Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Прејди на содржината

Епископ

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Владика)

Епископ или епарх[1] или владика[2] (грчки: επίσκοπος, епископос = старешина, надзорник, старател, чувар, од епискептомаи = посматра, надзира, посетува, чува) – лице од повисок ред во хиерархијата на православната црква што раководи со свештениците во едно црковноадминистративно подрачје.[3] Епископот е духовен достоинственик во многу христијански цркви и има духовна и административна управа на една одредена територија која опфаќа локални општини кои во православните цркви се нарекуваат парохии. Административна единица на еден епископ обично се вика епископија или епархија.

Во Новиот завет

[уреди | уреди извор]
Св. Рафаел, епископ Бруклински

Во почетокот на христијанството, Господ Исус Христос ја пренел свештеничката, учителската и пастирска власт (и обврска) на апостолите и нивните наследници за сите времиња. Овие наследници на апостолската служба (кои ги поставиле самите апостоли) биле најблиските ученици на апостолите и нивни помошници во секојдневниот труд (Тимотеј, епископ Ефески и Тит, епископ Критски, биле ученици на светиот апостол Павле, а Поликарп Смирнски и Игнатиј Богоносец, ученици на светиот апостол и евангелист Јован Богослов). На тој начин востановено е преемството (наследност, наследување) меѓу апостолите и првите управители на христијанските заедници.

Токму овие црковни настојатели се наречени епископи и се одликувале со високи морални особини, длабоко познавање и проникување во христијанските догмати, како и иксуство во управување и служење на црквата. Во Новиот завет, самиот збор епископ се среќава пет пати:

  • 1 Пет 2,25
  • Дап 20,28
  • Флп 1,1
  • 1 Тим 3.2
  • Тит 1,7

Технички, во Новиот завет не постои јасно разграничување помеѓу епископот и презвитерот (свештеникот). Тоа е затоа што епископите во својата суштина се свештеници со посебно достоинство и хиротонија, од каде произлегува и нивната посебна улога во црквата. На пример, епископите ги наградуваат презвитерите и ракополагаат достојни кандидати за презвитер (1 Тим 5,17).

Првите епископи на црквата

[уреди | уреди извор]

70 ученици кои Исус Христос лично ги одбрал (Лука 10,1) биле првите епископи на црквата. Често патувале и ги менувале местата на своите седишта заради прогонот од страна на римските владетели.

