Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Прејди на содржината

Потсдам

Координати: 52°24′0″N 13°4′0″E / 52.40000° СГШ; 13.06667° ИГД / 52.40000; 13.06667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Потсдам
Поглед на Потсдам
Поглед на Потсдам
Поглед на Потсдам
Грб на Потсдам
Потсдам во рамките на Германија
Потсдам
Управа
Земја Германија
Покраина Бранденбург
Округ Урбан округ
Градоначалник Јан Јакобс (СДП)
Основни податоци
Површина 187,28 км2
Надм. височина 35−114 м
Население 185.750 (31 декември 2022)[1]
 - Густина 992 жит/км2
Други информации
Часовен појас CET/CEST (UTC+1/+2)
Рег. табл. P
Пошт. бр. 14401–14482
Повик. бр. 0331
Портал www.potsdam.de
Местоположба на градот Потсдам во Бранденбург
Местоположба на градот Потсдам во Бранденбург
Местоположба на градот Потсдам во Бранденбург
Координати 52°24′0″N 13°4′0″E / 52.40000° СГШ; 13.06667° ИГД / 52.40000; 13.06667

Потсдам (германски: Potsdam; долнолужички: Podstupim) — главен град на германската сојузна покраина Бранденбург и дел од метрополитенската област Берлин/Бранденбург. Се наоѓа на реката Хафел, 24 километри југозападно од Берлин.

Потсдам имал свои моменти на национална и светска слава. Во Германија го има статусот што го има Виндзор во Велика Британија: бил резиденција на пруските кралеви и германските цареви до 1918. Околу градот постојат низи на меѓусебно поврзани езера и уникатни културни знаменитости, како парковите и дворците на Сансуси, најголемото светско културно наследство во Германија. Потсдамската конференција, главната повоена конференција по Втората светска војна помеѓу победничките држави, била одржана во друга палата во областа, Сесилинхоф.

Бабелсберг, во југоисточниот дел на Потсдам, било главно филмско студио пред војната и уживало одреден успех како главен центар на европскиот филм пред падот на Берлинскиот ѕид. Студиото Бабелсберг е најстарото опсежно филмско студио во светот.

Потсдам се развивал како научен центар во Германија од 19 век. Денес, постојат три јавни универзитети и повеќе од 30 истражувачки институти во градот.

Потекло на името

[уреди | уреди извор]

Името „Потсдам“ првично гласело „Позтупими“. Главна теорија е дека потекнала од старо западнословенскиот збор кој означува „под дабовите“,[2] односно од терминот „pod dubmi/dubimi“.

Географија

[уреди | уреди извор]
Сансуси
Темплинското Езеро јужно од Потсдам

Областа била создадена од низа големи морени останати од последното ледено доба. Денес, градот има 75% зелени површини и само една четвртина урбана област. Постојат околу 20 езера и реки во и околу Потсдам, како Хафел, Грибницско Езеро, Темплинско Езеро, Тифско Езеро, Јунгфернско Езеро, Канал Телтов, Хајлигско Езеро и Сакровско Езеро. Највисоката точка во градот е на 114 метри надморска височина и наречена Клајнер Равенсберг (Kleiner Ravensberg).

Потсдам е поделен на седум историски градски окрузи и девет нови единици (Ortsteile), кои му се приклучиле на градот во 2003. Изгледот на градските окрузи се прилично различни. Историските градби главно се наоѓаат во окрузите во северниот дел и во центарот, додека новите градби главно се изградени во јужниот дел на градот.

Историја

[уреди | уреди извор]
Документ од Светото Римско Царство од 993 во кој се споменува Позтупими
Нов дворец
Градскиот замок во Потсдам во 1773

Областа околу Потсдам била населена уште од бронзено доба и била дела од Магна Германија опишано од Такит. По преселувањата, Словените се доселиле и Потсдам бил веројатно основан по 7 век како населба на Хавелјаните. Првпат бил споменат во документ од 993 како Позтупими, кога царот Отон III ја доделил територијата на Опатијата Кведлинбург, тогаш водена од неговата тетка Матилда.[3] До 1317 бил споменуван како мал град. Здобил градски права во 1345. Во 1573 сè уште бил мал град со околу 2.000 жители. Потсдам го загубил скоро половина од населението во Триесетгодишната војна (1618–1648).

