Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Прејди на содржината

Боцвана

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија
Република Боцвана
Republic of Botswana
Lefatshe la Botswana

Знаме Грб
Гесло„Pula“ (цвана)
„Дожд“
ХимнаFatshe leno la rona  (цвана)
Нашата земја

Местоположбата на  Боцвана  (темносино) – во Африка  (светлосино и темносино) – во Африканската Унија  (светлосино)  —  [Легенда]
Местоположбата на  Боцвана  (темносино)

– во Африка  (светлосино и темносино)
– во Африканската Унија  (светлосино)  —  [Легенда]

Местоположбата на  Боцвана  (темносино)

– во Африка  (светлосино и темносино)
– во Африканската Унија  (светлосино)  —  [Легенда]

Главен град
(и најголем)
Габороне
25°40′S 25°55′E / 25.667° ЈГШ; 25.917° ИГД / -25.667; 25.917
Службен јазик англиски
цвана
Народности 
Демоним Боцванец
Уредување парламентарна република
 •  Претседател Ијан Кама
 •  Потпретседател Момпати Мерафхе
Независност
 •  од Обединетото Кралство 30 септември 1966 
Површина
 •  Вкупна 581,730 км2 (47-ма)
 •  Вода (%) 2.6
Население
 •  проценка за 2010 г. 2,029,307[1] (144-та)
 •  Попис 2001 1,680,863 
 •  Густина 3.4 жит/км2 (229-та)
БДП (ПКМ) проценка за 2010 г.
 •  Вкупен $28.491 милијарди[2] 
 •  По жител $15,489[2] 
БДП (номинален) проценка за 2010 г.
 •  Вкупно $14.030 милијарди[2] 
 •  По жител $7,627[2] 
Џиниев коеф. (1993)63[1]
многу висок
ИЧР (2013) 0.683[3]
среден · 109та
Валута Пула (BWP)
Часовен појас ЦАВ (UTC+02)
 •  (ЛСВ) н.п. (UTC)
Се вози на лево
НДД .bw
Повик. бр. +267

Боцвана (цвана: Botswana; англиски: Botswana) или официјално Република Боцвана (Lefatshe la Botswana, Republic of Botswana) — држава во Јужна Африка. Државата порано била британски протекторат познат како Бечуаналенд. Откако државата се стекнала со независност на 30 септември 1966 година, официјалното име биле променето во денешната форма. Боцвана се граничи со Јужна Африка на југ и југоисток, со Намибија на запад и на север и со Зимбабве на североисток. Боцвана има допирна точка со Замбија, но овој дел од границата не е добро утврден[4]. Главен град на државата е Габороне, а службени јазици се цвана и англискиот. Боцвана има вкупна површина од 581.730 км2 и население од 2.029.307 жители според проценките од 2010 година.

Топографски земјата е рамнинска и околу 70% од територијата зафаќа пустината Калахари. Боцвана има нешто над 2 милиони жители и тоа ја прави една од најслабо населените држави во светот. Боцвана била една од најсиромашните држави во Африка во моментот кога се стекнала со независност во 1966 година со БДП од 70 долари по глава на жител. Денес, Боцвана е една од најбрзо растечките економии во светот со БДП од 14.400 долари по глава на жител[5]. Државата е дом на еден релативно стабилен политички систем и брзорастечка пазарна економија. Економијата на земјата е една од најуспешните во Африка и брзо се развива услужниот сектор, светски познатата дијамантска индустрија, туризмот и производството.

Потекло на поимот

[уреди | уреди извор]

Името на државата потекнува од матичниот јазик цвана (сецвана) и значи „земја на Цваните“. На цвана, претставката бо- се става пред коренот на името (во овој случај народот Цвана) и се добива името на државата.

