Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Прејди на содржината

Лоренс Клајн

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лоренс Клајн
Неокејнзијанска економија
Роден14 септември 1920(1920-09-14)
Омаха, Небраска, САД
Починал20 октомври 2013(2013-10-20) (возр. 93)
Гледвајн, Пенсилванија, САД
НационалностАмериканец
УстановаУниверзитет Пенсилванија
Оксфордски универзитет
Универзитет Мичиген
Национално биро за економско истражување
Каулс комисија
Полемакроекономија
економетрија
Алма матерMIT (докторат)
УК Беркли (диплома)
Влијанија одПол Семјуелсон
Влијаел врзАртур Голдбергер
Рој Вајнтрауб
Придонесимакроекономски модели за предвидување
НаградиМедал Џон Бејтс Кларк (1959)
Нобелова награда за економија (1980)
Информации на IDEAS/RePEc
Фотографија од Лоренс Клајн

Лоренс Роберт Клајн (англиски: Lawrence Robert Klein; 14 септември 192020 октомври 2013) — американски економист. За неговата работа во создавањето компјутерски модели за предвидување на економските трендови на полето на економетријата на економската катедра на Универзитетот Пенсилванија ја добил Нобеловата награда за економија во 1980 година, особено „за создавање на економетриски модели и нивната примена на анализата на економските флуктуации и економските политики“. Поради неговите напори, таквите модели станале распространети помеѓу економистите. Професорот Мартин Федлстајн од Харвард изјавил за Wall Street Journal дека Клајн „бил првиот кој создал статистички модели кои ја отелотворуваат кејнзијанската економија“, алатки сè уште користени од централните банки.[1]

Живот и кариера

[уреди | уреди извор]

Клајн е роден во Омаха, Небраска, како син на Бланш (родена Монхајт) и Лео Бајрон Клајн.[2] Дипломирал на Градскиот колеџ Лос Анџелес, каде научил калкулус; на Беркли започнал компјутерско моделирање и добил диплома по економија во 1942 година; го добил неговиот докторат по економија на MIT во 1944 година под водство на Пол Семјуелсон.[3]

Први модели

[уреди | уреди извор]

Потоа се преселил во Каулс комиисијата за истражување во економијата, кога тогаш се наоѓала на Чикашкиот универзитет, денес Каулс фондација. Таму го изработил моделот на американската економија за предвидување на развојот на бизнис флуктуациите и изучување на ефектите од владината економско-политичка политика. По Втората светска војна, Клајн го користел неговиот модел за точно да предвиди, против преовладувачките очекувања, дека ќе настапи економско опоравување наместо депресија поради зголемувањето на потрошувачката од вратените војници.[1] Слично точно ја предвидел слабата рецесија кон крајот на Корејската војна.

Клајн кратко се приклучил на Комунистичката партија во САД во текот на 1940-тите, што му донело проблеми во годините потоа.

На Универзитетот Мичиген, Клајн развил напредни макроекономски модели, особено познатиот Клајн-Голдбергеров модел со Артур Голдбергер, кој бил заснован на поранешните модели на Јан Тинберген од Холандија, подоцнежен добитник на првата Нобелова награда за економија во 1969 година. Клајн се разликувал од Тинберген во користењето на алтернативна економска теорија и различна статистичка техника.[4]

Мекартизам и преселбата во Англија

[уреди | уреди извор]

Во 1954 година, краткото членство на Клајн во Комунистичката партија било изнесено во јавност[1] и му бил забранет пристап на Универзитетот Мичиген, во времето на Мекарти. Клајн се преселил на Оксфорд и развил економски модел на Велика Британија познат како Оксфордски модел со Сер Џејмс Бол.

Враќање во САД

[уреди | уреди извор]

Во 1958 година, Клајн се вратил во САД и се приклучил на економската катедра на Универзитетот Пенсилванија. Во 1959 година го добил медалот „Џон Бејтс Кларк“, една од двете најпрестижни награда на полето на економија. Во 1968 година станал професор по економија и финансии на Пенсилванија.

Брукингс-ССРК проект

[уреди | уреди извор]

Во раните 1960-ти години, Клајн станал предводник на големиот проект „Брукингс-ССРК“ за изградба на детален економетриски модел за предвидување на краткорочниот развој на американската економија.

Подоцна во 1960-тите, Клајн го направил економетрискиот модел за предвидување Вортон. Овој модел, значително помал отколку Брукингсовиот модел, постигнал многу добра репутација за неговата анализа на бизнис условите, користен за предвидување на флуктуации вклучувајќи го брутодомашниот производ, извозот, инвестициите и потрошувачката и изучување на ефектот на нив при промена во оданочувањето, јавните расходи, цената на нафтата и слично.

