нападите на Мамелуците. Пролетта 1293 година, де Моле тргнал на пат на запад за да се обиде да добие што е можно поголема поддршка за повторно ослободување на Светата земја. Неговата цел била да се засили одбраната на Кипар, и да се вооружат темпларите. И покрај тоа, европската поддршка на крстоносните војни сосема опаднала, па се споменувало и соединување на витешкиот ред на темпларите со витешкиот ред на болничарите. Големите мајстори на обата реда биле против соединувањето, но притисокот доаѓал од папата.
Де Моле одржал две големи советувања во Монпелје во 1293 и во Арл во 1296 година, каде што се обидел да спроведе реформи. Тој исто така развил и добри односи со европските водачи, како папата Бонифациj VIII, англискиот крал Едвард I, Јаков I и Карло II Неаполски.
Есента 1296 година, де Моле се вратил назад во Кипар за да го заштити редот од интересите на Хенри II. Овој конфликт бил започнат уште во времето на Гијом де Боже.
Од 1299 до 1303 година, де Моле ја промовирал алијансата со Монголците против Мамелуците. Планот бил да се координираат акции помеѓу христијанските витешки редови, кралот на Кипар, кипарската аристократија и Ерменија и Монголците од Илканат.
Во 1298 или 1299 година, Жак де Моле ја задржал мамелучката инвазија со помош на силите во Ерменија. И покрај тоа, кога монголскиот кан во Персија, Газан, ги поразил Мамелуците во Битката кај Вади ал Казандар во декември 1299, христијанските сили не биле подготвени да се снајдат во настанатата ситуација и да ја преземат предноста.
Во 1300 година, Жак де Моле придружуван од силите од Кипар формирал флота од 16 бродови, што подготвувала напади на египетскиот и сиријскиот брег. Силите биле предводени од кипарскиот крал Хенри II Ерусалимски, придружуван од неговиот брат, Амалрик, водачите на витешките редови и амбасадорот на монголскиот кан Газан. Бродовите пристигнале во Фамагуста на 20 јули 1300 година, со цел да ги нападнат бреговите на Египет и Сирија: Розета,[8] Александрија, Акра, Тортоза и Мараклеа пред враќањето на Кипар.[9] Нападаите биле предводени од адмиралот Бодоа де Пикгвињ. Кога нападите го затекнале градот Александрија, имало можност да се ослободат христијански затвореници, што биле заробени уште со падот на Акра во 1291 година.[10]
Бродовите тогаш се вратиле во Кипар и се подготвувале за напад на Тортоза во 1300 година. Де Моле и Кипарците испратиле здружени сили на островот Руад кој служел како попатна станица, и од кој биле подготвувани нападите за Тортоза. Намерата била да се создаде мостобран и да се почека помошта од Монголците, но Монголците не се појавиле. Истото се случило и во 1301 и 1302 година. Во септември 1302, темпларите биле потиснати од Руад по нападот од мамелучките сили од Египет, и многумина биле масакрирани и заробени на островот. Островот Руад бил загубен во Опсадата на Руад на 26 септември 1302 година. Кога Газан умрел, во 1304, сонот на Жак де Моле за брзо повратување на Светата земја станал неостварлив.
Враќањето во Франција
[уреди | уреди извор]Во 1305 година, новоизбраниот папа Климент V ги прашал водачите на вооружените витешки редови за мислење по однос на прашањето за организирање на нова крстоносна војна и соединување на редовите. Од Жак де Моле било побарано да напише два меморандума, по еден за изданијата кои ги издал во текот на летото 1306 година. На 6 јуни, водачите официјално побарале да дојдат во Поатје, каде што било седиштето на папата, за да поразговараат за работите. Состанокот во Поатје бил одложен, бидејќи папата се разболел, без за тоа да знае де Моле, кој штотуку пристигнал од Кипар, околу 15 октомври. Де Моле пристигнал во Франција кон крајот на ноември или почетокот на декември, но ништо не е познато за неговите активности во првите 5 месеци од 1307 година. Во втората половина на мај 1307 година, тој бил во Поатје, придружувајќи се на состанокот на папата. Тој влегол во конфликт со кралот Филип, бидејќи одбил двата реда да бидат соединети во еден предводен од кралот (Rex Bellator, воинствен крал). Ова го отежнало проблемот на папата со кралот, којшто сакал да му ги препише сите трошоци на папата Бонифациј VIII. По ова, обидот за организирање на нова крстоносна војна останал без успех. Овие конфликти го ослабеле витешкиот ред на темпларите со нешто што било многу сериозно. За време на своето патување низ Франција, Жак де Моле открил противења и озборувања против темпларите, па овие слабости излегле на површина. Кралот со своите помошници, меѓу кои и Гијом де Ногарет ги искористиле овие слабости.
