Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Прејди на содржината

Голема дропла

Од Википедија — слободната енциклопедија
Голема дропла
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Жеравовидни
Семејство: Дропли
Род: Otis
Linnaeus, 1758
Вид: Голема дропла
Научен назив
Otis tarda
Linnaeus, 1758
     Постојан жител

     Лето - размножување      Зима - зимување

Големата дропла (научOtis tarda) спаѓа во семејството на дроплите и е единствен член на родот Otis. Се размножува во јужна и централна Европа, каде е најголемиот дел од нејзината популација и низ умерена Азија. Европските птици се претежно постојани жители, но азиските се селат на југ во зима. Во Португалија и Шпанија е најголемиот број од овие птици, односно околу 60% од вкупната светска популација.[2] Големата дропла ја има и во Македонија.

Таксономија

[уреди | уреди извор]

Големата дропла е класифицирана со своето научно име во 1758 година од Карл Лине, кога видот е поврзан со avis tarda од многу постариот ракопис на Плиниј Постариот. Otis е старогрчки назив за „дропла“, tarda, пак, се поврзува со шпанскиот јазик каде значи „гази“, но и со латинскиот каде значи „бавно“, што би го опишало типичниот стил на одењето на оваа птица.[3]

Мажјакот од големата дропла е веројатно најтешкото живо суштество што лета. Веројатно и кај оваа птица е најизразен половиот диморфизам во однос на големината. Мажјакот е висок од 90 до 105 см, со должина од околу 115 см и распон на крилјата од 2.1 до 2.7 метри. Тој може да тежи од 5.8 до 18 килограми или просечно од 9.65 до 13.5 кг.[2][4][5][6] Најтежок забележан мажјак е од 21 килограм.[5][7]

Женките се на околу една третина во линеарните димензии од мажјаците, високи 75 - 85 см, околу 95 см долги, со околу 180 см распон на крилјата.[2][4] Во просек тежат околу 4.4 кг, што е третина од тежината на мажјакот. Инаку, може да тежат од 3.3 до 8 килограми.[4][8][9] Веројатно токму поради овие физички разлики, соодносот на половите изнесува 1.5:1 женки на мажјаци.

Возрасниот мажјак е светлокафеав одозгора, прошаран со црни и бели линии, одоздола е бел и има долг сив врат и глава. Долниот дел на вратот и горниот дел од градите се костенливи и златната боја што започнува таму, завршува на грбот со стеснување и има тенденција да се зголемува со годините. Во сезоната на парење, на мажјакот му растат бели долги пердуви на вратот, со должина од 12 до 15 см и кои со возраста, исто така, се зголемуваат.[2] Во лет долгите крилја се претежно бели, со кремави рабови на долниот дел и темнокафени на горните делови. Градите и вратот на женките се кремави, со кафеави и посветли шарки на остатокот од телото, што им овозможува добро вклопување во животната средина. Младенчињата се како женките. Големата дропла има долги нозе, долг врат и тешко, со валчести гради тело.

Живеалиште

[уреди | уреди извор]

Животната средина на оваа птица се широките отворени, рамни или малку ритчести тревни површини, прерии и степи. Се среќаваат на подиви места, каде не се вознемирувани, со диви или култивирани полиња со житарки, лозја или фуражни култури. Особено во сезоната на парење избегнуваат места каде може да бидат вознемирувани од луѓето и нивните земјоделски активности. Привлечени се во областите каде има големо количество инсекти.

Поведение

[уреди | уреди извор]
Додворување
Младенче
Otis tarda

Големата дропла се собира во јата, особено зимно време, од по неколку десетици птици. Машките и женските групи не се мешаат вон сезоната на парење. Тие одат со стамен, бавен чекор и претпочитаат трчање од летање. Не е измерено колку брзо може да трчаат, но женката може да ја престигне црвената лисица која трча 48 километри на час.[10][11] Сепак, тие се и силни летачи, исто така, особено при сезонските преместувања и достигаат брзина од 80 км/ч.[2] Двата пола се многу тивки, но може да произведуваат длабоки звуци на ’ржење кога се лути. При додворувањето, мажјакот може да испушта гровтачки и зарипнати звуци. Женката, пак, комуницира со пилињата со помеки гугутави повици, а пилињата ѝ се обраќаат со треперливи, нежни звуци. Азиската и руската популација се птици преселници и се собираат во голем број пред преселбата.[12]

Размножување

[уреди | уреди извор]

