Топографска карта
Топографска карта е во однос намалена, математички конструирана и воопштена слика на дел од Земјината површина, прикажана на рамна подлога со посебни топографски знаци и на која земјиштето е прикажано со размер 1:200 000 или покрупно. На топографска карта се прикажуваат мрежата од напоредници и меридијани, релјефот, висинските точки (коти), изохипси, размерници, координатометри, еквидистанцата и деклинацијата.
Размер на топографски карти
[уреди | уреди извор]Размерот е степен на намалување на сите линии и димензии на картата во однос на линиите и димензиите во природата. Тој покажува колку пати се намалени димензиите на картата во однос на димензиите во природата. На топографска карта, размерот може да биде прикажан бројчено, графички или со објаснување.
- Бројчен размер: пр.: 1:100 000 (1мм на карта одговара на 100 м во природата);
- Графички размер: со размерници (линиски и попречен);
- Размер со објаснување: (“1 см на картата изнесува 1000м во природата“).
Врз основа на размерот, топографските карти се делат на:
- топографски карти со крупен размер (1:25 000; 1:50 000);
- топографски карти со среден размер (1:100 000; 1:200 000);
- топографски карти со ситен размер (1:500 000; 1:1 000 000).
Топографската карта со размер 1:25 000 се нарекува детална, а топографската карта со размер 1:50 000 се нарекува основна тактичка карта.
Топографски знаци
[уреди | уреди извор]Според обликот и својствата, топографските знаци прикажани на топографска карта можат да бидат:
- контурни (пр.: пасишта, шуми, лозја - во размер или вонразмерни),
- линиски (пр.: автопати, реки, патишта - во размер на должината, но не и во ширина) и
- слики и симболи (пр.: бања, рудник, чешма - вонразмерни).
Генерализација на топографска карта
[уреди | уреди извор]Генерализација на топографска картата означува неможност да се прикажат сите детали од земјиштето на картата, туку само најзначајните, а тоа што некои делови не се прикажуваат, се нарекува воопштување. Генерализацијата се врши по одредени критериуми, а при проектирањето на топографски карти се нарекува топографско генерализирање.
Математички елементи на топографска карта
[уреди | уреди извор]Земјата има облик на геоид (вртежен елипсоид или топка). Има површина од 510 милиони км2 и над 70% е под вода. Пречникот на Екваторот е 12.740 км, и тој е за 43 км поголем од оската на вртење. Нивото на мирните води во морињата и океаните се нарекува нивовска површина. Положбата на секоја точка на Земјата се одредува со географските координати - географска ширина и географска должина.
Основни замислени точки и линии на Земјата се: географските полови, меридијаните, напоредници и Екваторот. Замислената линија околу која ротира Земјата се нарекува Земјина оска. Географските полови се крајните точки на оската. Замислените кругови кои минуваат околу двата пола се викаат меридијански кругови, а половината од едниот до другиот пол - меридијан. Земјата е поделена на 360 меридијани и 180 напоредници. На секои 15 степени географска должина, временската разлика е 1 час. Напоредниците се линии паралелни на рамнината на Екваторот. Паралелите се кругови, а меридијаните се елипси.
Мрежата на елипсоидот која ја формираат меридијаните и напоредниците се нарекува географска мрежа. Географската ширина е агол кој го формира нормалата на таа точка со рамнината на Екваторот. Географската должина е агол кој го формира рамнината на меридијанот на некоја точка во однос на рамнината на почетниот меридијан. Географската координатна мрежа е прикажана како рамка на картата, со мрежа од меридијани и напоредници.
Меридијанска конвергенција е аголот под кој правоаголната координатна мрежа е закосена во однос на географската координатна мрежа.
Основен правец во топографската картографија е север-југ. Аголот се зголемува во правец на движењето на стрелките на часовникот. Координатите х (север-југ), у (исток-запад) и z се нарекуваат апциса, ордината и апликата. Z е надморската височина.
Универзален попречен меркаторов координатен систем
[уреди | уреди извор]Универзалниот попречен меркаторов координатен систем (УТМ) е основен систем за изработка и користење на топографски карти кои се користат од армиите на земјите членки на НАТО, како и во Република Македонија. Системот се одликува со:
- мерна единица - метар,
- ширинска граница на картите - до 80 степени северна и јужна географска ширина и
- три степени на обележување.
Во првиот степен на обележување на топографската карта, Земјата е поделена на редови и колони со големина од 6 степени за меридијаните и 8 степени за напоредниците. Има 60 колони (1-60) и 20 редови (C-X без O и I). Вака ограничениот простор се вика зона (пример: 33Т, 56Х). Во вториот степен на обележување, секоја зона се дели на квадратни површини од по 100 километри, додека третиот степен се користи за одредување на положба на точка.
Пример: Зона 31С. Точката се наоѓа во квадрат од 100 километри со ознака СЅ. Првата вертикална линија лево од точката е обележана со бр.91, а од неа на топографската карта точката е оддалечена 7мм. Првата хоризонтална линија под точката има бр.16, а од неа на топографската карта точката е оддалечена 5мм.
—Координатите на оваа точка во УТМ мрежата ќе биде: 31ССЅ917165.
Поврзано
[уреди | уреди извор]
|