  • Јаков, брат Христов, прв епископ на Ерусалим, устоличен лично од Исус Христос. Бил еден од столбовите на црквата (Гал 2,9). Воскреснатиот Христос му се јавил на Јаков (1 Кор 15,7) во Ерусалим каде овој живеел со браќа си и Богородица Марија (Дап 1,14). Бил многу угледен во Ерусалим и кога Свети Петар темница порачал тоа да им се јави на Јаков и браќа му (Дап 12,17). Претседелствувал со Апостолскиот собор. Заради својот свет живот бил наречен Праведен. Позната е неговата литургија која се служи еднаш годишно, на неговиот спомен-ден, 23 октомври.
  • Марко, евангелист, син на Марија, внук на Варнава. Роден во Ерусалим. Во куќата на неговата мајка Марија, учениците се засолнале од прогонот, после вознесението на Господ Исус Христос. Им бил придружник на Свети Петар и Свети Павле и Варнава. Бил поставен за епископ на Александрија од Св. Петар. Црквата го слави на 25 април.
  • Лука, евангелист, роден во Антиохија, по занимање лекар, а се занимавал и со сликарство. Заедно со Клеопа бил на пат за Емаус кога им се јавил воскреснатиот Христос (Лука 24,18). Напишал евангелија (по заповед на Св. Петар), 15 години после Христовото вознесение, а го упатил, како и Делата апостолски (по заповед на Св. Павле), на честитиот Теофил. Му бил придружник на Св. Павле, а по Павловата смрт, заминува во Теба во Македонија каде бил епископ на Солун. Црквата го слави на 18 октомври.
  • Клеопа, брат на Јосиф Обручник. Го видел Христа по воскресението (Лука 24,18) на патот за Емаус. Црквата го слави на 27 април.
  • Симеон, син на Клеопа, станал втор епископ на Ерусалим по маченичката смрт на Св. Јаков. Црквата го слави на 27 април.
  • Варнава, бил левит со име Јосија, родум од Кипар. Го продал својот имот и ги донел парите пред апостолите (Дап 4,36-37). За време на престојот во Антиохија (Дап 11-12), заедно со Св. Павле, бил избран од Светиот Дух за остварување на Божјата промисла за проповедање меѓу незнабошците (Дап 13,2). Проповедал на Кипар и на многу места во Мала Азија. Учествувал на Апостолскиот собор во Ерусалим. Бил епископ на Милано. Црквата го слави на 11 јуни.
  • Исус, викан Варсава, викан Јуст, син на Јосифа Обручник, кого Св. Павле го споменува во (Кол 4,11). Со Матија бил биран со коцка наместо Јуда предавникот, но не бил избран. Бил епископ на Елевтеропол. Црквата го слави на 30 октомври.
  • Тадеј, кој по налог на Св. Тома, по Христовото вознесение, отишол во Едеса кај царот Авгар V, и го излечил од болест. Ја проповедал речта Божја во Месопотамија и Сирија. Црквата го слави на 21 август.
  • Ананија, кој го крстил Св. Павле (Дап 9,10-18). Бил прв епископ на Дамаск. Црквата го слави на 1 октомври.
  • Стефан, еден од седумте ѓакони (Дап 6,5), првомаченик. Настрадал од каменување, од страна на Евреите (Дап 7, 59-60). Црквата го слави на 27 декември.
  • Филип, еден од седумте ѓакони (Дап 6,5). Го крстил Симона (Дап 8,13) и скопакот (Дап 8,38). Бил епископ на Тралија во Азија. Црквата го слави на 11 октомври.
  • Прохор, еден од седумте ѓакони (Дап 6,5). Бил ученик на Св. Петар, и сопатник на Св. Јован. Бил епископ на Никомидија во Витинија. Црквата го слави на 28 јули.
  • Никанор, еден од седумте ѓакони (Дап 6,5). Настрадал истиот ден како и архиѓаконот Стефан, по проповедањето на Светото евангелие. Црквата го слави на 28 јули и 28 декември.
  • Тимон, еден од седумте ѓакони (Дап 6,5). Бил епископ на Батрија во Арабија. Црквата го слави на 28 јули и 30 декември.
  • Пармен, еден од седумте ѓакони (Дап 6,5), умрел пред апостолите за време на Божјата служба. Црквата го слави на 28 јуни.
  • Тимотеј Ефејски, роден во Листра во Ликаонија, од татко Грк и мајка Еврејка. Бил ученик и сопатник на Св. Павле, кој му посветил две посланици. После Павловата смрт, станал ученик на Св. Јован. По протерувањето на Св. Јован на островот Патмос, станал епископ на Ефес. Црквата го слави на 22 јануари.
  • Тит, родум од Крит, ученик на Св. Павле, кому му е напишана посланица (Тит 1,4). Бил епископ на Гортина на Крит. Црквата го слави на 25 август.
  • Филимон, кому Св. Павле му напишал посланица (Флм 1,1). Бил епископ на Газа и проповедал по цела Фригија. Црквата го слави на 22 ноември и 19 февруари.
  • Онисим, Филимонов роб, кого Св. Павле го споменува во (Кол 4,9). Им помагал на апостолите сè до нивната смрт, а станал епископ на Ефес после Св. Тимотеј. Црквата го слави на 15 февруари.
  • Епафрас, кого Св. Павле го споменува во (Фил 1,7) и (Кол 4,12-13). Бил епископ на Колос и на Лаодикиската црква и на црквата на Ерополе во Мала Азија. Во Рим бил во заробеништво со Св. Павле. Црквата го слави на 22 ноември 19 февруари.
  • Архип, кого Св. Павле го споменува во (Флм 1,2). Бил епископ на Колос во Фригија. Го ракоположил во чин епископ Филимон. Црквата го слави на 22 ноември и 19 февруари.
  • Сила, го проповедал Евангелието заедно со Св. Павле (Дап 15,22). Бил епископ на Коринт. Црквата го слави на 30 јули.
  • Силван, кој се споменува во (1 Пет 5,12) и (2 Кор 1,19). Бил епископ на Солун. Црквата го слави на 30 јули.
  • Крискент, кого Св. Павле го споменува во (2 Тим 4,10). Бил епископ на Галатија, после проповедал во Галија, го ракоположил Захарија за епископ на Виена. Настрадал при враќањето во Галатија. Црквата го слави на 30 јули.
  • Крисп, кого Св. Павле го споменува во (1 Кор 1,14). Бил епископ на Халкидон во Галилеја. Црквата го слави на 30 јули.
  • Епенет, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,5). Бил епископ на Картагина. Црквата го слави на 30 јули.
  • Андроник, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,7). Бил епископ на Панонија, но со Јунија проповедал по цела Панонија. Црквата го слави на 17 мај и 30 јули.
  • Стахиј, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,9). Кога Св. Апостол Андреј дошол во Аргирополе, го устоличил како епископ на Византија. Црквата го слави на 31 октомври.
  • Амплиј, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,8). Бил епископ на Диоспол. Црквата го слави на 31 октомври.
  • Урбан, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,9). Бил епископ на Македонија. Црквата го слави на 31 октомври.
  • Наркис, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,11). Бил епископ на Атина. Црквата го слави на 31 октомври.
  • Апелиј, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,10) (1 Кор 1,12) (1 Кор 3) (1 Кор 4,6) (1 Кор 16,12). Бил епископ на Ираклион во Тракија. Црквата го слави на 31 октомври.
  • Аристовул, брат на Варнава, роден на Кипар. Св. Павле го споменува во (Рим 16,10). Бил епископ на Британија. Црквата го слави на 31 октомври и 16 март.
  • Иродион, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,11). Бил епископ на Неопатрија. Настрадал во Рим заедно со Св. Петар и Павле. Црквата го слави на 8 април и 10 ноември.
  • Агав, кој се споменува во Делата апостолски (Дап 11,28; 21,10). Имал дарба за пророштво. Настрадал во Ерусалим, каменуван од страна на Евреите. Црквата го слави на 8 април.
  • Руф, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,13). Бил епископ на Тува Јеладска. Црквата го слави на 8 април.
  • Асинкрит, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,14). Бил епископ на Ирканија во Мала Азија. Црквата го слави на 8 април.
  • Флегонт, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,14). Бил епископ на Маратон во Тракија. Црквата го слави на 8 април.
  • Јерма (Хермес), кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,14). Бил епископ на Филипополе во Тракија. Црквата го слави на 5 ноември и 31 мај.
  • Патров, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,14). Бил епископ на Неапол. Црквата го слави на 5 ноември.
  • Ерм, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,14). Бил епископ на Далмација. Црквата го слави на 8 април.
  • Лин, кого Св. Павле го споменува во (2 Тим 4,21). Бил епископ на Рим, после Свети Петар. Црквата го слави на 5 ноември.
  • Гај, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,23). Бил епископ на Ефес, после Тимотеј. Црквата го слави на 5 ноември.
  • Филолог, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,15). Устоличен бил како епископ на Синоп од страна на Св. Андреја Црквата го слави на 5 ноември.
  • Лукиј, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,21). Бил епископ на Лаодикија во Сирија. Црквата го слави на 10 септември.
  • Јасон, роднина на Св. Павле, роден во Тарса. Св. Павле го споменува во (Рим 16,21). Бил епископ на Тарс. Црквата го слави на 28 април.
  • Сосипатар, роднина на Св. Павле, роден во Ахаја. Св. Павле го споменува во (Рим 16,21). Бил епископ на Иконија. Црквата го слави на 28 април и 10 ноември.
  • Олимп, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,15). Настрадал во Рим заедно со Св. Петар и Павле. Црквата го слави на 10 ноември.
  • Тертиј, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,22). Бил втор епископ на Иконија после Сосипатар. Црквата го слави на 30 октомври и 10 ноември.
  • Ераст, кого Св. Павле го споменува во (Рим 16,23). Бил благајник на црквата во Ерусалим, а после епископ на Панеада. Црквата го слави на 10 ноември.
  • Кварт, кого Св. Павле го споменува во(Рим 16,23). Бил епископ на Бејрут. Црквата го слави на 10 ноември.
