Rust in Peace
„Rust in Peace“ | ||||
---|---|---|---|---|
Студиски албум од Megadeth | ||||
Издаден | 24 Септември, 1990 г. | |||
Снимен | 1989–1990 | |||
Жанр | Треш метал | |||
Траење | 40:44 | |||
Издавачка куќа | Капитол | |||
Продуцент | Дејв Мастејн, Мајк Клинк | |||
Megadeth — Хронологија | ||||
|
Rust in Peace е четвртиот студиски албум на треш метал бендот Megadeth, издаден во 1990 г. На овој албум дебитирала новата постава на Megadeth, која се задржала најдолго време ако се земат предвид честите смени во бендот. Марти Фридмен е новиот гитарист, додека на тапани се појавува Ник Менза. Интересно е што оваа плоча е првата и последна соработка помеѓу Megadeth и Мајк Клинк, а воедно Клинк е и единствениот продуцент дотогаш, кој успеал да го заврши проектот докрај без притоа да биде отпуштен. Овој бил третиот нивни албум издаден од продукциската куќа Капитол Рекордс.
Албумот содржи девет песни, кои обработуваат теми како што се војната, јадрено оружје, религија, митологија и фантазија. Две песни беа објавени како синглови, и тоа „Holy Wars… the Punishment Due“ и „Hangar 18“, кои станаа задолжителни за време на концертите и песни по кои повеќето обожаватели ги препознаваат Megadeth. Во чест на јубилејната 20-годишнина од излегувањето на албумот, Megadeth се решија да направат мини турнеја низ Северна Америка. За време на турнејата го изведоа целокупниот материјал од албумот, а во таа прилика беше снимено и ДВД-изданието Rust in Peace Live.[1]
Плочата добила две номинации за Греми награда за Најдобра метал изведба, во 1991 и 1992 г. Позитивни критики и пофалби за албумот стигнале и од меинстрим и андерграунд музичката сцена. Ова ЦД се вбројува меѓу најпрефинетите музички остварувања на треш метал движењето, како и врв на творештвото на Megadeth како дел од Големата Четворка.[2]
Беше направен дигитален и аудио ремикс на албумот во 2004 г. по иницијатива на фронтменот Дејв Мастејн. На преработената верзија беа додадени и неколку демо снимки на постојните песни, плус една нова песна - „My Creation“. Во САД, овој албум има платинест тираж, додека не е познато колку копии се продадени на глобално ниво.
Заднина
[уреди | уреди извор]Во 1988 Мегадет настапилe на фестивалот во Донингтон, каде имале можност да свират заедно со бендови како Ајрон Мејден, Kiss и Guns N' Roses. Имале настапи пред 100 илјадна публика, па воодушевени од добриот прием од страна на европската публика се решиле за неколку самостојни концерти. Но поради проблемите со дрогата на басистот Дејвид Елефсон, понатамошната турнеја била откажана. Мастејн од групата ги отпуштил тапанарот Чак Белер и гитаристот Џеф Јанг, наводно поради непремостливи недоразбирања. Со тоа автоматски била откажана планираната турнеја низ Австралија (1988). На нивно место дошле Ник Менза и Марти Фридмен, со што била формирана првата стабилна постава, во која само Мастејн и Елефсон биле единствените членови на оригиналната постава. Елефсон бил посебно импресиониран од овој состав:
Кога го снимавме Rust in Peace знаевме дека ќе испадне нешто посебно. Оваа четворка имаше заедничка визија па затоа успеа да опстои толку долго. Имавме среќа што сме на иста возраст и што помеѓу нас постои цврста хемија. Што и да свиревме, кога и да свиревме, тоа беше - тоа звучеше како Мегадет.
