Герлиц
Герлиц | |
Црква Свети Петар и Павле и Вајдхаус на реката Ниса во Герлиц | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Саксонија |
Округ | Герлиц |
Градски единици | 10 градски и 8 селски квартови |
Градоначалник | Јоаким Паулик |
Основни податоци | |
Површина | 67,22 км2 |
Надм. височина | 199 м |
Население | 56.574 (31 декември 2022)[1] |
- Густина | 842 жит/км2 |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Рег. табл. | GR |
Пошт. бр. | 02826–02828 |
Повик. бр. | 03581 |
Портал | goerlitz.de |
Местоположба на градот Герлиц во рамките на округот Герлиц | |
Координати | 51°09′10″N 14°59′14″E / 51.15278° СГШ; 14.98722° ИГД |
Герлиц (германски: Görlitz, полски: Zgorzelec, шлески: Gorlice, горнолужички: Zhorjelc, долнолужички: Zgórjelc, чешки: Zhořelec) — град во Германија, најисточен град во државата, кој се наоѓа на реката Лужичка Ниса во сојузната покраина Саксонија. Се наоѓа од спротивната страна на полскиот град Згожелец, кој бил дел од Герлиц до 1945. Историски, Герлиц бил регион во Горна Лужица. Меѓутоа, во 1815, некои делови на Лужица биле припоени кон Шлеска, а подоцна и кон покраината Долна Шлеска. Герлиц е најголемиот град на поранешната покраина Долна Шлеска, кој се наоѓа западно од линијата Одра-Ниса и затоа денес останал во Германија. Во својата душа, градот е повеќе шлески и најголемиот таков град во Германија денес. Ова е неправедно, бидејќи градот бил во голема мерка обликуван за да се вклопи со остатокот на Шлеска, кога бил административно дел од неа. Градот претставува административно седиште на истоимениот округ. Градот ги применува лужичките и шлеските традиции, како и германската и лужичкосрпската култура под влијание на близината на Полска.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Како мало лужичкосрпско село именувано Горелиц (Gorelic) во областа на Горна Лужица, станало дел од Кралството Полска, во текот на освојувањето на Лужица од страна на Болеслав Храбриот. По неговата смрт, градот паднал под владение на Грофовијата Бранденбург и потоа под Бохемија. Датумот на основање на градот не е познат. Меѓутоа, Горелиц (Goreliz) бил првпат споменат во документ од кралот на Германија, подоцна и свет римски цар, Хајнрих IV во 1071. Овој документ го доделил Герлиц на Бискупијата од Мајсен, тогаш под бискупот Бено од Мајсен. Моментално, овој документ може да се најде во покраинскиот архив на Саксонија во Дрезден.[3] Потеклото на името Герлиц е изведено од словенскиот збор за „запалена земја“,[4] однесувајќи се на техниката за чистење на земјата за нејзино населување. Згожелец и чешкото Zhořelec го имаат истото изведување. Во XIII век, селото постепно станувало град. Поради неговата местоположба на Вија Регија, на древниот и средновековниот трговски пат, населбата доживеала развој.
Во следните векови, Герлиц бил богат член на Горнолужичкиот Сојуз, која се состоела од Бауцен, Герлиц, Каменц, Лаубан, Лебау и Цитау. Во 1352, во текот на владеењето на Казимир III, жители на Герлиц го основале градот Горлице во јужна Полска, близу Краков.
протестантската реформација дошла во Герлиц во раните 1520-ти и од последната половина на XVI век, градот и околината, станале скоро целосно лутерански.
По страдањето низ годините во Триесетгодишната војна, регионот на Горна Лужица (вклучувајќи го и Герлиц) бил доделен на Електоратот Саксонија во 1635. По Наполеоновите војни, Виенскиот конгрес во 1815 го преместил градот од Кралство Саксонија на Кралство Прусија. Потоа, Герлиц бил администриран во рамките на покраината Шлеска, а по Првата светска војна во Долна Шлеска, до 1945.
Кон крајот на Втората светска војна, германските трупи ги уништиле сите мостови над Лужичка Ниса. Прецртувањето на границите во 1945 — особено преместувањето на германско-полската граница по линијата Одра-Ниса — го поделила градот. Десниот брег станал дел на Полска и бил именуван Згожелец во 1948, додека главниот дел на левиот брег останал како дел на Германија, сега во рамките на покраината Саксонија. Кога покраините во Источна Германија биле распуштени во 1952, Герлиц станал дел од округот Дрезден, но покраините биле обновени по повторното обединување на Германија во 1990.
На 27 јуни 1994, градот станал седиште на римокатоличката бискупија Герлиц, но останал протестантско упориште.
Во 2002, езерото Берцдорф, кое се наоѓа јужно од Герлиц, почнало да поплавува. Altstadtbrücke (буквално мост на стариот град) помеѓу Герлиц и збратимениот град Згожелец се срушил, кој бил повторно изграден помеѓу 2003 и 2004. Официјално бил отворен на 20 октомври 2004. Кога Полска го потпишала Шенгенскиот договор (20 декември 2007), движењето помеѓу двата брега на реката повторно биле неограничено, откако биле отстранети граничните контроли. Всушност, новиот пешачки мост им укажува на пешаците дека излегуваат од една, а влегуваат во друга земја.