Апсењето и спалувањето
[уреди | уреди извор]На 24 јуни 1307 година, Жак де Моле разговарал со кралот за обвинението против неговиот ред и делумно го разубедил. По враќањето во Поатје, тој го замолил папата да спроведе истрага и да го ослободи редот од озборувањата и обвиненијата кои го опкружувале. Кога папата соопштил дека истрагата е закажана за 24 август, кралот реагирал девијантно. На 14 септември, во потполна тајност, тој испратил наредба низ цела Франција, темпларите да се апсат, а нивните имоти да се одземаат, што се случило на 13 октомври 1307 година, ден петок. Жак де Моле бил уапсен во Париз, додека планирал да оди на погребот на Катерина од Валоа.
На испрашувањето спроведено од кралските пратеници на 24 октомври, Жак признал дека иницирал ритуали, вклучувајќи и „одрекување од христијанството и газење на крстот“. Тој исто така бил принуден да напише и писмо со кое бара од секој темплар да се придржува на неговата изјава. Под притисок на кралот Филип IV убавиот, на 22 ноември, папата Климент V ја издал булата Pastoralis Praeeminentiae со која барал да се апсат темпларите насекаде.
Папата сѐ уште сакал да ја чуе приказната лично од Жак де Моле, и испратил 2 кардинала во Париз, во декември 1307 година. Пред кардиналите, де Моле ги потврдил своите претходни искази. Силната борба меѓу папата и кралот продолжила, сѐ до август 1308 година, кога кралот и папата се согласиле за пресудата. Со издавањето на булата Fasciens misericordiam, постапката за прогонување на темпларите била поднесена до двојна комисија, од која, првата комисија пресудувала за поединците во редот, а втората за редот како ентитет. Ова значело, дека комисијата со седиште во Виена била задолжена да одлучи за иднината на редот на храмот, додека темпларите, меѓу кои и Жак де Моле биле под надлежност на папата. Во кралската палата во Шинон, Жак де Моле бил повторно испрашуван од кардиналите, но овој пат со присуство на кралски пратеници. Тој и понатаму се придржувал на признавањата од 1307 година. Во ноември 1309 година, папската комисија за Кралството Франција започнала со сослушувањето, на кое Жак де Моле повторно се спротивставил, тврдејќи дека не ги признава обвиненијата против неговиот ред.
Сите понатамошни противења на темпларите биле невозможни, откако надбискупот од Сен, Филип де Марињ, наредил 54 темплари да бидат запалени на клада од 10-12 мај 1310 година. На советувањето на советот во Виена на 22 март 1312 година, редот бил укинат со издавањето на булата Vox in excelso. Жак де Моле, заедно со Жофроа де Шарне, Иг де Перо и Жофроа де Гонвиј останале во затвор[11], во исчекување на конечната одлука на папата. На крајот на декември 1313 година, папата одлучил да го свика Соборот и тој да одлучи за судбината на темпларите. Кардиналите наименувани од папата, повикале доктори по теологија и канонско право да одлучат по прашањето за судбината.[11] Соборот конечно е одржан на 18 март 1314 година во Париз. Пред Соборот биле изнесени затворените темплари: Жак де Моле, Жофроа де Шарне, прецептор на Нормандија, Иг де Перо, амбасадор на темпларите во Франција и Жофроа де Гонвиј, прецептор на Аквитанија и Поату.[11] Обвинетите биле прогласени за виновни за ерес и им била пресудена доживотна затворска казна.[12] Со помислата дека сѐ е загубено и дека повторно ќе се најде во затвор, Жак де Моле се спротивставил извикувајќи дека темпларите се неивини. Во тоа му се придружил и Жофроа де Шарне, додека Жофроа де Гонвиј и Иг де Перо ја прифатиле пресудата. Кралот Филип наредил двајцата да бидат спалени на клада. Во предвечерјето, на 18 март 1314 година, Жак де Моле и Жофроа де Шарне биле однесени на островот Ил де ла Сите, на реката Сена во Париз, каде биле спалени на клада.