Постојан посед на Хоенцолерн од 1415, Потсдам станал познат, кога во 1660 бил избран како ловечка резиденција на Фридрих Вилхелм I, изборен кнез на Бранденбург-Прусија, јадро на тогашната држава која подоцна станала како Кралство Прусија. Исто така во градот се наоѓале касарни на Прусија.

Волтер во резиденцијата на Фридрих II во Потсдам. Делумен поглед на графика од Пјер Шарл Бако.

По Потсдамскиот едикт во 1685, Потсдам станал средиште на европската имиграција. Неговата верска слобода ги привлекла луѓето од Франција (хугеноти), Русија, Холандија и Бохемија. Едиктот го забрзал порастот на населението и економската обнова.

Подоцна, градот станал резиденција на кралското семејство на Прусија. Величествените градби на кралските резиденции биле главно изградени во текот на владеењето на Фридрих Велики. Една од тие е Сансуси (француски: „без грижи“, од Георг Венцеслаус фон Кнобелсдорф, 1744), позната по нејзините формални градини и внатрешноста во рококо. Други кралски резиденции се Новиот дворец и Оранжерискиот дворец.

Во 1815 при создавањето на покраината Бранденбург, Потсдам станал покраински главен град до 1918, меѓутоа помеѓу 1827 и 1843 и по 1918 бил надминат и наследен од Берлин како покраински главен град. Покраината се состоела од два административни округа именувани по нивните главни градови Потсдам и Франкфурт на Одра.

Административен округ Потсдам

[уреди | уреди извор]

Помеѓу 1815 и 1945, градот Потсдам служел како главен град на административниот округ Потсдам (Regierungsbezirk). Административниот округ се состоел од поранешните окрузи Укермарк, Марк Пригниц и голем дел од Курмарк. Бил сместен помеѓу Мекленбург и Померанија на север и Саксонија на југ и на запад бил (Берлин, кој бил урбан округ и енклава во рамките на округот помеѓу 1815 и 1822, потоа припоен како урбан округ во округот и повторно откинат од Потсдам во 1875, станувајќи посебна единица на 1 април 1881). На северозапад, округот се граничел со реките Елба и Хафел, а на североисток со Одра. Југоисточната граница била со соседниот административен округ Франкфурт на Одра. Околу половина милион жители живееле во целиот округ, кој покривал област од околу 20.700 км², поделен на тринаесет рурални окрузи, делумно именувани по нивните административни седишта:[4]

Ангерминде Бесков-Шторков (од 1836) Источен Хафеланд Источен Пригниц
Јитербог-Лукенвалде Долен Барним Пренцлау Рупин
Телтов (од 1836) Телтов-Шторков (до 1835) Темплин Горен Барним
Западен Хафеланд Западен Пригниц Цаух-Белциг

Градовите во округот биле мали, меѓутоа со индустрализацијата и преселувањето на работната сила, некои од нив достигнале степен на урбани окрузи. Поважни градови биле Бранденбург на Хафел, Кепеник, Потсдам, Пренцлау, Шпандау и Рупин.[4] До 1875, исто така, Берлин бил град во рамките на округот. По неговото одвојување, голем број негови предградија надвор од неговите граници станале градови, дел од нив станале урбани окрузи во округот Шарлотенбург, Лихтенберг, Риксдорф (по 1912 Нојкелн) и Шенеберг (сите овие, како и Кепеник и Шпандау, биле припоени во Берлин во 1920). Урбани окрузи биле (годините го означуваат достигнувањето на степенот на урбан округ или излегувањето од округот Потсдам, соодветно):