Историја

[уреди | уреди извор]

Рана историја

[уреди | уреди извор]

Територијата на Боцвана била населена со коисански народи со илјадници години. Едмп наоѓалиште на ридот Цодило во северозападна Боцвана содржи археолошки докази дека на таа територија имало коисански народи од 17.000 г.п.н.е. па до околу 1650 година. Во тој период коисанските народи биле ловци и собирачи на плодови, нивните алатки биле изработени од камен, дрво или коска и нивната култура била означена како „доцно камено доба“. Овој начин на живот бил нашироко прифатен во регионот, особено во северните предели на Боцвана. [2]

Во изминатите векови, коисанските народи преминале од примитивниот начин на живот во сточари и одгледувачи на говеда и овци. Говедата и овците биле донесени од Источна Африка. Некои коисански народи емигрирале низ централна Намибија и пристигнале сè до ’ртот Добра Надеж. Во тој период коисанските јазици за првпат биле воведени во Јужна Африка.[3]

Банту-период

[уреди | уреди извор]

Земјоделството и одгледувањето на добиток од страна на народите Банту било раширено јужно од екваторот со илјадници години. Од Западна Африка, за време на доцното камено доба, земјоделството било пренесено во Ангола, во 380 година започнало да се употребуваат и алатки во регионот на реката Замбези. Од другата страна пак, источноафриканското земјоделство се проширило низ саваните и во околу 20 година било воведено во регионот на реката Замбези. Овие народи, покрај тоа што вовеле земјоделство и сточарство, ги вовеле и банту-јазиците во регионот. [4]

Биле потребни стотици години да се заменат коисанските традиционални принципи на живот во регионот Окаванго и Макгадикгади со банту-вредности. Во 200-те години луѓето почнале да изработуваат керамика, која според археолошките пронајдоци, била мешавина од коисански и банту-елементи.[5]

Најстарото археолошко пронаоѓалиште во Боцвана од железното доба е Цвапонг, кое се наоѓа во Палапје и датира од 190 година. Се претпоставува дека наоѓалиштето е од источни банту-земјоделци од регионот на долината на Лимпопо. Во северните делови од државата се населиле западни банту-земјоделци. Во западните делови од државата биле пронајдени колиби за кои се верува дека потекнуваат од 420 година, додека исти такви населби биле пронајдени во Преторија, но тие потекнувале од 300 година. Денес има и докази дека имало банту-земјоделци во Окаванго, кои опстојувале паралелно со коисанските народи. Таква населба била Цодило, која потекнува од 550 година. Проблем за археолозите е да ги дефинираат карпестите цртежи во Цодило, за кои традиционално се верува дека биле насликани од Бушмани.[6]

Први кралства

[уреди | уреди извор]

Од 1095 година, југоисточна Боцвана била дом на нова култура, чиј центар бил Морцане во близина на Габане. Морицанската култура е традиционално поврзана со Кгалагдиското Кралство, најзападната сотоанско-цванска група.[7]

Во источните предели на централна Боцвана, во околината на Серове, се развила силна сточарска традиција, која била под доминација на населението од брдата Тоуцве од 600/700 година, па сè до 1200/1300 година. Просперитетот на државата бил заснован на одгледувањето добиток. Народот Тоутцве исто така се занимавал со ловење и со трговија во долината на Лимпопо.[8]

Државата на Тоуцве била освоена од народот Мапунгубве, која првично се наоѓала во регионот на реките Лимпопо и Шаше. Освојувањето се случило во периодот 1200/1300 година. Мапунгубве забележале голем развој поради трговијата со злато преку реката Шаше па сè до Индискиот Океан. Главниот центар на Тоуцве бил напуштен, но новите владетели ги зачувале останатите населени места поради одредени придобивки. Сепак, оваа држава во развој била краткотрајна и државата Големо Зимбабве, која се развила северно од Лимпопо, ја освоила цела територија. Најголемиот процут Зимбабве го забележал во периодот од 13 до 15 век. Наследничка на Големо Зимбабве била државата Бутуа, која се развила во западно Зимбабве.[9]

Државата Бутуа наскоро потпаднала под контрола на Чибундуле, а подоцна во 1685 година и под власт на Розвите. За време на владеењето на Розвите, Бутуа станала позната како Каланга.[10]

Издигнувањето на Цваните

[уреди | уреди извор]

Во периодот 1200 до 1400 година, поголем број моќни династии започнале за да се развиваат во западен Трансвал и нивната моќ почнала да се шири низ регионот. Фокензите се прошириле јужно кон јужносотоанските народи, додека Ролонзите се прошириле западно кон калагариските народи. Се претпоставува дека или Калагаријците ги прифатиле Ролонзите или се преселиле западно низ Калахари. Моќта на Ролонзите била голема и често имале воени конфликти со народот Таунг.[11]

