Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Прејди на содржината

Јукатан

Координати: 18°50′42″N 89°07′32″W / 18.84500° СГШ; 89.12556° ЗГД / 18.84500; -89.12556
Од Википедија — слободната енциклопедија
Јукатан на карта на Средна Америка
Сателитска снимка на полуостровот
Cantarell

Јукатан (шпански: Yucatán) — полуостров на југоистокот на Мексико кој го дели Карипското Море од Мексиканскиот Залив со северниот брег на Јукатанскиот Проток. Полуостровот е сместен источно од теснецот Тевантепек кој ја двои Средна од Северна Америка.

На полуостровот се сместени сојузните држави Јукатан, Кампече, и Кинтана Ро во Мексико, северниот дел од Белиз и департманот Петен на северот на Гватемала.

Потекло на името

[уреди | уреди извор]

Потеклото на името на полуостровот е недоволно јасно. Во своите преписки со светиот римски цар Карло V, Ернан Кортес вели дека името настанало од недоразбирање — дека кога првите шпански истражувачи прашале како се вика областа кајшто се наоѓаат, мештаните им одговориле со јукатан, што на јукатански мајански значи „не разбирам.“ [1][2] Други пак, сметаат дека потекнува од ацтечкиот поим Јокатлан, што значи „богато место“,

Население

[уреди | уреди извор]

Полуостровот опфаќа значаен дел од низински краишта на Маите (иако мајанската култура се протегала и јужно полуостровот Јукатан, во денешна Гватемала, Хондурас и високите предели на Чијапас) и затоа има многу археолошки наоѓалишта. Попознати се Чичен Ица, Тулум и Ушмал.[3] Голем дел од населението се состои од домородни Маи и местици. Мајанските јазици нашироко се говорат на полуостровот.

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Во минатото, стопанството на полуостровот се засновало претежно на сточарство, добивање дрвена граѓа, смоларење (чикле) и одгледување на влакнодајното растение хенкен. Почнувајќи од 1970-тите, вештачките материјали ги замениле смолата и хенкенот, па стопанството се насочило кон туризмот, особено во сојузната држава Кинтана Ро. Така, Канкун во североисточниот дел од полуостровот прераснал од рибарско село во развиен град. Источниот брег помеѓу Канкун и Тулум има многу развиен туризам и се нарекува „Мајанска Ривиера. Други познати туристички места се Плаја дел Кармен, еколошките паркови Шкарет и Шел-ха и мајанските рушевини во Тулум и Коба.

Геологија

[уреди | уреди извор]

Полуостровот е впрочем изложениот дел од поголемата Јукатанска Плоча која се состои од карбонатни и растворливи карпи од претежно варовничи карактер, со доломит и евапорити на разни длабочини. Целиот полуостров се сосои од рамни карстни предели. Во северниот дел често се среќаваат вртачи наречени „сеноти“.

Според Алварезовата хипотеза, масовното изумирање на диносаурусите на преодот од кредата кон палеогенот, („граница К–Т“) се должи на удар од астероид некаде на поширокото карипско подрачје пред околу 66 милиони години. Кратерот од овој удар, наречен Чикшулуб, е со средиште во морето околу Јукатан, но опфаќа и дел од копното.

Поради крајно карстниот карактер на целиот полуостров, северната половина нема никакви реки. Онаму кајшто има езера и мочуришта, водата не е погодна за пиење. Поради крајбрежната полоба, целиот полуостров седи врз огромен издан, каде слатка вода од дождовница плива врз слој солена вода од брегот. Подземната вода е достапна преку илјадниците вртачи наречени сеноти кои од памтивек ги снабдувале Маите со вода.[4]

Растителност

[уреди | уреди извор]

На Јукатан преовладуваат ниски и високи дождовни шуми. Пограничниот дел помеѓу северна Гватемала (Петен), Мексико (Кампече и Кинтана Ро) и западен Белиз и денес е прекриен со најголемите непрекинати тропски дождовни шуми во Средна Америка, иако истите во голема мера страдаат од обесшумување.[5]

Како и остатокот од Карибите, полуостровот е сместен во атлантскиот урагански појас и е мошне изложен на големи бури од исток поради нискиот терен. Невремето може да дојде во било кој дел од годината, со обилни дождови и силни ветришта, но не трае долго. Просечните месечни врнежи се движат од 7% од деновите во април до 25% од деновите во октомври. Како разладувач се јавуваат послабите ветрови. Влажностста на воздухот е висока, особено во пределите со дождовни шуми.[6]

  1. Cartas y relaciones de Hernan Cortés al emperador Carlos V. Paris: A. Chaix y ca. 1866 page 1 footnote 2. Посетено на 2010-12-13. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  2. „Ibero-American Electronic Text Series: Primera Carta de Relación, PREÁMBULO“ (шпански). Board of Regents of the University of Wisconsin System. 1945. Посетено на 2010-12-13.
  3. „Yucatan map“.
  4. BBC: Planet Earth, part 4: Caves.
  5. [1]
  6. [2][мртва врска]

Литература

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

18°50′42″N 89°07′32″W / 18.84500° СГШ; 89.12556° ЗГД / 18.84500; -89.12556