Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Прејди на содржината

Јадрена обвивка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ендомембрански систем на клетката

Јадрената обвивка ја одделува содржината на клеточното јадро од цитоплазмата и дава структурна поддршка на јадрото. Јадрената обвивка делува како препрека за проток на молекули меѓу јадрото и цитоплазмата, што го прави истото посебен биохемиски оддел. Каналите кои минуваат низ јадрената обвивка се образувани од јадрените порински комплекси, кои дозволуваат регулирана размена на молекули. Селективниот транспорт на белковини и РНК-низ јадрените порински комплекси го одржува внатрешниот состав на јадрото, но исто така има клучна улога во регулацијата на еукариотската генска експресија.

Градба и функција

[уреди | уреди извор]

Јадрената обвивка има сложена градба. Таа се состои од две јадрени мембрани, јадрена ламина и јадрен порински комплекс. Јадрото е опколено од две концентрични мембрани, наречени внатрешна и надворешна јадрена мембрана. Надворешната е во континуитет со ендоплазматичниот ретикулум, така што просторот меѓу внатрешната и надворешната јадрена мембрана е директно поврзан со луменот на ендоплазматичниот ретикулум. Освен тоа, надворешната мембрана е функционално слична со мембраната на ендоплазматичниот ретикулум и има рибозоми поврзани со нејзината површина. За разлика од неа, внатрешната мембрана носи единствени белковини кои се специфични за јадрото.

Клучната функција на јадрените мембрани е да бидат препрека која ги одвојува содржините на јадрото и цитоплазмата. Како и другите мембрани во клетката, јадрените мембрани се всушност фосфолипидни двослоеви, пропусливи само за мали неполарни молекули. Другите молекули се неспособни да дифундираат низ фосфолипидниот двослој. Двете мембрани се поврзани со јадрените порински комплекси, единечни канали низ кои поминуваат мали поларни молекули и макромолекули. Поринскиот комплекс е сложена структура која е одговорна за селективниот транспорт на белковини и РНК меѓу јадрото и цитоплазмата.

Под внатрешната мембрана лежи јадрената ламина, фиброзна мрежа која дава структурна поддршка на јадрото. Јадрената ламина се состои од еден или повеќе поврзани белковини наречени ламини. Повеќето клетки на цицачите, на пример, се состојат од четири различни ламини (А, B1, B2 и C).