Главните цвански династии Хуруце, Квена и Кгатла настанале од династијата Пофу. Цваните се одделиле во 1500/ 1600 година во западен Трансвал. Според народните прекажувања, Цваните се одделиле од сродниот народ поради сушата во првичната татковина и станале независно кралство. Според археолошките докази, до 1700 година Цваните живееле во мали колиби, а по 1700 година биле забележани и камени структури. Сите овие кралства во регионот се бореле за превласт, трговија и поголеми приходи од сточарството.[12]

Цванските династии Квена и Хуруце го основале кралството Нгвакеце во југоисточна Боцвана во 1700 година. По 1750 година, ова мало кралство прераснало во моќна воена држава која ги контролирала ловството и одгледувањето на добиток во Калахари, како и производството на бакар во Кање. Квените се населиле во Молепололе, а некои Квени се населиле и во Шошонг.[13]

Бечуаналенд

[уреди | уреди извор]
Карта на Јужна Африка во 1885 година.

Во 19 век избиле непријателства меѓу племињата Цвана и Ндебеле кои вршеле упади во Боцвана од североисток. Тензии, исто така, се појавиле со бурските (европски) доселеници од исток. По жалбите од страна на водачите на Боцвана Кама III, Батоен и Себеле за помош, британската влада го ставила „Бечуаналенд“ под нејзина заштита на 31 март 1885 година. Северната територија останала под директна управа како Протекторат Бечуаналенд'' и е денешна Боцвана, додека јужната територија станала дел од колонијата Кејп и сега е дел од северозападна провинција Јужна Африка. Мнозинството луѓе кои зборуваат цвана живеат во Јужна Африка.

Кога Сојузот на Јужна Африка е формиран во 1910 година од главните британски колонии во регионот, протекторатот Бечуаналенд и Баситоленд (сега Лесото) и Свазиленд ( „Високата комисија за територии“) не биле вклучени, но било обезбедено нивно подоцнежно оформување.

Географија и клима

[уреди | уреди извор]
Карта на Боцвана.

Особености

[уреди | уреди извор]

Вкупната површина на Боцвана изнесува 600.370 км2 и тоа ја прави 45-та најголема држава во светот. Како споредба, површината на Боцвана е слична со таа на Мадагаскар и нешто помала од американската сојузна држава Тексас. Според пописот од 2001 година, во Боцвана живеат 1.680.863 жители, а проценките за 2010 година предвидуваат дека државата има нешто над 2 милиони жители. На југ и југоисток Боцвана граничи со Јужноафриканската Република (1.840 км), на запад и на север граничи со Намибија (1.360 км) и на североисток државата граничи со Зимбабве (813 км)[6]. Боцвана има допирна точка со Замбија на север. Главен град на Боцвана е Габороне.

Од географска гледна точка, Боцвана е релативно рамнинска земја со одреден број на висорамнини. Во државата доминантна е пустината Калахари, која зазема 70% од вкупната површина на Боцвана. Делтата на реката Окаванго е најголема копнена делта во светот и истата се наоѓа во северозападниот дел од државата. Во северниот дел од државата се наоѓа Макгадикгади, големо исушено солено езеро.[7]

Басенот на реката Лимпопо, главна географска одлика на Јужна Африка, делумно се наоѓа во Боцвана, поточно во југоисточниот дел од земјата. Реката Чобе се наоѓа во северниот дел од Боцвана и истата служи како граница меѓу Боцвана и Намибија. Реката Чобе се спојува со реката Замбези во местото наречено Казунгула.

Пејзаж од делтата на Окаванго.
Национални паркови и резервати

Боцвана има разновиден див животински и растителен свет. Покрај делтата и пустината, во државата има пасишта и савани, каде гнуа, антилопи и останати цицачи и птици опстојуваат. Северниот дел од Боцвана е дом на една од ретките поголеми групи на африкански див пес. Националниот парк Чобе, кој се наоѓа во округот Чобе, е дом на најголемата концентрација на африкански слон. Паркот има површина од 11.000 км2 и во него живеат над 350 видови птици.

Националниот парк Чобе и резерватот Мореми, кој се наоѓа во делтата на Окаванго, се главни туристички одредишта. Покрај овие, во држава се наоѓаат и Централнокалахарскиот резерват, Националниот парк Макгадикгади и Националниот парк Нхај. Резерватот Машату е во приватна сопственост и се наоѓа во близина на реките Шаше и Лимпопо. Покрај него, во Боцвана има уште еден приватен резерват кој се наоѓа во близина на Габороне и се нарекува Моколоди.

Еколошки проблеми

[уреди | уреди извор]
Националниот парк Чобе.

Моментално Боцвана се соочува со два еколошки проблеми: суша и опустошување. Опустошувањето во Боцвана е тесно поврзано со сушните периоди. Поради сушата, 75% од луѓето и животинскиот свет во државата се зависни од подземните води. Подземните води ги ублажуваат ефектите на сушата. Подземните води се црпат со помош на дупчење длабоки дупки, кои пак резултираат со ерозија на земјата. Површинската, надземна, вода во Боцвана е многу малку застапена и само 5% од земјоделството на Боцвана користи дождовни води. Поради овој проблем, се зголемило одгледувањето на добиток како главен извор на приход. Како последица на тоа, 71% од површината на државата се користи за пасење, што е исто така една од причините за опустошување на земјиштето.[8]

Топографска карта на Боцвана.

Бидејќи одгледувањето добиток во Боцвана станал профитабилен бизнис, земјиштето и понатака се експлоатира. Животинскиот свет во Боцвана почнал драстично да се намалува. Во периодот од 1966 до 1991 година, добитокот се зголемил од 1,7 милиони на 5,5 милиони грла.[8]:64. Исто така, бројот на луѓето се зголемил од 547.000 на 1,5 милиони жители во 1995 година. Над 50% од домаќинствата во Боцвана чуваат добиток и моментално е најголем извор на приход за руралното население. Поради намалената обработка на земјата и големата застапеност на пасишта, се зголемило опустошувањето на земјиштето.[8] Исто така, во Боцвана се издале извештаи каде се вели дека и делтата на Окаванго се суши поради пасењето.[9]

Одделот за шумарство и ресурси веќе има започнато проекти за повторно засадување локална вегетација во Јужен Кгалагди, Северен Квененг и Ботети.[10] Со садењето на локална вегетација се очекува да се намали опустошувањето на земјата. Владата на САД исто така склучила договор со Боцвана, при што државата се стекнала со 7 милиони долари со што државата си го намалила јавниот долг. Со намалениот долг, Боцвана може да се насочи кон поинтензивни мерки за спречување на еколошките проблеми.[9] Програмата за развој на САД тврди дека главен проблем за преголемата експлоатација на ресусрите е директно поврзана со нивото на сиромаштија во земјата.

Боцвана е полусушна држава, поради кратките дождливи сезони. Сепак, поради релативно високата надморска височина и континенталната местоположба, државата има суптропска клима. Сушната сезона во Боцвана трае од април до октомври во јужниот дел и до ноември во северниот дел, каде сепак има поголеми врнежи. Јужниот дел од земјата е изложен на постудени ветришта за време на зимскиот период од мај до август, кога средна температура е 14 степени. Целата држава има топли лета со средна температура од 26 степени. Целата држава е ветровита и прашлива за време на сушната сезона.[11]

Политички систем

[уреди | уреди извор]
Зградата на Собранието на Боцвана.

Боцвана е демократска република, каде претседателот на Боцвана е шеф на државата и владата. Извршната власт е во рацете на владата. Законодавната власт под ингеренции на Собранието на Боцвана и владата. Последните парламентарни избори се одржале на 16 октомври 2009 година и истите биле десетти по ред.

Уште од независноста, политичкиот систем во Боцвана бил под доминација на Боцванската демократска партија. Судската власт во државата е независна од останатите два типа на власт. Според „Транспаренси интернешенел (Transparency International)“, Боцвана е најслабо корумпирана држава во Африка и се споредува со Португалија или Јужна Кореја.[12] Сепак, за државата се смета дека има најтајни јавни институции.[13]

Локалната власт во Боцвана е во рацете на окружните совети и петте градски совети. Окружните управници имаат извршен авторитет и истите се назначени од централната власт. Управниците соработуваат со назначени и избрани окружни советници и окружни комитети за развој.

На последните избори во 2009 година, следниве политички партии зеле учество: Боцванска демократска партија, Боцвански национален фронт, Боцванска конгресна партија, Боцванска народна партија, Движење Маркс, Енгелс, Ленин и Сталин, како и неколку независни кандидати.[14]

Одбранбени сили

[уреди | уреди извор]
Двајца членови на Боцванските одбранбени сили во акција во Сомалија.

Во моментот кога Боцвана се стекнала со независност, во државата немало обрамбени сили. Кога родезиските и јужноафриканските воени сили се судриле со активистите на ЗИПРА и ИС, тогаш Боцвана ги создала своите воени сили.[15]Боцванските обрамбени сили биле создадени во 1977 година. Претседателот на Боцвана е командир на воените сили и шеф на советот за одбрана. Одбранбените сили на Боцвана бројат околу 12.000 членови.

По политичките промени во Јужна Африка и во регионот, одбранбените сили на Боцвана се фокусирале на заштита од ловокрадство, подготовки при катастрофи и зачувување на меѓународниот мир. Како најголем придонесувач за развојот на војската е САД и голем дел од воените лица на Боцвана се стекнале со американска обука.

Одбрабените сили на Боцвана имале учество и во меѓународни операции. Некои позначајни учества на Боцванските сили се:[16]

  • учество во „Операција - возобновување надеж“, воена операција на САД во Сомалија за враќање на мирот во таа држава,
  • во периодот 1993-1994, боцвански тим учествувал во мировните операции на ООН во Руанда, но во улога на набљудувач. Истата година, боцвански тим бил испратен и во Мозамбик.
  • боцванските сили биле дел од операциите и во Лесото во 1998 година. Оваа операција завршила со тренирање на Одбранбените сили на Лесото. Боцванските сили се повлекле од Лесото кога ситуацијата била безбедна и стабилна.

Административна поделба

[уреди | уреди извор]

Боцвана е поделена на 15 окрузи, од кои 9 се рурални, а 6 се урбани. Окрузите се управувани од окружни и градски совети. До 2001 година Чобе бил посебен округ, но бил споен со Северозападниот округ, кој бил познат под името Нгамиленд.[17]

Рурални окрузи
  1. Централен Округ
  2. Ганзи
  3. Кгалагади
  4. Кгатленг
  5. Квененг
  6. Североисточен Округ
  7. Нгамиланд
  8. Југоисточен Округ
  9. Јужен Округ
Градски окрузи
  1. Габороне
  2. Франсистаун
  3. Лобаце
  4. Селеби-Пикве
  5. Џваненг
  6. Сова

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Податотека:Debswana HQ.jpg
Главното седиште на Дебсвана.

Од својата независност па навака, Боцвана го има најбрзо растечниот БДП по глава на жител во светот.[18] Боцвана се трансформирала од најсиромашна земја во светот во средна економија. Според проценките, Боцвана е на четврто место по бруто националните приходи по куповна моќ во Африка и има стандард за живот сличен на Мексико или Турција.[19] Валута на државата е боцванска пула. Една боцванска пула е еднаква на 6,40 денари.[20]

Според Меѓународниот монетарен фонд, економскиот раст на земјата бил околу 9% во периодот 1966 до 1999 година. Боцвана има високо ниво на економска слобода, во споредба со останатите африкански држави.[21] Владата константно одржува фискална политика, и покрај буџетскиот дефицит во 2002 и 2003 и државата има мал јавен долг. Боцвана се стекнала со највисок кредитен рејтинг во Африка.

Најголемата дијамантска компанија во државата, Дебсвана, е 50% сопственост на владата.[22] Рудната индустрија во државата сочинува околу 40% од приходите на земјата.[23] Во 2007 година, значителни количини ураниум биле откриени во Боцвана и се проценува ископувањето да започне во 2012 година. Неколку меѓународни рударски компании отвориле свои седишта во Боцвана и голем дел се изјасниле позитивно во поглед на трговијата со дијаманти, злато, ураниум, бакар па дури и нафта. Владата во 2009 година објавила дека размислува да не ја базира својата економија на дијаманти бидејќи се проценува дека дијамантите ќе бидат сосема ископани во следните 20 години.

Демографија

[уреди | уреди извор]
Религија
Религија во Боцвана[1]
религија процент
христијанство
  
71,6 %
нема
  
20,6 %
староседелски
  
6 %
други
  
1,4 %
неопределени
  
0,4 %

Се проценува дека околу 70 проценти од населението на Боцвана се христијани. Најголеми христијански групи се англиканците, методистите и црквата на Јужна Африка[24]. Покрај овие, во државата има и лутеранци, католици, адвентисти, баптисти, мормони и останати помали христијански групации.