Во 1969 година, Клајн ја основал Асоцијацијата за економетриско предвидување Вортон (денес ИХС Глобал Инсајт), започнувајќи ја економетриската индустрија за предвидување во САД. Помеѓу неговите клиенти биле Џенерал Електрик Компани, ИБМ и Бетлем Стил Корпорејшн. Бил иницијатор на и активен истражувачки предводник во нивниот проект ЛИНК, конзорциум на создавачи на модели од многу др ави, кој бил исто така спомнат во Нобеловата награда. Целта била да се направи првиот глобален економски модел на светот, поврзувајќи ги моделите на многу од земјите, па така ефектот на промените во економијата на една земја се чувствува во друга. ЛИНК, кој сега се води од Обединетите нации, LINK, сè уште работи и редовно се сретнуваат.

Клајн бил советник за докторски тези на бројни познати економисти кон крајот на доцните 1960-ти.

Подоцнежна кариера

[уреди | уреди извор]

Во текот на изборите во 1976 година, Клајн ја координирал економската програма на Џими Картер. Одбил да стане дел од администрацијата на Картер. Клајн исто така бил претседател на Економетриското друштво, Меѓународното атлантско економско друштво (1989–1990) и Американската економска асоцијација (во 1977 г.).

Во неговите последни години направил краткорочни „моментални квартални модели“ кои ги користат моменталните економски индикатори за да се осознае стапката на економски раст во текот на моменталниот и следниот квартал. Спротивно на поранешните напори за модел на структурната економија и за користење на постојани прилагодувања и проценки за егзогените променливи, овие системи се автоматски и механички, едноставно ја земаат достапната информација во статистички најдобрата проценка на моменталните услови. Ова претставува многу различен пристап од неговите поранешни модели.

По службеното пензионирање бил вклучен во макроекономски модел кој ја предвидува економијата на месечно или квартално ниво. Публикацијата за високофрекфентен модел содржел земји како САД, Кина, Русија, Индија, Бразил, Мексико, Кореја и Хонгконг.

Клајн бил основач на Економистите за мир и безбедност.

Починал во неговиот дом на 20 октомври 2013 година, на 93 години.[5]

Публикации

[уреди | уреди извор]
  • Klein, Lawrence Robert (1970). „Есеј за теоријата на економско предвидување“. Markham economics series (англиски). Чикаго: Markham Publishing Company. ISBN 0-8410-2005-1. Посетено на 5 декември 2008.
  • „Економски флуктуации во САД, 1921–41“ (1950)
  • „Економетриски модел на САД, 1929–52“ (со Голдбергер, 1955)
  • „Кејнзијанска револуција“ (1947) ISBN 0-333-08131-5
  • „Вортон економетриски предвидувачки модел“ (со Еванс, 1967)
  • „Книга за економетрија“ (1973) ISBN 0-13-912832-8
  • „Брукингс модел“ (со Гари Фром, 1975)
  • „Економетриски модел на резултатот“ (1976)
  • „Вовед во економетриското предвидување и предвидувачките модели“ (1980) ISBN 0-669-02896-7
  • „Економетриски модели како водичи за носење одлука“ (1982) ISBN 0-02-917430-9
  • „Економија на понуда и побарувачка“ 1983
  • „Економија, економетрија и врската“ (со Дута, 1995) ISBN 0-444-81787-5
  • „Кина и Индија: Два азиски економски гиганти, два различни система“ (2004)
  1. 1,0 1,1 1,2 „Nobel-Winning Economist Applied Forecasting Models to the Real World“. Wall Street Journal. 22 октомври 2013. стр. A8.
  2. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-10-25. Посетено на 2015-03-14.
  3. De Vroey, Michel; Malgrange, Pierre (2012). „From The Keynesian Revolution to the Klein–Goldberger model: Klein and the Dynamization of Keynesian Theory“. History of Economic Ideas. 20 (2): 113–136.
  4. Epstein, Roy J. (1987). A History of Econometrics. New York: North-Holland. стр. 114–140. ISBN 0-444-70267-9.
  5. „Lawrence R. Klein, Economic Theorist, Dies at 93“. New York Times. 21 октомври 2013.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Breit, William; Hirsch, Barry T., уред. (2004). Lives of the Laureates (4.. изд.). Кембриџ, Масачусетс: The MIT Press. ISBN 0-262-52450-3.
  • Karayiannis, Anastassios D. (2009). „A Synopsis of Lawrence R. Klein's Thoughts and Contributions to Economics“. Во Puttaswamaiah, K. (уред.). Growth of Economics in the Twentieth Century. Енфилд: Isle. стр. 579–592. ISBN 978-0-9823895-2-2.
  • „Трудови на Лоренс Клајн 1950–2000“. Rubenstein Library, Duke University.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Викицитат има збирка цитати поврзани со: