Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Прејди на содржината

Еволуција

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дијаграм на улогата на мутацијата и селекцијата во еволуцијата.
Чарлс Дарвин, татко на теоријата на еволуцијата преку природна селекција.

Во биологијата, еволуцијата е промена на одликите на живите организми преку генерациите. Вообичаената дефиниција на зборот во популарната наука ја опфаќа и појавата на нови видови, исто така како производ на еволуцијата. Од развојот на современата генетика во 40-тите, еволуцијата е дефинирана поспецифично како промена на честотата на алелите (алтернативни форми на истиот ген) во една популација од една генерација до следната. Во другите полиња терминот еволуција се користи во поширока смисла, за да означи каков било процес на промена во текот на времето.

Една од првите кохерентни теории за биолошка еволуција се предложени во раниот 19 век од Жан Батист Ламарк, но неговата теорија не била пошироко прифатена. Со објавувањето на заедничкиот труд на Чарлс Дарвин и Алфред Расел Волис во 1858, следена од Дарвиновата книга Потеклото на видовите во 1859, теоријата на еволуцијата преку природна селекција станала цврсто етаблирана во рамките на научната заедница и набрзо за неа се пројавил интерес и во пошироката јавност. Во 1930-тите, поголем број на научници ја комбинираат Дарвиновата теорија за природна селекција со повторно откриената теорија на наследност предложена од Грегор Мендел, при што ја создаваат современата еволуциска синтеза. Во современата синтеза, "еволуцијата" означува промена во честотата на алелите во една популација од една генерација до следната. Оваа промена може да биде предизвикана од повеќе различни механизми: природна селекција, генетско поместување или промени во популациската структура преку генетски тек.

Во обичниот говор зборот "еволуција" често се користи означување на современата синтеза на еволуцијата, вклучувајќи ја и теоријата дека сите различни видови имаат еден заеднички предок. Исто така, зборот се користи за да се опишат механизмите што дејстуваат при промената на населението.

Наследност

[уреди | уреди извор]

Наследувањето кај организмите настанува по пат на дискретни белези - карактеристичните црти на еден организам. На пример, кај луѓето, бојата на очите е наследен белег кој единките го наследуваат од еден од своите родители. Наследните белези се контролираат од гени, а целосниот збир на гени во рамките на геномот на дадена единка се нарекува генотип.

Целосниот збир од видливо изразени белези кои ја сочинуваат структурата и однесувањето на дадена единка се нарекува фенотип. Овие белези се плод на заемодејството меѓу генотипот и неговата околна средина. Како последица на ова, не секој аспект од фенотипот на еден организам е наследен. Тенот на кожата е резултат од заемодејството на човечкиот генотип со сончевите зраци, а не е наследен белег. Луѓето, меѓутоа, реагираат различно на сончевата светлина, што се должи на разлики во нивниот генотип. Негативен пример во оваа смисла се луѓе кои го наследиле белегот албинизам - тие не добиваат тен и се особено чувствителни на изгореници.

Гените се делови во молекулата на ДНК кои содржат генетска информација. ДНК претставува долга молекулска низа, изградена од четири типови на бази. Во различните гени редоследот на бази е различен. Начинот на кој базите се распоредени во редица е всушност кодот на генетската информација. Во клетките, долгите ДНК нишки се врзуваат со белковини и образуваат структури наречени хромозоми. Местоположбата на даден ген во еден хромозом се нарекува локус. Ако низата од ДНК во еден локус е различна кај секоја одделна единка, различните форми на овој распоред се нарекуваат алели. Низата од ДНК може да се менува при мутација, со што се создаваат нови алели. Ако мутацијата се случи во еден ген, новиот алел може да покаже влијание врз белегот кој се контролира од овој ген, што од своја страна води кон промена на фенотипот на организмот. Додека во некои случаи врската е проста (еден алел контролира еден белег), сепак почесто белезите се комплексни и се контролирани од мноштво заемодејствувачки гени.