Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Прејди на содржината

Броеви (библиска книга)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Броеви“ или „Четврта книга Мојсеева“ — четвртата книга на Стариот завет од Библијата.

Содржина

[уреди | уреди извор]

На првиот ден од вториот месец во втората година по излегувањето на Евреите од Египет, Господ им дава заповед на браќата Мојсеј и Арон да ги пребројат сите машки постари од 20 години. Исто така, тој ги определува и старешините на дванаесетте родови (племиња). Пребројувањето покажува дека Израиловите потомци изнесуваат 603 550. Потоа, Мојсеј и Арон ги пребројуваат посебно и левитите, односно потомците на Леви на кои Господ им дава задача да се грижат за скинијата. Броењето покажува дека левитите постари од еден месец изнесуваат 22 000. Исто така, Господ издава и заповед како да се распоредат припадниците на различните племиња, а левитите се распоредуваат околу скинијата. Најпосле, по налог на Господ, Мојсеј ги брои и сите првородени деца, кои изнесуваат 22 273. Во продолжение, Господ издава заповед за постапката што треба да ја примени надлежниот свештеник во случај кога мажот се сомнева дека го изневерува жената, како и за постапката во случај кога некој човек сака да му даде завет на Бога.[1]

Старешините на племињата принесуваат жртви во скинијата, а Арон ги осветува левитите и така започнува нивната служба во скинијата. Следејќи ја божјата заповед, на 14. ден од првиот месец, Израиловите потомци за првпат ја прославуваат Пасха. Инаку, секој ден над скинијата се спушта облак и тоа е знак дека луѓето треба да мируваат, а кога облакот го нема, тогаш можат да тргнат на пат. На тој начин, Господ ги води Израиловите потомци во текот на нивното патување. Еден ден, Господ му наложува на Мојсеј да направи две труби со кои ќе го повикува народот и тогаш Евреите ја напуштаат Синајската пустина. Меѓутоа, народот почнува да негодува, поради што Господ остро ги казнува. Исто така, тој го казнува и Арон така што неговата жена Маријам заболува од лепра. По налог на Господ, Мојсеј испраќа извидници во земјата Хананска, кои соопштуваат дека таа е богата, но го заплашуваат народот дека не ќе може да ја освои ветената земја. Бидејќи народот повторно негодува, Господ се разбеснува и одлучува да ги уништи сите кои се свртеле против него, а само на нивните деца да им дозволи да пристигнат во ветената земја, и тоа по четириесетгодишно скитање низ пустината.[2]

Неколкумина левити се бунтуваат против Мојсеј и Арон, барајќи да бидат свештеници. Поради тоа, Господ ги казнува така што се отвора земјата под нивните шатори и тие пропаѓаат живи во пеколот, а потоа, Господ фрла оган и ги убива оние што негодуваат против него (вкупно 14 700 луѓе). Тогаш, Арон го моли Бога за милост и така го запира натамошниот помор на народот. По налог на Бога, Мојсеј и Арон ставаат пред ковчегот на сведоштвото даванесет жезла од сите племиња, а жезолот на Арон пушта гранки и раѓа плодови, со што Господ им покажува на луѓето кого го избрал за свој свештеник. Кога народот се жали дека нема вода за пиење, Мојсеј удира со жезолот во една карпа и од неа потекнува голема вода. Исто така, поради непослушноста на народот, Господ му заповеда на Арон да се искачи на планината Ор и тој умира таму во присуство на целиот народ, а неговата свештеничка облека ја презема неговиот син Елеазар.[3]

Негодувањето на народот не престанува, па Господ им праќа наезда на змии, која престанува така што Мојсеј изработува бакарна змија и секој што ќе погледне во неа е заштитен од змискиот отров. На патот кон Хананската земја, Евреите се борат против повеќе месни владетели при што ги уништуваат непријателите и ги разурнуваат нивните градови. Исплашен од напредувањето на Евреите, Валак, владетелто на моавската земја, бара од Валаам да ги проколне Евреите. Меѓутоа, на Валаам му се јавува ангелот божји, а потоа Господ ги претвора неговите клетви во благослов. Тогаш, Валаам пророкува дека Израилот ќе завладее со сите народи и дека ќе ги уништи непријателите свои.[4]

Кога Евреите почнуваат да водат љубов со Мадијамките, Господ истребува 24 000 луѓе пред да се смири. Потоа, тој му заповеда на Мојсеј повторно да ги преброи племињата, а пребројувањето покажува дека има 601 730 возрасни мажи (над 20 години) и 23 000 левити постари од еден месец. Меѓу нив нема ниту еден од луѓето од претходното пребројување, туку овие се потомците луѓето кои изумреле во текот на четириесетгодишното скитање низ пустината, освен двајцата преживеани — Халев и Навиновиот син Исус. Тогаш, Господ го определува правилото за наследување на имотот: во случаите кога луѓето немаат машки деца, имотот го наследуваат ќерките; ако воопшто немаат деца, имотот преминува на браќата на покојниот; а ако немаат браќа, имотот преминува на блиските роднии. Господ му соопштува на Мојсеј дека негов наследник ќе биде Навиновиот син Исус.[5]

По налог на Господ, Мојсеј собира голема војска која ги победува Мадијамците при што ги убива сите мажи и жени, ги уништува нивните градови и села и го граба целиот нивни имот, кој потоа им се распределува на војниците, на левитите и на народот. Еден дел од Евреите одлучува да не оди во Хананската земја, туку да остане на подрачјето околу реката Јордан. На преостанатите племиња, Господ им ја распределува Хананската земја и ги определува нејзините граници, заповедајќи да им се дадат 48 градови на левитите, а шест града да се остават како засолниште на оние кои извршиле ненамерно убиство.[6]

  1. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 151-160.
  2. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 160-172.
  3. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 173-178.
  4. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 179-184.
  5. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 184-187.
  6. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 188-198.