Насловот Rust in Peace го смислил Дејв Мастејн. Тој видел таква налепница на еден автомобил додека се враќал дома. Еве ја неговата изјава во врска со името на албумот:
Се враќав дома кога завршив со работа. Возејќи се по автопатот, здогледав едно возило со чудна етикета и порака која беше истовремено и мудра и смешна: Јадрената бомба може да уништи еден ваш пријатен ден. Сето јадрено оружје нека ’рѓоса во мир. Си реков, по ѓаволите, тоа е добар наслов. Потоа размислував што може да значи таа мисла.
Оваа четворка почнала со студиските сесии во март 1990 г. За продуцент го одбрале Мајк Клинк, кој претходно соработувал со групи како Guns N' Roses, Whitesnake и Металика.
Омотот за албумот го изработил Ед Репка, кој исто така го има исцртано и уметничкиот дизајн за Peace Sells... but Who's Buying?. Постерите за двата сингла „Holy Wars... The Punishment Due“ и „Hangar 18“ биле во негово авторство. На омотот за Rust in Peace се појавува Вик Ретлхед во друштво на петте водачи на тогаш најмоќните светски супер сили. Политичарите, од лево кон десно, се: Џон Мејџор (поранешен британски премиер), Тошики Каифу (поранешен јапонски премиер), Рихард фон Вајцзекер (претседател на Германија), Михаил Горбачов (претседателот на СССР) и Џорџ Буш постариот (претседател на САД). Овие лица се наоѓаат во воената база Хангар 18, каде Ретлхед се спрема да ја лансира јадрената ракета „Поларис“, за која има одобрување од сите присутни.
Тематика
[уреди | уреди извор]Проблеми со пуштањето? Помош. |
Првата песна од албумот е култната „Holy Wars... The Punishment Due“. Повод за нејзиното создавање бил шествековниот религиски конфликт помеѓу католичката и протестанстската заедница од Северна Ирска. Овде се согледуваат и верските убедувања на вокалистот Дејв Мастејн.
Бендот имал една непријатна авантура за време на нивниот престој во оваа островска земја, затоа што поради едно бизарно недоразбирање со месното население тие го навлекле на себе нивниот гнев. Во тамошната јавност проструила непроверена информација дека членовите собирале финансиска помош за една од засегнатите религиски страни во спорот, па така станале мета на незадоволство од населението. Затоа биле приморани остатокот од турнејата во Велика Британија да го пропатуваат во блиндирани возила. Вториот дел од песната, The Punishment Due бил инспириран од стрип јунакот Панишер.
„Hangar 18“ е песна осмислена од тапанарот Ник Менза, кој дошол со идејата за песна посветена на вселенски фантазии. Насловот го добила по филмот Hangar 18, каде исто така се говори за постоење на живот вон нашата планета. Според Менза, Хангар 18 е воена институција чија цел е да ја држи понастрана од јавноста вистината за космичкиот живот.
Песната жанровски припаѓа на спид металот, иако нејзината ритмика е со 196 битови во минута. Воведот е доста невообичаен, според зборовите на Марти Фридмен „како да се симнувате од вселената“. Текстот завршува малку по истекот на втората минута, додека преостанатите три минути се наизменично солирање на гитара од страна на Фридмен и Мастејн.
„Take No Prisoners“ е третата по ред нумера и временски една од најкусите на албумот. Насловот што во превод би значел „не земај затвореници“ е англиска синтагма да се убијат сите противнички војници (да нема заробени). Темата е поврзана со Втората светска војна, конкретно се споменува операцијата Денот Д од нормандиската инвазија. Стихот војната е мир е преземен од Орвеловиот роман 1984.
Потоа следи „Five Magics“ (пет магии), чија фантастично-митолошка содржина е создадена според романот Господар на петте магии на Лидон Харди. Во песната петте магии се алхемија, волшебништво, вештерство, терматологија и електрицитет. Раскажувачот се надева дека со нивна помош ќе успее да го победи Господарот на амбисот. Лајт-мотив на песната е стихот Тој што живеел со меч од меч ќе умре.
Наредната песна „Poison Was the Cure“ говори за Мастејновата зависност од хероин. Насловот е аналогија на медицинскиот метод кога при лекување на хероинска зависност се консумира метадон. Според медицинската теорија, дозата метадон е замена за хероинот и постепено би можеле да се намалуваат внесените количества. Но во реалноста, чести се случаите да дојде само до нова зависност. Друга интерпретација на содржината би била тоа што дрогата бил единствениот лек за Мастејн да се ослободи од проблемите и големиот товар. Подоцна испаднало дека тој лек бил всушност отровот.
Оваа композиција има времетраење од нецели три минути, но затоа пак е една од најбрзите песни во целокупниот музички каталог на групата. По завршувањето на воведот на бас гитара, тапаните удираат со брзина од околу 310 битови во минута. Според Фридман, оваа нумера има еден од „најоткачените“ рифови кои Мастејн некогаш ги напишал.
„Lucretia“ е за духот кој живее заробен во ковчегот со играчки на Мастејн. Во песната тој е претставен како злобен дух, кој го добил името според римското полубожество Лукреција. Тој се појавувал ноќе и одвреме навреме разговарал со Мастејн, па затоа останатите го сметале Мастејн за луд. Текстот е присутен само во првата половина на песната, додека вториот дел е чисто солирање на гитара. Оваа нумера важи за една од помелодиските песни на албумот.
„Tornado of Souls“ ги доловува неуспешните љубовни врски и тешкотиите по нивното раскинување. Конкретен повод била разделбата на Мастејн со неговата свршеница по шестгодишна врска. Воведниот дел е доста занимлив, а најголемиот дел од песната е изведба на гитара.
„Dawn Patrol“ е двоминутна нумера во потполност отсвирена на бас гитара. Нејзиното темпо е забележително побавно од останатите композиции на албумот. Dawn Patrol во буквален превод значи утринска патрола, а под истиот наслов има снимено филм од 1930 г. со тематика од Првата светска војна. Песната говори за биолошкото и хемиско загадување на животната средина, дава размислување за битни еколошки прашања како глобалното затоплување и ефектот на стаклена градина, како и животот на нашата планета по големата јадрена војна. Според текстот, луѓето би живееле во подземјето затоа што атмосферата би била премногу загадена од јадреното зрачење од штотуку завршената војна.
Последната песна од оригиналното издание е „Rust in Peace... Polaris“. Зборува за интерконтиненталните проби со балистички ракети, а поимот „Поларис“ се однесува на истоимената ракета лансирана при еден тест во време на Студената војна. Во едно интервју од 2012, Мастејн открил дека ова била третата негова компонирана песна, а ја составил уште во тинејџерските денови.
Песната претставува протест спрема јадрените проби, цинично барајќи да започне долгоочекуваната битка преку стихот Лансирајте го Поларис, крајот не нѐ плаши. Марти Фридмен има изјавено дека ова е неговата омилена песна од албумот, а и продуцентот Мајк Клинк бил на мислењето дека токму оваа песна го содржи најдобриот риф помеѓу сите останати.
Критички прием
[уреди | уреди извор]Професионални оценки | |
---|---|
Прегледни резултати | |
Извор | Оценка |
Allmusic | [3] |
The Daily Vault | A[4] |
Entertainment Weekly | B+[5] |
The Metal Crypt | 5/5[6] |
Rolling Stone | [7] |
Sputnikmusic | 5/5[8] |
Rust in Peace бил издаден на 24 септември 1990 година. Дебитирал на 26. место на Билборд 200 табелата во САД. Со тоа станал најдобро рангираниот албум на Megadeth во нивната дотогашна кариера. Три години подоцна (1994) бил награден со платинест сертификат за достигнување тираж од еден милион примероци. Овој албум е исто така единствениот проект на бендот чиј материјал бил двапати номиниран за Греми. Номинациите биле во категоријата Најдобра метал изведба, а биле за целокупниот албум во 1991 и за синглот „Hangar 18“ во 1992 г.