  • Евод, кого Св. Игнатиј го споменува во Посланицата на Антиохјаните и им изрекува голема пофалба. Бил ученик на Св. Петар и наследник на епископскиот престол на Антиохија (57–68). Ги напишал делата: За Светото семејство, Светлата кои се уништени за време на прогонот на христијаните. Настрадал во Антиохија на 7 септември 68 година, за време на престојот на царот Веспазијан во тој град. Црквата го слави на 7 септември.
  • Онисифор, кого Св. Павле го споменува во (2 Тим 1,16; 4,19). Бил епископ на Кир во Сирија. Црквата го слави на 7 септември и 8 декември.
  • Климент, кого Св. Павле го споменува во Посланието на Филибланите (Фил 4,3). Бил епископ на Сардика во Мала Азија. Црквата го слави на 25 ноември.
  • Состен, кого Св. Павле го споменува во (1 Кор 1,1). Бил епископ на Колофон во Мала Азија. Црквата го слави на 8 декември.
  • Аполос, кого Св. Павле го споменува во (Дап 18,24-25). Бил епископ на Смирна, пред Св. Поликарп. Црквата го слави на 10 септември и 8 декември.
  • Тихик, кого Св. Павле го споменува во (Ефе 6,21), (Кол 4,7), итн. Бил епископ на Колофон наследувајќи го Состен. Црквата го слави на 8 декември.
  • Епафродит, кого Св. Павле го споменува во (Фил 2,25; 4,18). Бил епископ на Адријанија во Памфилија. Црквата го слави на 8 декември.
  • Карп, соработник на Св. Павле кого го споменува во (2 Тим 4,13). Живеел во Троада, а после бил епископ на Верија Тракија. Проповедал и на Крит, каде во својот дом го примал и Дионосиј Ареопагит, кој за него сведочи како за мудар и незлобен човек. Црквата го слави на 26 мај.
  • Кодрат, кој ја напишал апологијата во 126 година. Бил епископ на Афинија и Магнезија. Црквата го слави на 21 септември.
  • Марко, викан Јован, кого Св. Лука го споменува во (Дап 12, 25; 15,37-39). Бил епископ на феникискиот град Библос. Црквата го слави на 27 септември.
  • Зин, адвокат, кого Св. Павле го споменува во посланието до Тит (Тит 3,13). Бил епископ на Лид. Црквата го слави на 27 септември.
  • Аристарх, родум од Солун (Дап 20,4), кого Св. Павле го споменува во (Кол 4,10). Бил епископ на Апамеја во Сирија. Верен соработник и сопатник на Св. Павле (Дап 19,19), (Флм 1,24). Го придружувал на последното патување од Троада во Ерусалим (Дап 20,4), а и на патот за Рим (Дап 27,2), каде заедно и настрадале. Црквата го слави на 15 април и 27 септември.
  • Пуд, кого Св. Павле го споменува во (2 Тим 4,21). Имал висока положба во римскиот сенат. Во својот дом ги примал апостолите и верниците, го претворил во црква во која богослужбите ги држел и Св. Петар. Црквата го слави на 15 април.
  • Трофим, роден во Едеса, кој се споменува во (Дап 20,4) и (2 Тим 4,20). Заедно со Св. Павле, Аристарх и Пуд поминал мачеништво. На крајот сите биле погубени во Рим за време на императорот Нер. Црквата го слави на 15 април.
  • Марко, кого Св. Павле го споменува во (Кол 4,10), внук на Варнава, бил епископ на Аполонија. Црквата го слави на 30 октомври.
  • Артем, кого Св. Павле го споменува во посланието до Тит (Тит 3,12). Бил епископ на Листра во Ликаонија. Црквата го слави на 30 октомври.
  • Акила, имотен Евреин од Понт. Од Рима дошол во Коринт, и кај него Св. Павле поминал многу дни (Дап 18,18). Заедно со жената Прискила, го придружувал Св. Павла во Ефес (Дап 18,24-26) (1 Кор 16,19). После бил епископ на Ираклион. Црквата го слави на 14 јули.
  • Фортунат, кого Св. Павле го споменува во (1 Кор 16,17). Многу ревносно го проповедал Св. Евангелие. Црквата го слави на 4 јануари.
  • Ахајик, кого Св. Павле го споменува во (1 Кор 16,17) заедно со Фортунат како оној кој му помогнал да му се смири духот. Црквата го слави на 4 јануари.
  • Кифа, кого Св. Павле го споменува во (1 Кор 1,12) и (1 Кор 15,5). Бил епископ на Иконија. Црквата го слави на 8 декември.
  • Кесар, бил епископ на Дирахија во Грција. Црквата го слави на 8 декември.
  • Дионисиј Ареопагит, судија во Ареопагот, станал христијанин по проповедта на Св. Павле (Дап 17), после станал епископ на Атина. Црквата го слави на 3 октомври.
  • Симеун Нигар, кој се споменува во (Дап 13,1), еден од учителите на црквата во Антиохија. Црквата го слави на 27 април.
  • Никола, еден од седумте ѓакони (Дап 6,5). После бил епископ на Самарија. Отстапил од православната вера застранувајќи во Симоновата ерес (2 Тим 1,15).
  • Фигел, бил епископ на Ефес. После застранил во Симоновата ерес (2 Тим 1,15).
  • Ермоген, бил епископ на Мегар во Тракија. После застранил во Симоновата ерес (2 Тим 1,15).
  • Димас, кого Св. Павле го споменува во (2 Тим 4,10). Му се спротивставил на учењето за Бога, како и Фигел и Ермотен. Во Солун им служел на паганските идоли.