Според пописот од 2001 година, во државата имало 5000 муслимани, кои биле по потекло од Јужна Азија. Исто така, според истиот попис, во државата биле забележани 3000 хиндуисти и 700 бахаисти. Околу 20% од вкупното население на државата се изјаснило дека нема религија. Религиските обреди се опслужуваат, како во урбаните, така и во руралните средини.[25]

Бушмани од Боцвана.
Девојче со товар.
Животниот век на граѓаните на неколку африкански држави. Боцвана е во црвена боја.

Боцвана е национална земја на Цваните. Тие сочинуваат околу 79% од вкупното население[26], а потоа следуваат Каланга со 11%, Басарва со 3%, Кгалагади со 3%, белци со 3% и други со 1%[27]. Покрај овие, во државата има и Бушмани, Бајеи, Бамбукушу, Басубија и Бахереро. Боцвана е дом и на мала група Индијци, чиј број е скоро ист со тој на белците. Индијците се доселеници од останатите африкански држави, каде емигрирале од Индискиот Полуостров. Белците се главно со англиско или холандско потекло и во регионот се населиле со колонизацијата на Јужна Африка.

Од 2000 година, поради лошата економска состојба во Зимбабве, бројот на Зимбабвејци во Боцвана се зголемил значително.[28]

Помалку од 10 000 Бушмани сè уште живеат според традиционалните норми. Уште од 1990-те години, владата на Боцвана се обидува да ги исели Бушманите од нивните места.[29] Професор Џејмс Анаја, висок функционер на ООН за човекови права, ги осудил постапките на Боцвана за иселување на Бушманите од нивните земјишта.[30][31]

Службени јазици во Боцвана се англискиот и цвана[27]. Англискиот јазик започнал да се зборува во регионот со британската колонизација на Јужна Африка и истиот бил службен јазик на протекторатот Бечуаналенд. Со осамостојувањето на Боцвана, за службен е прогласен и цвана, кој воедно и најмногу се зборува во државата. Карактеристични за овој јазик се претставките, кои имаат голема важност. Меѓу поголемиот број претставки, позначајни се претставките бо-, ба-, мо- и се-. Претставката бо- се користи за името на државата, претставката мо- се користи за еден човек од народот Цвана, претставката ба- се користи за народот Цвана и претставката се- се користи за јазикот. Така, од коренот „цвана“ се добива „Боцвана“ (држава), „Бацвана“ (народ), „Моцвана“ (еден човек од народот Бацвана) и „Сецвана“ (јазикот). Покрај цвана, во државата се зборуваат и каланга, сарва, недебеле и во некои делови африканс.

Здравство

[уреди | уреди извор]

Како и останатиот дел од потсахарска Африка, економските последици од епидемијата на СИДА се значајни. Планираните средства за економски развој биле намалени за 10% во 2002 година поради обезбедување буџет за здравството. Боцвана била силно погодена од пандемијата на СИДА и во 2006 година било проценето дека животниот век паднал од 65 на 35 години.[32]

Според податоците од 2006 година, 24% од возрасното население било заболено од СИДА.[33] Во 2003 година владата започнала програма за обезбедување евтини антивирусни лекови, како и информативна кампања за спречување на ширењето на болеста. Оваа кампања била започната од Фестус Могае, а првично била поддржана од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, Фондацијата Мерк, Африканското меѓусебно партнерство за СИДА, Инситутот за СИДА Боцвана-Харвард, Харвардското училиште за јавно здравство и Универзитетот Пенсилванија.

Приближно еден од секој шести Цванец има ХИВ, и со тоа Боцвана е на второто место според ХИВ инфекциите, веднаш за Свазиленд.[34] Владата јавно изјавила дека пандемијата ќе има силно влијание врз економијата на земјата и веќе таа има започнато кампањи и програми. Боцвана успеала да го намали пренесувањето на ХИВ од мајка на дете од 40 на само 4% од новороденчињата.

Сојузот за рак на Боцвана е волонтерска невладина организација, која има свои програми за борбата против ракот во државата. Сојузот е член на Унијата за меѓународна контрола на ракот. Сојузот обезбедува услуги за превенција од ракот, го олеснува патот до здравствените услуги за рак и обезбедува поддршка и совети за лицата кои се веќе заболени од рак.[35]

Универзитетот Боцвана.
Амантле Монтшо е позната боцванска спортистка.
Карпеста уметност во Боцвана.
Пустината Калахари.
Залез во Боцвана.