Rust in Peace добил позитивни оценки и од обожавателите и од музичките експерти. Стив Хју, од музичкиот портал Allmusic, на албумот му дал 4.5 од 5 ѕвездички, ословувајќи го како убедливо најдобриот албум на Мегадет. Џим Фабер од списанието Entertainment Weekly албумот го оценил со B+, коментирајќи дека дискот е „брутално иновативен“ и дека е исполнет со нихилистички сфаќања. Мајк Стагно од Спутник напишал дека Rust in Peace е најпрефинетиот треш метал албум и дека песната „Five Magics“ е демонстрација на одлично искомпонирано соло и совршена гласовна изведба. MusicRadar го сместил албумот на 6. место на нивниот список од „50 најдобри хеви метал албуми на сите времиња“. Од IGN го рангирале како 4. највлијателен хеви метал албум на сите времиња, веднаш позади Master of Puppets на Металика, Paranoid на Блек Сабат и The Number of the Beast од Ајрон Мејден. Исто така бил вброен во книгата „1001 албум кои мораш да ги слушнеш пред да умреш“, книга каде се наоѓаат најмаркантните албуми во музичката историја.
Кристофер Фоли од The Metal Crypt истакнал:
Holy Wars е инзвонредно отворање на албумот, песна во која се сместени најсложените и најтешки рифови на Мастејн. И пеењето на Мастејн е оригинално во секој поглед, посебно оние стихови кои ги пее со снижен вокал. Сигурно е забавно да се имитира. Не можам да кажам лош збор за Rust in Peace. Земете ја која песна сакате за анализа, и ќе увидите дека сите имаат нешто посебно и оригинално. Најмногу ми се допаднаа воведот во „Lucretia“ и солажите во „Tornado of Souls“. Тие две песни се истовремено и многу тврди и многу нежни и префинети.
Rolling Stone го етикетирал албумот како еден од најсаканите на бендот, а песната „Holy Wars... The Punishment Due“ ја сместил во редот на треш класиците. Кога го запрашале Дејв Мастејн дали Rust in Peace е неговиот омилен албум, тој одговорил: „Да, секако, ни беше многу интересно додека го снимавме. Понекогаш ви здосадува ако премногу свирите одредени песни, но кога решивме да ја прославиме 20-годишнината од неговото излегување со турнеја, бевме возбудени што повторно ќе го свириме.“
Реизданието од 2004
[уреди | уреди извор]Влијание врз хеви металот
[уреди | уреди извор]Список на песни
[уреди | уреди извор]Сите напишани и искомпонирани од Дејв Мастејн, освен онаму каде е дополнето.
Бр. | Наслов | Текст | Музика | Траење |
---|---|---|---|---|
1. | „Holy Wars... The Punishment Due“ | 6:32 | ||
2. | „Hangar 18“ | 5:11 | ||
3. | „Take No Prisoners“ | 3:27 | ||
4. | „Five Magics“ | 5:39 | ||
5. | „Poison Was the Cure“ | 2:56 | ||
6. | „Lucretia“ | Мастејн, Дејвид Елефсон | 3:56 | |
7. | „Tornado of Souls“ | Мастејн, Елефсон | 5:19 | |
8. | „Dawn Patrol“ | Елефсон | 1:51 | |
9. | „Rust in Peace... Polaris“ | 5:35 | ||
Вк. траење: |
40:44 |
Бонус песни од 2004 | |||
---|---|---|---|
Бр. | Наслов | Музика | Траење |
10. | „My Creation“ | Мастејн, Менза | 1:36 |
11. | „Rust in Peace... Polaris“ (демо) | 5:25 | |
12. | „Holy Wars... The Punishment Due“ (демо) | 6:16 | |
