Виктор Васнецов
Виктор Васнецов Виктор Васнецов | |
---|---|
Автопортрет од 1873 г. | |
Роден(а) | 15 мај 1848 Лопјал, Вјатска Губернија, Руска Империја |
Починал(а) | 23 јули 1926 Москва, СССР | (возр. 78)
Образование | Империјална академија на уметностите |
Познат(а) по | сликарство |
Значајни дела |
|
Правец | симболизам; историско сликарство, передвижници |
Покровители |
|
Виктор Михајлович Васнецов (руски: Виктор Михайлович Васнецов; 15 мај 1848 – 23 јули 1926) — руски уметник, мајстор на митското и историското сликарство. Се смета за соосновач на руското фолклористичко и националромантичарско сликарство,[1] како и клучна личност во рускиот стил во архитектурата.
Животопис
[уреди | уреди извор]Детство (1848–1858)
[уреди | уреди извор]Васнецов е роден во 1848 г. во зафрленото село Лопјал во Вјатската Губернија. Бил втор од седум деца (единствената сестра починала на возраст од 4 месеци).[2][3] Татко му Михаил (1823–1870) бил поп со склоност кон филозофијата, природните науки и астрономијата. Дедо му бил иконописец. Виктор и Аполинариј станале истакнати уметници, тројца браќа станале наставници, а еден станал фолклорист.[4] Виктор почнал да слика во Лопјал, претежно предели и сцени од селскиот живот.
Вјатка (1858–1867)
[уреди | уреди извор]На десетгодишна возраст Виктор се запишал во богословија во Вјатка (денес Киров). Летата семејството ги проведувало во богатото трговско село Рјабово. Додека учел богословски науки работел и за месен продавач на икони. Исто така му помогнал на протераниот полски уметник Михал Елвиро Андриоли во живописувањето на фрески во катедралата „Св. Александар Невски“ во Вјатка.
Откако ја завршил богословијата, Виктор решил да се пресели во Санкт Петербург и да учи ликовно образование. За да собере доволно пари за Петербург, тој ги продал неговите слики Жетварка и Млекарка (обете 1867) на наддавање.
Санкт Петербург (1867–1876)
[уреди | уреди извор]Во август 1867 г. се обидел да се запише на Империјалната академија на уметностите, но успеал дури следната година.[5] Веќе во 1863 г. група од четиринаесет студенти ја напуштиле академијата проади ограничувачките правила кои владееле. Од ова се изродило движењето на передвижниците, кои му се спротивставувале на академизмот со нивниот реализам.
Васнецов се спријателил со нивниот водач Иван Крамској уште пред да стапи во академијата, и го сметал за негов учител. Станал и мошне близок со колегата Иљја Репин.
Иако подоцна станал познат по историските и митските тематики, Виктор во почетокот ги избегнувал по секоја цена. Академијата го наградила со мал сребрен медал за скицата Христос и Понтиј Пилат пред народот.
Во почетокот на 1870-тите изработил поголем број гравури на кои е претставено современото секодјевие. Две од нив (Книжар од 1870 и Момче со шише вотка од 1872 г.) биле наградени со бронзен медал на Светската изложба во Лондон (1874).
Во овој период почнал да изработува битови слики во масло. Делата Просјаците-пејачи (1873) и Од стан во стан (1876) наишле на добар прием во демократските кругови на руското општество.
Париз (1876–1877)
[уреди | уреди извор]Во 1876 г. Репин го поканил Васнецов да ѝ се приклучи на передвижничката колонија во Париз. Додека живеел во Франција, Виктор ги изучувал класичните и современите ликовни дела, како академистичките, така и импресионистичките. Во овј период ја насликал Акробати (1877), изработувал графики и изложувал свои дела во Салонот во Париз. Додека бил таму се заљубил во бајковитите теми, па почнал да работи на Иван Царевич на Сивиот Волк и Жар-птица. Самиот Васнецов позирал како Садко во славната Репинова слика Садко во Подводното Царство. Во 1877 г. се вратил во Москва.
Москва (1877–1884)
[уреди | уреди извор]Кон крајот на 1870-тите Васнецов се задржал на илустрирање на руски бајки и епопејата „Билина“. Меѓу нив се некои од неговите најпознати дела: Витез на раскрсница (1878), По битката на Игор Свјатославич (1878), Три принцези на подземното царство (1884), Летечкиот килим (1880) и Аљонушка (1881).
Делата за жал не биле ценети кога ги открил за јавноста. Многу радикални критичари ги отфрлиле како подривачи на реалистичките начела на передвижниците. Дури и истакнатите познавачи како Павел Третјаков не сакале да ги купат. Сликите на Васнецов влегле во мода во 1880-тите, кога тој ѝ се навратил на духовната тематика и изработил низа икони за ликовната колонија во Абрамцево која ја држел неговиот покровител Сава Мамонтов.
Киев (1884–1889)
[уреди | уреди извор]Во 1884–1889 г. Васнецов добил порачка да наслика фрески во катедралата „Св. Владимир“ во Киев. Овоа бил предизвикувачки потфат кој им пркосел како руските, така и западните иконографски традиции. Влијателниот ликовен критичар Владимир Стасов ги нарекол „светогрдно играње со верските чувства на рускиот народ“. Друг популарен критичар, Димитриј Философ, овие фрески ги нарекол „првиот мост преку 200-годишниот јаз кој ги дели различните класи на руското општество“.
Додека живеел во Киев, Васнецов се спријателил со Михаил Врубељ, кој исто така бил задолжел за украсување на катедралата. Како помлад, Врубељ научил многу од ова соработка со Васнецов. Во истиот град конечно го завршил делото Иван Царевич на Сивиот Волк и запончал да работи на неговата најпозната слика — Богатирите.
Во 1885 г. ја посетил Италија. Истата година работел на сценографија костимографија за операта „Снегурочка“ на Николај Римски-Корсаков.
Подоцнежни години (1890–1926)
[уреди | уреди извор]Следните две десетлетија биле мошне плодни. Во овој период сè почесто творел во други медиуми. Во 1897 г. заедно со брат му Аполинариј работеле на сценографијата за премиерата на Садко од Н. Р. Корсаков.
Кон почетокот на XX век Васнецов го разработил неговиот бајковит руски стил на архитектура. Прво позначајно дело во овој стил била црква во Абрамцево (1882), проектирана во соработа со Василиј Поленов. Во 1894 г. ја проектирал сопствената куќа во Москва. Во 1898 г. следел рускиот павилјон на Светската изложба во Париз. Во 1904 г. Васнецов го проектирал неговото најпознато „бајковито“ дело — фасадатата на Третјаковската галерија.
Помеѓу 1906 и 1911 г. Васнецов ги осмислил мозаиците на катедралата „Св. Александар Невски во Варшава“; зел учество и во нацртите за катедралата „Св. Александар Невски во Москва“.
Во 1912 г. царот Николај II му доделил на Васнецов благородничка титула. Во 1914 г. изработил ликовно решение за таксена марка наменета за доброволни прилози за настраданите во Првата светска војна.
Дури и пред Руската револуција, Васнецов се посветил како намесник во Третјаковската галерија. Посветил значаен дел од сопствените приходи во набавка на експонати за Државниот историски музеј. По Октомвриската револуција се залагал за отстранување на верските слики (особено оние на Александар Иванов) од црквите и нивно преместување во Третјаковската галерија.
Во 1915 г. Васнецов учествувал во осмислувањето на униформите за руската парада на победата во Берлин и Цариград. Се смета за творец на капата „будјоновка“ (првично наречена богатирка), која ги имитира цуцулестите шлемови од времето на Киевска Русија.
Починал во 1926 г. во Москва на возраст од 78 години.
Во 1978 г. Људмила Журављова го открила астероидот 3586 Васнецов, кој го нарекла по браќата Виктор и Аполинариј.[6]
Дела
[уреди | уреди извор]-
Од стан во стан (1876)
-
Летечкиот килим (1880)
-
Иван Царевич на Сивиот Волк (1889)
-
Аљонушка (1881)
-
Три принцези на подземното царство (1884)
-
Четирите јавачи на Апокалипсата (1887)[7]
-
Царот Иван Грозни (1897)
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Васнецов, Виктор Михайлович“. Кругосвет. Посетено на 1 јануари 2011.
- ↑ „Богатырь русской живописи“. centre.smr.ru. Архивирано од изворникот на 3 март 2016. Посетено на 1 јануари 2011.
- ↑ Васнецова, О. А. (Ольга А.) (2019). Васнецовщина. Москва. стр. 46–47, 63. ISBN 978-5-6042722-0-6. OCLC 1222809052.
- ↑ Васнецова, О. А. (Ольга А.) (2019). Васнецовщина. Москва. стр. 64, 78, 88–89, 98. ISBN 978-5-6042722-0-6. OCLC 1222809052.
- ↑ Ярославцева, Нина Александровна (1987). Виктор Михайлович Васнецов: Письма. Дневники. Воспоминания. Суждения современников. Москва: Искусство. стр. 475.
- ↑ Schmadel, Lutz D. (2003). Dictionary of Minor Planet Names (5th. изд.). New York: Springer Verlag. стр. 301. ISBN 3-540-00238-3.
- ↑ 7,0 7,1 Фреска на Васнецов во катедралата „Св. Владимир“ во Киев.
- ↑ Ова е најславната слика на Васневоц, на кој се прикажани јуначките витези Добриња Никитич, Иљја Муромец и Аљоша Попович.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Виктор Васнецов“ на Ризницата ? |
- Мрежно место посветено на Васнецов Архивирано на 3 март 2021 г. (руски)
- Фондација „Васнецови“ (руски)
- Виктор Васнецов — Голема руска енциклопедија (руски)
|
- Родени во 1848 година
- Починати во 1926 година
- Руски сликари
- Симболистички сликари
- Передвижници
- Руски архитекти
- Христијански уметници
- Руски пронаоѓачи
- Апсолвенти на Империјалната академија на уметностите
- Редовни членови на Империјалната академија на уметностите
- Историски уметници
- Илустратори на сказни
- Починати во Москва