Образование

[уреди | уреди извор]

Во моментот кога Боцвана се стекнала со независност, во државата имало многу мал број дипломирани лица, и мал процент на луѓе со средно образование. Боцвана ја зголемила писменоста на возрасното население од 69% во 1991 година на 83% во 2008.[36]

Со откривањето на дијаманти и приходите кои владата ги добила од тоа, се забележал голем пораст на образованието во државата. На сите деца им се гарантира десетгодишно основно образование. Околу половина од учениците во Боцвана посетуваат дополнителни две години средно образование. Средното образование во Боцвана не е бесплатно и не е задолжително.

По завршувањето на средното образование, учениците може да се запишат на еден од шесте колеџи во државата или да се запишат на некои курсеви. Во државата функционираат Универзитетот Боцвана, Боцвански земјоделски колеџ и Боцванскиот сметководствен колеџ. Покрај овие, во државата има и уште одреден број приватни високообразовни институции. Голем дел од студентите се стекнуваат со државна школарина. Владата на Боцвана е во изградба и на вториот државен универзитет - Боцвански меѓународен универзитет за наука и технологија.

Фудбалот е најпопуларен спорт во државата. Најголем успех на боцванскиот фудбал е квалификувањето на Африканскиот куп 2012. Покрај фудбалот, во државата популарни се крикетот, тенисот, рагбито, ракометот и голфот[37][38] Боцвана е член на Меѓународниот совет за крикет.

Боцвана нема медал на олимписките игри, но во 2011 година Амантле Монтшо станала светски шампион во трки на 400 метри и таа станала првиот атлетичар од Боцвана кој освоил медал на меѓународно ниво. Покрај Амантле, Кабело Кгосиеманг е исто така познат атлетичар, кој бил трипати африкански шампион во скок во височина.

Уметност и кујна

[уреди | уреди извор]

Боцванската музика е вокална и се изведува без тапани. Голема улога во боцванската музика имаат жичените инструменти. Традиционални боцвански инструменти се сетинкане и сеганкуре. Во последните години гитарата станала неопходен дел од боцванската музика.

Кујната во Боцвана е уникатна, но сепак споделува одлики со останатите јужноафрикански кујни. Популарни јадења во Боцвана се пап, буревурс, самп, феткек и црви мопане. Карактеристично за Боцвана е сесва, солено мешано месо.

Најстарите боцвански и јужноафрикански цртежи на луѓе, животни и лов се наоѓаат во пустината Калахари. Цртежите биле изработени од Бушмани и се стари преку 20 000 години.

Национални празници

[уреди | уреди извор]

Националните празници во Боцвана се[39]:

Датум Македонско име Локално име
1 јануари Нова Година Ngwaga o mosha
2 јануари Општ празник
варира[40] Велики петок Labotlhano yo o molemo
Велигденски понеделник
варира[41] Велигден Tlhatlogo
1 јули Ден на Сереце Кама
19 јули Ден на претседателот
20 јули Општ празник
30 септември Ден на независност Boipuso
25 декември Божиќ Keresemose
26 декември/27 декември Ден на добра волја
Денот после Божиќ е исто така неработен ден.