Иако градот отсекогаш бил добро зачуван, сепак постепено станал сив и безбоен под власта на Источна Германија. По повторното обединување, многу згради биле обновени и сега се „поубави“, дури и за лаиците. Тој е популарно место за пензионираните лица, бидејќи е тивок и релативно прифатлив за германски стандарди. Неговиот туристички потенцијал е во постојан пораст, станувајќи во голема мерка, источен противник на градови, како што е Хајделберг.
Култура
[уреди | уреди извор]Денес, Герлиц и Згожелец, двата града на спротивните брегови на тесната река, заеднички соработуваат. Два моста повторно се изградена, воспоставена е автобуска линија, која ги поврзува германските и полските делови на градот и постои заедничко водење на урбанистичките работи, како и здружени заеднички заседанија на двата градски совета.
Градот има богато архитектонско наследство (готика, ренесанса, барок, историзам, сецесија), кое не било - за разлика од повеќето други германски градови - уништено во време на Втората светска војна. Еден пример на ова богато архитектонско наследство е Шенхоф, која е една од најстарите ренесансни градби во Германија. Друго средновековно наследство е моделот на Светиот гроб, кој бил изграден во доцниот 15 век.
Во 2006, двата града Герлиц/Згожелец се пријавиле за титулата европска престолнина на културата 2010 г. Се надевале дека концептот на полско-германската соработка ќе биде доволен да го убеди жирито, но сепак Есен ја освоил титулата. Герлиц бил на второто место. Како резултат на кампањата, Герлиц бил именуван за престолнина на културата со цел за продлабочување на германско-полските односи и за привлекување на туристи од целиот свет.
Бидејќи Герлиц бил дел од Шлеска од 1815, во градот се наоѓа музеј посветен на регионот (Schlesisches Museum zu Görlitz), па дури се одржува и Шлески музички фестивал (Schlesisches Musikfest). Исто така, Герлиц е седиште на Шлеската младинска група (Schlesische Jugend). Исто така, во Герлиц постои и весник наречен Долношлески курир (Niederschlesischer Kurier).
Сообраќај
[уреди | уреди извор]- VGG (Verkehrsgesellschaft Görlitz) Архивирано на 8 јануари 2019 г. обезбедува автобуски и трамвајски линии низ градот.
- PKS (polnische Verkehrsgesellschaft (Полска сообраќајна компанија)) Архивирано на 10 март 2012 г. обезбедува автобуски линии помеѓу Герлиц и неговиот полски збратимен град Згожелец.
Железничката станица Герлиц е на железничките линии Берлин-Герлиц и Дрезден-Герлиц на Deutsche Bahn. Станицата, исто така, обезбедува меѓународна железничка линија до Вроцлав, Полска.
Герлиц во филмовите
[уреди | уреди извор]Поради историските делови на градот, многу продуценти на филмови ги користат различните локации како места за најразлични сцени. Денес, најпознат пример е Квентин Тарантино, кој го снимал делот Stolz der Nation (Гордост на нацијата) на Неславни копилиња (во кој патем се тврди дека е во Сицилија) на Унтермаркт и Обермаркт во најстарите делови на градот. Исто така, тинејџерските години на Читачот биле снимени во градот, работите на обновите го направиле снимањето многу тешко.
Луѓе
[уреди | уреди извор]- Јакоб Беме (1575–1624), мистичар
- Јохан Кристоф Броце (1742–1823), просветител
- Павле Јуришиќ Штурм (1848–1922), српски воен генерал
- Емил Јанингс (1884–1950), прв глумец кој добил Оскар за најдобар главен глумец
- Оливие Месијан (1908–1992), музичар, професор по мелодичност на Парискиот конзерваториум
- Оскар Моргенстерн (1902–1977), економист
- Ханс-Јирген Дернер (роден 1951), фудбалер и тренер
- Валтер Томас Хајн (роден 14 ноември 1953), композитор
- Торстен Гичов (роден 1962), фудбалер
- Јенс Јеремис (роден 1974), фудбалер
- Михаел Балак (роден 1976), фудбалер
- Ларс Кауфман (роден 1982), ракометар
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Внатрешноста на Свети Петар и Павле со нејзините познати „Sonnenorgel“ (сончеви оргули).
-
Schönhof (Шенхоф), најстарата ренесансна градба во Герлиц.
-
Внатрешноста на една продавница во модерен стил
-
Излезен железнички печат на поранешната Источна Германија од Герлиц.
-
Печат во пасош од повторно обединета Германија.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Тековно население по општини во 2022 г.“. Статистичка служба на Саксонија. 2024. (германски)
- ↑ Joachim Bahlcke: Schlesien und die Schlesier, p. 214, ISBN 3-7844-2781-2
- ↑ Герлиц и Бискупија Мајсен—http://www.findcity.de/02826ca/?p=00000002 Архивирано на 20 мај 2007 г.
- ↑ „Имиња на местата во светот“ од Адријан Рум, McFarland Pub. 2003 стр. 140
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Герлиц“ на Ризницата ? |
- Официјална страница
- Извештај од Дојче Веле
- (полски) Згожелец Архивирано на 19 август 2013 г. во Географскиот речник на Кралство Полска (1895)
|