Големата дропла се размножува во март и една женка може да биде со повеќе од пет мажјака. Пред тоа, мажјакот се митари во јануари и се здобива со перјето за размножување околу јануари и тогаш ја воспоставува својата доминација борејќи се со другите мажјаци.[2] Своето прикажување, тие го прават во т.н. лек, односно на определен кружен простор се собираат повеќе мажјаци каде ги покажуваат своите способности и убавина, како и вредноста да бидат избрани од страна на женките. Кај дроплите прикажуавњето започнува со силно надувување на вратот до големина на фудбалска топка, потоа ја повлекува главата надолу а острите пердуви на вратот ги насочува нагоре со што целосно ја покрива главата. Потоа опашката ја свртува и ја израмнува со грбот покажувајќи ги белите пердуви кои инаку не се видливи, ги намалува своите крилја преклопувајќи ги и така покажувајќи ја и нивната бела страна.[13] Вакви, мажјаците може да шетаат неколку минути, а поради нивниот изглед ги нарекуваат „бања со пена“.[2]

Женката несе 1-3 сјајни маслинести јајца, почесто 2, кои ги лежи во мај или јуни. Гнездото претставува плитка дупка на сува земја, послано со помеки тревки, направено од женката, сместено во близина на лекот. Обично е скриено во треви со височина од 15 до 35 см.[14] Само женката ги квачи јајцата во период од 21 до 28 дена. Пилињата веднаш го напуштаат гнездото, но не се оддалечуваат премногу и остануваат со мајката до едногодишна возраст. Со возрасно перје се здобиваат на возраст од 2 месеца, кога започнуваат да летаат. Прво вежбаат со потскокнување и поттрчнување, а на 3 месеци може да летаат. Ако се во опасност, младенчињата седат мирни и се обидуваат да се камуфлираат. Машките стануваат сексуално зрели на возраст од 5-6 години иако започнуваат со прикажувањето помлади. Женките, пак, почнуваат со размножувањето на возраст од 2-3 години.[2][13] Големата дропла живее околу 10 години, но познато е дека може да живее и над 15. Најстара позната е на возраст од 28 години. Најверојатно мажјаците имаат покус животен век од женките.

Големата дропла е сештојад и се храни со различна храна во различна сезона. Јаде инсекти, растенија, семиња.

Популацијата на овој вид е од 31.000 до 37.000 птици. Спаѓа во катгоријата ранлив вид.

  1. BirdLife International (2012). Otis tarda. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 del Hoyo, J; Elliot, A; Sargatal, J (1996). Handbook of the Birds of the World. 3. Barcelona: Lynx Edicions. ISBN 84-87334-20-2.
  3. Great Bustard (Otis tarda) – Information on Great Bustard – Encyclopedia of Life Архивирано на 5 март 2013 г.. Eol.org. Посетено на 2012-08-21.
  4. 4,0 4,1 4,2 „The Great Bustard“. Great Bustard Group. Архивирано од изворникот на 2017-11-12. Посетено на 21 June 2012.
  5. 5,0 5,1 Wood, Gerald (1983). The Guinness Book of Animal Facts and Feats. ISBN 978-0-85112-235-9.
  6. Payne-Galleway, Letters to Young Shooters on the Choice and Use of a Gun. General Books LLC (2009), ISBN 978-1-150-35645-2
  7. Naish, Darren. (2010-04-06) The Great bustard returns – Tetrapod Zoology Архивирано на 23 ноември 2011 г.. Scienceblogs.com. Посетено на 2012-08-21.
  8. Great Bustard Profile- Jrank (2011).
  9. CRC Handbook of Avian Body Masses by John B. Dunning Jr. (Editor). CRC Press (1992), ISBN 978-0-8493-4258-5.
  10. Great Bustard – Wildlife In The Westcountry Архивирано на 26 јули 2011 г.. Westcountrywildlife.com. Посетено на 2012-08-21.
  11. BioKIDS – Kids' Inquiry of Diverse Species, Critter Catalog, Vulpes vulpes, red fox. Biokids.umich.edu (2007-09-27). Посетено на 2012-08-21.
  12. Morales et al. 2000, Alonso et al. 2000, 2001, Palacín et al. 2009, 2011
  13. 13,0 13,1 Otis tarda (great bustard) | Natural History Museum. Nhm.ac.uk. Посетено на 2012-08-21.
  14. Wan, D; Gao, W; Zhao, J; Wang, H; Cheng, J (2002). „On nest-site selection of Otic [sic] tarda“. Ying yong sheng tai xue bao = the journal of applied ecology / Zhongguo sheng tai xue xue hui, Zhongguo ke xue yuan Shenyang ying yong sheng tai yan jiu suo zhu ban. 13 (11): 1445–8. PMID 12625004.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Gorman, Gerard (1996). The Birds of Hungary. London: Helm (A&C Black). ISBN 0-7136-4235-1.
  • Meissner, Hans Otto (1963). Unknown Europe. trans. Florence and Isabel McHugh. London and Glasgow: Blackie & Sons. стр. 125–139.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]