Галерија

[уреди | уреди извор]
Повеќе...
  1. 1,0 1,1 1,2 Central Intelligence Agency (2009). „Botswana“. The World Factbook. Архивирано од изворникот на 2015-10-15. Посетено на 3 February 2010.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 „Botswana“. International Monetary Fund. Посетено на 2011-04-21.
  3. „2014 Human Development Report Summary“ (PDF). United Nations Development Programme. 2014. стр. 21–25. Посетено на 27 јули 2014.
  4. Zambia-Botswana border
  5. „CIA - The World Factbook“. CIA. Архивирано од изворникот на 2015-10-15. Посетено на 25 November 2011.
  6. Географија на Боцвана
  7. Geography of Botswana
  8. 8,0 8,1 8,2 Darkoh (PDF), IS: Rala, Архивирано од изворникот (PDF) на 2010-10-10, Посетено на 2012-01-24
  9. 9,0 9,1 „Botswana, US sign 'Debt-for-Nature' agreement“. Afrol. Посетено на 2010-07-04.
  10. NOTCDIB (PDF), UNCCD, Архивирано од изворникот (PDF) на 2010-07-24, Посетено на 2012-01-24
  11. General Survey of Climatology, Landsberg (ed.),Elsevier, 2001
  12. Transparency International 2008 Corruption Perception Index 2008 Архивирано на 10 јануари 2019 г.. Retrieved 7-23-09.
  13. Botswana, Southern Africa's most secretive state [1]. Retrieved 12-11-11.
  14. Political parties of Botswana
  15. Parks, Michael (20 May 1986). „S. Africa Raids 3 Nearby Nations : Attacks Rebel Bases in Capitals of Zimbabwe, Zambia and Botswana“. Los Angeles Times.
  16. Мировни мисии на БОС
  17. Окрузите во Боцвана со поголеми градови.
  18. US Department of State website, Background Note: Botswana, May 2009. Retrieved 7-23-09.
  19. Klaus Kästle (2009-07-24). „GNI PPP table“. Nationsonline.org. Посетено на 2010-01-19.
  20. Currency converter: 1 bwp to mkd
  21. „Botswana ranked Africa's leader in economic freedom“. Архивирано од изворникот на 2018-10-09. Посетено на 2012-01-29.
  22. Joe Nocera (8 August 2008). „Diamonds are Forever in Botswana“. New York Times. Посетено на 2010-03-15.
  23. „Botswana Country Brief“. World Bank. Архивирано од изворникот на 2012-01-01. Посетено на 2012-01-29.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  24. Botswana Travel Guide: Religion
  25. „U.S. Department of State“. State.gov. 2007-09-14. Посетено на 2010-01-19.
  26. „Ethnic groups of Botswana“. Архивирано од изворникот на 2009-05-22. Посетено на 2012-01-29.
  27. 27,0 27,1 „US Department of State: Botswana“ (англиски). Посетено на 2012-01-29.
  28. Betts, Alexander; Kaytaz, Ezra (2009). „National and international responses to the Zimbabwean exodus: implications for the refugee protection regime“ (PDF). Research Papers. 175. Policy Development and Evaluation Service, United Nations High Commissioner for Refugees. Наводот journal бара |journal= (help)[мртва врска]
  29. African Bushmen Tour U.S. to Fund Fight for Land. National Geographic News.
  30. „UN report condemns Botswana's treatment of Bushmen“. Survival International. Посетено на 2010-07-04.
  31. „Challenges faced by Botswana's indigenous require Government action – UN expert“. Un.org. 2010-02-25. Посетено на 2010-07-04.
  32. Kallings LO (2008). „The first postmodern pandemic: 25 years of HIV/AIDS“. J Intern Med. 263 (3): 218–43. doi:10.1111/j.1365-2796.2007.01910.x. PMID 18205765. Архивирано од изворникот на 2018-12-08. Посетено на 2012-01-29.
  33. Global Report, UNAIDS, 2006
  34. , Avert (International Aids Charity) HIV and Aids in Botswana http://www.avert.org/aidsbotswana.htm HIV and Aids in Botswana Проверете ја вредноста |url= (help), Посетено на 2009-23-7 Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help); Отсутно или празно |title= (help)
  35. Union for International Cancer Control. „UCII page for Cancer Association of Botswana), retrieved 2010-11-5“. Uicc.org. Посетено на 2011-08-21.
  36. „UNESCO Institute for Statistics“. Stats.uis.unesco.org. Посетено на 2011-08-21.
  37. „Sparks to fly at Diamond“. Botswana Press Agency (BOPA). Посетено на 2008-01-18.
  38. „Opinion the Academic World“. Botswana Press Agency (BOPA). Архивирано од изворникот 2006-10-03. Посетено на 2008-01-18.
  39. Botswana Public Holidays
  40. Вообичаено во март или април.
  41. Вообичаено во мај

Библиографија

[уреди | уреди извор]
Користена литература
  1. ^ Парсонс, Н. (2000), Кратска историја на Боцвана
Дополнителни информации
  • Denbow, James & Thebe, Phenyo C. (2006). Culture and Customs of Botswana. Westport, CT: Greenwood Press. ISBN 0313331782..
  • Alexander McCall Smith: "The No.1 Ladies' Detective Agency" series.
  • Michael Stanley: A Carrion Death – part of the Detective Kubu series

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Статијата „Боцвана“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).