13. | „Take No Prisoners“ (демо) | 3:23 |
Музички персонал
[уреди | уреди извор]
|
|
|
Пласман на табелите
[уреди | уреди извор]- Албум
Табела | Највисоко место |
---|---|
Билборд 200 (САД) | 23[9] |
Австралија | 47[10] |
Канада | 70[9] |
Јапонија | 29[11] |
Шведска | 34[12] |
Швајцарија | 29[13] |
Велика Британија | 8[14] |
- Синглови
Година | Песна | Табела | Место |
---|---|---|---|
1992 | "Hangar 18" | Ирска | 25[15] |
Велика Британија | 26[14] | ||
"Holy Wars... The Punishment Due" | Ирска | 12[15] | |
Велика Британија | 24[14] |
Сертификат за продажба
[уреди | уреди извор]Датум | Сертификат |
---|---|
13 декември, 1994 | Платинест [16] |
Номинации за Греми
[уреди | уреди извор]Година | Номинирана | Награда | Исход |
---|---|---|---|
1991 | „Rust in Peace“[17] | Најдобра хеви метал изведба | Номинирана |
1992 | „Hangar 18“[18] | Најдобра хеви метал изведба | Номинирана |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Sputnik Music Критички осврт на Rust in Peace Album Review
- ↑ The Metal Archives Критички осврт на Rust in Peace Encyclopaedia Metallum
- ↑ Huey, Steve. „Rust In Peace - Megadeth“. Allmusic. Посетено на 2012-03-03.
- ↑ Hanson, Paul (1998-06-21). „Rust In Peace - Megadeth“. The Daily Vault. Посетено на 2012-03-03.
- ↑ Farber, Jim (1990-10-26). „Rust in Peace Review“. Entertainment Weekly. Архивирано од изворникот на 2012-10-20. Посетено на 2012-03-03.
- ↑ Foley, Christopher (2009-07-06). „Rust In Peace - Megadeth“. The Metal Crypt. Посетено на 2012-03-03.
- ↑ Palmer, Robert (1990-11-15). „Megadeth: Rust In Peace : Music Reviews“. Rolling Stone. Архивирано од изворникот на 2007-10-23. Посетено на 2012-11-10.
- ↑ Stagno, Mike (2006-08-06). „Rust In Peace - Megadeth“. Sputnikmusic. Посетено на 2012-03-03.
- ↑ 9,0 9,1 „Megadeth > Charts & Awards > Billboard Albums“. Allmusic. Macrovision. Посетено на 2008-07-31.
- ↑ „Discography Megadeth“. australian-charts.com. Посетено на 2010-11-28.
- ↑ „メガデス-ORICON STYLE ミュージック“ (јапонски). Oricon. Посетено на 2010-11-28.
- ↑ „Discography Megadeth“. swedishcharts.com. Посетено на 2010-11-28.
- ↑ „Discography Megadeth“. swisscharts.com. Посетено на 2010-11-28.
- ↑ 14,0 14,1 14,2 „Megadeth - UK Singles & Albums Chart Archive“. Chart Stats. Архивирано од изворникот 2012-05-30. Посетено на 2010-11-28.
- ↑ 15,0 15,1 „Search the Charts“. The Irish Charts. Irish Recorded Music Association. Посетено на 2010-11-28.
- ↑ „Gold & Platinum“. RIAA. Посетено на August 9, 2010.[мртва врска]
- ↑ Грешка во наводот: Погрешна ознака
<ref>
; нема зададено текст за наводите по имеGrammy1991
. - ↑ Грешка во наводот: Погрешна ознака
<ref>
; нема зададено текст за наводите по имеGrammy1992
.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Rust in Peace на Discogs
- Rust in Peace на Amazon.com
- Рецензија на Sputnik Music
- Критички осврт на All Music
- Текстови од песните на Dark Lyrics
- Видео записот за „Holy Wars... The Punishment Due“ на YouTube
- Видео записот за „Hangar 18“ на YouTube