Историја

[уреди | уреди извор]

Од почетокот на 2 век, во секоја помесна црква имало само еден епископ со посебна служба, за што сведочат и самите црковни отци од првите четири века. Епископот е икона на Господ Исус Христос, и како таков, тој е врзан со одредена помесна црква (епархија), во која ја исполнува својата служба. Неговата власт во управувањето со помесната црква има харизматична основа (Еф 4,11), односно неговата улога зависи од даровите на Светиот Дух (1 Кор 12,4-11). Тој има должност да врши координација на служењето и харизмата во помесната црква, да учи во духот со верата сочувана од црквата, да го надгледува автентичното исповедување на вистинската апостолска вера.

Во македонскиот јазик, зборот епископ дошол преку црковнословенскиот јазик, кој содржел облик на зборот епископализирање (воведување на епископското достоинство и епископска власт), епископат (чинот и достоинството на епископот), епископија (областа под управа на еден епископ). Во ранохристијанско време на Истокот, заменикот на епископот кој ја вршел епископската служба надвор од градот се нарекувал хорепископ (грч: χωρεπίσκοπος). Прв пат хорепископот се спомнува на почетокот од 4 век, но постоел како институција уште од 1 век.

Денес во православието познат е и викарниот епископ (исто така во епископски чин), односно помошник на епископот кој поради здравствената состојба не е во можност да ја врши својата служба и власт.

Православна црква

[уреди | уреди извор]

Според учењето на православната црква, епископите се во апостолско преемство, т.е. апостолско наследство.

Во православните цркви епископот е служител од највисок степен во црковната ерархија, избран и пратен со хиротонија да ја врши улогата на првосвештеник на евхаристично собрание, на учителите на евангелието и координатори на служењето во помесната црква (епархија).

Обележја и симболи на епископите

[уреди | уреди извор]

Епископот на световни свеченост е облечен во црна мантија, има камилавка на глава, има епископски стап, околу вратот има панагија. На литургија облечен е во: омофор, сакос, потоа обесен набедреник, на главата наместо камилавка носи митра и во раката држи жезол.

Римокатоличка црква

[уреди | уреди извор]

Бискуп (епископ) е претставник на бискупијата. Според учењето на римокатоличката црква бискупите се наследници на апостолите. Тие имаат право да ракополагаат свештеницие и воведуваат други бискупи. Римокатоличката јурисдикција разликува три вида бискупи:

  • бискупи како поглавари на бискупии,
  • заредени (викарни) бискупи — им помагаат на бискупите во водењето на бискупиите,
  • бискупи на Римската курија или бискупи во дипломатска служба на Ватиканнунции.

Како надбискуп (митрополит) се означува оној бискуп, чија бискупија како прва се поврзува со други бискупии правејќи едно црквино подрачје. Бискупот го именува, расчинува и преместува единствено папата, пред кого бискупите се одговорни. Секој бискуп мора прво да биде ѓакон и потоа свештеник (единствен исклучок: за папа може да биде избран секој машки, неоженет римокатолички христијанин, кој сака и е способен да биде избран за римски епископ. Доколку не е епископ или воопшто свештено лице, тогаш тој во конклавата се бира за римски епископ и со тоа станува папа. Меѓутоа, од времето на Урбан VI I 1378 година секој папа потекнува од соборот на кардиналите).

Обележја и симболи на бискупите

[уреди | уреди извор]

Во свечени прилики, вон литургиска служба, бискупот е облечен во црна мантија, чии рабови и пораби се во виолетова боја. Виолетов е и појасот (zingulum) и бискупското капче (pileolus) на главата. Појасот означува воздржаност и се носи преку мантијата (итал. sottana = значи долна преслека, но називот е преземен за мантиите на свештенството). Ознака на неговата чест и светост се бискупскиот прстен и крстот околу вратот (pectorale). Во текот на миса, носи и бискупски стап и бискупска митра.

Црковни функционери и називи во Римокатоличката црква

[уреди | уреди извор]

Англиканска црква

[уреди | уреди извор]

Англиканската црква исто така поседува епископска ерархија која ја сочинуваат примас, архиепископ и епископ. Примас на Англиската црква се смета за почесен поглавар, но нема компетенции кон другите цркви. Англиканската црква се повикува на апостолското преемство (во Православната и Римокатоличката црква таа е спорна). Диецезата е управа во Англиканската црква. Највисок гремиум е синодот, собор на епископите на сите англикански цркви. Англиканските епископи се често оженети, во поедини англикански цркви може и женско лице да биде епископ. Избор за епископ се врши според статутите на дотичните цркви, вообичаено преку гремиум сочинет од свештеници и лаици.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Оваа статија е дел од темата Православие — Исто така погледајте го порталот Православие