Има многу варијанти за тоа кои биле последните зборови на Жак де Моле. Според еден од најславните проучувачи за витезите-темплари, тие најверојатно биле следниве:
„ | Тоа е тоа, во овој ужасен ден, во последните мигови од мојот живот, треба да ги откријам сите грешности на лагата и да извојувам вистински триумф. Тогаш, признавам пред небото и земјата, и признавањето, и покрај мојот траен срам, дека извршив големи злосторства, но тоа е признание на оние кои беа целосно насочени против редот. Тврдам — и вистината ме обврзува да тврдам — дека е невин! Дадов спротивна изјава, само за да ги спречам претераните напори за мачење и да ги смирам оние кои прават да ги поднесувам. Ги знам казните кои ги задеваа сите витези кои имаа храброст да го признаат истото, но ужасната глетка која е претставена во мене не е способна да ме увери да признаам барем една лага. Животот ми понуди на така неславен начин да се откажам без жалење.[6] | “ |
Друга голема можност, која се поистоветува со претходната, а ја застапува Чарлс Адисон, ги содржи следниве зборови:
„ | Да се каже невистина е злосторство, и од страна на Бог и од страна на човекот. Ниту еден од нас не го предал Бог или неговата земја. Ја признавам мојата вина, која е содржана во мојот страв и бесчестие, страдниот јас, низ болката од мачење и стравот од смрт, да се изусти лагата вклучувајќи скандалозни гревови и грешности за славниот ред, кој достојно му служеше на христијанството. Презирам и барам бедна и нечесна егзистенција, калемејќи лага до вистинската грешност.[13] | “ |
Во 2002 година, Барбара Фрејл нашла копија од шинонскиот пергамент, во тајните архиви на Ватикан. Овој документ експлицитно поврдува, дека папата Климент V ги ослободил Жак де Моле и другите водачи на редот во 1308 година. Овој наод таа го издаде во списанието за средновековна историја во 2004 година.[14]
Легенди
[уреди | уреди извор]Освојувањето на Ерусалим
[уреди | уреди извор]Во 19 век, во Франција се зборувало дека Жак де Моле го освоил Ерусалим во 1300 година. Точното потекло на овие погрешни кажувања не е познато, иако можно е да се поврзани со средновековниот историчар, Темплар од Тир, кој еден монголски генерал, којшто во почетокот на 1300 ги окупирал Сирија и Палестина го нарекол „Мулеј“.
Има бројни записи за монголските напади и освојувања на Ерусалим (и од западни, ерменски и арапски извори), и Монголците извојувале победа во Сирија која довела до повлекување на муслиманите и им овозможило на Монголците да подготвуваат напади на Левант, околу Газа во првите неколку месеци од 1300 година. Во тоа време, започнале да се шират гласини дека Монголците го освоиле Ерусалим и биле подготвени да им го вратат градот на Европејците. И покрај тоа, ова најверојатно била урбана легенда, бидејќи нападите на Монголците биле само незначителни потреси на Палестина, што сигурно не резултирале со освојување на Ерусалим, мал град со не толку големо стратешко значење во тоа време, кој сѐ уште бил потресен од борбите од минатото.[15][16]
Торинското платно
[уреди | уреди извор]Двајца масонски историчари, Кристофер Најт и Роберт Ломас напишале контроверзна книга, со наслов Вториот месија: Темплари, Торинското платно и големата тајна на слободната масонерија, која што го изнесува податокот дека Торинското платно е всушност слика на Жак де Моле, а не на Исус Христос, како што се верувало. Тие сметале дека, кога Филип IV и папата Климент V го укинале редот на темпларите, еден од иследниците на францускиот крал, Гијом де Ногарет, го мачел и распнал де Моле, нешто слично како што бил распнат Исус. Тогаш тој ја завиткал главата на Моле со парче облека, а од главата се направил отпечаток на парчето. Авторите тврдат дека една од причините поради која темпларите биле забранувани е тајната за вистината на Исус Христос, која тие ја знаеле, а која дотогаш била криена и менувана од страна на католичката црква. Како што велат Најт и Ломас, Исус не се признавал како Бог, туку како еврејски напори да го основаат божјото царство на Земјата, и дека на првата церемонија на темпларите, тие негирале дека Исус е Бог.[17][18]
Покрај сугестиите на Најт и Ломас, постои поврзаност меѓу потеклото на Торинскиот покров и темпларите. Вдовицата на Годфрој де Шарни Жан де Верги е првиот вистински сопственик на Торинскиот покров; неговиот чичко Жофроа де Шарне бил прецептор на Нормандија за темпларите. Овој Жофроа де Шарне е истиот оној, кој заедно со Жак де Моле бил запален на клада на 18 март 1314 година, кога и двајцата ја потврдувале својата невиност во сите случаи.
Клетвата
[уреди | уреди извор]Се вели дека Жак де Моле го проколнал кралот Филип IV Убавиот и неговите наследници, од кладата на којашто бил запален. Всушност, брзата смена и краткото владеење на претставниците на династијата Капети, на тројцата синови на Филип IV убавиот меѓу 1314 и 1328 година, водело до мислење дека династијата е проколната, а тие биле наречени „Проколнатите кралеви“ (Les Rois Maudits). Исто така, де Моле веројатно ги предизвикал кралот и папата да се сретнат пред Бога, пред крајот на годината, иако оваа приказна не е анализирана со ниту едно совремeno значење на извршувањето на спалувањето на Жак де Моле. И кралот Филип и папата Климент умреле во истата таа 1314 година, како и де Моле. Триста години старата династија Капети го изгубила престолот во наредните 14 години. Овие настани се основа за „Проколнатите кралеви“, серија на историски романи од Морис Друон. Кралот Луј XVI бил потомок на Филип убавиот, по неговата внука, кралицата Жана II од Навара. Имено се смета дека клетвата го погодила и Луј XVI. На 21 јануари 1793 година, неколку моменти по неговото обезглавување, еден човек скокнал на платформата и со кренати раце извикал: „Жак де Моле, сега си одмазден“.[19][20]
Според историчарот Малколм Барбер, кој се смета за најголем познавач на витезите-темплари:
варијанта на оваа приказна раскажал и тогашниот хроничар Ферето од Виченца, кој ја развил идејата за Неполитански темплари донесена пред папата Климент V, кого тој го обвинил за неправда. Нешто подоцна, кога требало да биде убиен, тој апелирал „од ова твое грозоморно судење, до живиот и праведен Бог, кој е на небото“, предупредувајќи го папата, дека во рок од една година и некој ден, тој и Филип IV ќе бидат обврзани да одговараат за нивниот криминал пред Бога. (Ферето од Виченца, 'Historia rerum in Italia gestarum ab anno 1250 as annum usque 1318', околу 1328).[21]
Присуството во Англија
[уреди | уреди извор]Некои теории потврдуваат дека Жак де Моле бил командант на Англија и дека поминал голем дел од својот живот во оваа земја. Но, сепак, според најдобрите издадени биографии за Жак де Моле до денес[22], не може да се каже ништо со сигурност околу тоа. Жак де Моле бил во Англија во 1293 година, но неверојатно е дека станал мајстор или командант на редот.
Создавање на масонството
[уреди | уреди извор]Една група од масонски приврзаници го зеле името на де Моле (DeMolay International) како име на нивната организација. Членовите на организацијата велат дека искажале почит кон последниот Голем мајстор на витезите-темплари, како пример за лојалност и верност, но негираат директна врска со историски личности, или пак со витезите-темплари. Шкотскиот ред, инспириран од Моле, претставува симбол за желбата за одмазда против општеството коешто сака слободни масони.
Користена литература
[уреди | уреди извор]- Малколм Барбер, Процесот на темпларите, 2002
- Алан Демургер, Жак де Моле- Мракот на темпларите, Biographie Payot, 2002 ISBN 2-228-89628-4
- Жорж Бордонове, Трагедијата на темпларите, Editions Pymalion, 1993
- Жил Мишел, Процесот на темпларите, Париз, 1987 (трето издание), втор дел. ISBN 978-2-7355-0152-6.
- Етјен Балуз, Vitæ Paparum Avenionensium, Ж.Мола, Париз.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Демургер, стр. 1-4
- ↑ Жак де Моле, Католичка енциклопедија
- ↑ NationMaster.com Енциклопедија: Жак Де Моле (англ.) Архивирано на 31 мај 2010 г..
- ↑ 4,0 4,1 „NationMaster.com Енциклопедија: Жак Де Моле (англ.)“. Архивирано од изворникот на 2010-05-31. Посетено на 2008-12-14.
- ↑ Видете за презентираното за Жак де Моле, Демургер во користена литература, стр. 21-23
- ↑ 6,0 6,1 Жак де Моле Архивирано на 30 ноември 2007 г., службено мрежно место. Дополнето на 15 април 2007.
- ↑ Некои историчари сметаат дека не бил во Арка за време на падот на градот, додека други сметаат поинаку. Но, сепак нема белешки ни од двете страни.Жак де Моле - Мракот на темпларите, Алан Демургер, 2002, стр. 83 (ISBN 2-228-89628-4)
- ↑ Демургер, стр. 147
- ↑ Шајн, 1979, стр. 811
- ↑ Жан Ришар, стр. 481
- ↑ 11,0 11,1 11,2 Витези темплари: Историјат и митови на легендарниот витешки ред, Шон Мартин, 2005, стр. 122 (ISBN 1-56025-645-1)
- ↑ Извонредно одвратни злосторства: Испрашувањето на витезите темплари, Едвард Бармен, 1994, стр. 269
- ↑ Темпларска историја Архивирано на 25 декември 2008 г., мрежно место за историјата и митовите за витезите-темплари.
- ↑ Фрејл, Барбара (2004). „Шинонски дел - Папското ослободување на последниот темплар, мајсторот Жак де Моле“. Списание за средновековна историја. 30 (2): 109–134. doi:10.1016/j.jmedhist.2004.03.004.
- ↑ Демургер, Последниот темплар
- ↑ Шајн, „Gesta Dei per Mongolos“
- ↑ Christopher Knight and Robert Lomas, The Second Messiah: Templars, the Turin Shroud and the Great Secret of Freemasonry, Century, 3 април 1997, стр. 161 ISBN 978-0-7126-7719-6
- ↑ „The Templars and the Shroud of Turin“. Архивирано од изворникот на 2009-09-01. Посетено на 2009-09-29.
- ↑ „Света крв, свет грал“, Бејџент, Ли и Линколн, стр. 51
- ↑ Витези темплари: Историјат и митови на легендарниот витешки ред, Шон Мартин, 2005, стр. 9 (ISBN 1-56025-645-1)
- ↑ Малколм Барбер, Новото витештво: Историја на редот на темпларите (Cambridge University Press, 1993).
- ↑ Жак де Моле-Мракот на темпларите, Демургер (видете во користена литература)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Жак де Моле“ на Ризницата ? |
- Шинонскиот прагмент, содржи отстранување од должноста на Жак де Моле
- Приказната за Жак де Моле Архивирано на 30 ноември 2007 г.
- Историска статија за Жак де Моле Архивирано на 25 декември 2008 г.
- The Catholic Статија на Католичката енциклопедија за Жак де Моле
- Мрежно место со слики од местото на кое Големиот мајстор Жак де Моле бил спален на клада Архивирано на 14 мај 2008 г.
- Повеќе податоци за Жак де Моле
Претходник Теобалд Годен |
Голем мајстор 1292–1314 |
Наследник -- |
Статијата „Жак де Моле“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |
|