Олег Блохин (украински: Олег Володимирович Блохін; р. 5 ноември1952 во Киев) — поранешен советски фудбалер кој моментално работи како фудбалски тренер во Украина. Тој долги години бил селектор на фудбалската репрезентација на Украина,[1] а денес работи како екипен менаџер на Динамо Киев.[2] За време на својата играчка кариера, тој играл на позицијата најистурен напаѓач во Динамо Киев и во фудбалската репрезентација на СССР. Во 1975 г. го добил признанието „Најдобар европски фудбалер“, со што станал првиот Украинец носител на такво признание.
Блохин во два наврати бил избран за пратеник во Врховната рада на Украина, и тоа на парламентарните избори во 1998 и 2002. Негова сопруга била украинската гимнастичарка и светски шампион Ирина Дерогина, со која се развел во раните 1990-ти. Со неа ја има ќерката Олевна Блохина, која ја компонирала химната на Европско првенство во фудбал 2012.