Берлин (1822–1875) Бранденбург на Хафел (од 1881) Шарлотенбург (1877–1920) Еберсвалде (од 1911)
Лихтенберг (1908–1920) Шенеберг (1899–1920) Дојч-Вилмерсдорф (1907–1920) Риксдорф (Нојкелн) (1899–1920)
Потсдам Ратенов (од 1925) Шпандау (1886–1920) Витенберге (од 1922)

Потсдам во 20 век

[уреди | уреди извор]

Берлин бил службен главен град на Прусија и подоцна на Германското Царство, но судот останал во Потсдам, каде живееле многу владини службеници. Во 1914, царот Вилхелм II ја потпишал објавата за војна во Новиот дворец. Градот го загубил својот статус на втор главен град во 1918, кога царот абдицирал на крајот на Првата светска војна.

На почетокот на Третиот Рајх во 1933 се случило церемонијално ракување помеѓу претседателот Паул фон Хинденбург и новиот канцелар Адолф Хитлер. Ракувањето се случило на 21 март 1933 во Гарнизонската црква во Потсдам и подоцна било наречено „Денот на Потсдам“. Ова го симболизира сојузот на војската (Reichswehr) и нацизмот. Потсдам бил тешко оштетен при бомбардирањето во текот на Втората светска војна.

Потсдамска конференција во 1945 со Винстон Черчил, Хари Труман и Јосиф Сталин

Дворецот Сесилинхоф бил местото на Потсдамската конференција, која се одржувала од 17 јули до 2 август 1945, на која победничките сојузнички водачи (Хари Труман; Винстон Черчил и неговиот наследник, Клемент Атли и Јосиф Сталин) се сретнале да ја одлучат иднината на Германија и повоена Европа. Конференцијата завршила со Потсдамскиот договор и Потсдамската декларација.

Мостот Глинике, користен за размена на шпиони во текот на Студената војна

Владата на Источна Германија (службено позната како Германска Демократска Република (германски: Deutsche Demokratische Republik, DDR)) се обидела да ги отстрани симболите на прускиот милитаризам. Многу историски градби, некои од нив тешко оштетени во војната, биле урнати.

Кога во 1946, остатокот на покраината Бранденбург западно од линијата Одра-Ниса била создадена како покраина Бранденбург, Потсдам станал нејзин главен град. Во 1952, ГДР ги распуштила своите сојузни покраини и ги заменила со помали нови окрузи. Потсдам станал главен град на новиот истоимен округ до 1990.

Потсдам, југозападно од Берлин, се наоѓал надвор од Западен Берлин и бил одвоен од него по изградбата на Берлинскиот ѕид. Ѕидот со Западен Берлин не само што го изолирал Потсдам од Западен Берлин, туку и двојно го зголемил времето за патување кон Источен Берлин. Мостот Глинике преку Хафел го поврзувал градот со Западен Берлин и бил средиште на некои размени на шпиони во текот на Студената војна.

По повторното обединување на Германија, Потсдам станал главен град на новосоздадената покраина Бранденбург. Постоеле многу идеи и биле вложени многу напори за обнова на првобитниот изглед на градот, најмногу со Градскиот замок и Гарнизонската црква.

Политика

[уреди | уреди извор]

Администрација

[уреди | уреди извор]
Старото градско собрание

Потсдам имал градоначалник (Bürgermeister) и градски совет од 15 век. Од 1809, градскиот совет бил избиран со градоначалник (Oberbürgermeister) на негово чело. Во текот на Третиот Рајх градоначалникот бил избиран од НСДАП, а градскиот совет бил укинат; повторно бил воспоставен во претходната форма по Втората светска војна, но слободни избори не биле одржани до повторното обединување на Германија.

Денес, градскиот совет е главната административна власт во градот. Помеѓу 1990 и 1999, претседавачот на градскиот совет бил познат како „градски претседател“, но денес називот е „претседавач на градскиот совет“. Градоначалникот се избира на директни избори.

Ландтаг Бранденбург, парламентот на сојузната покраина Бранденбург се наоѓа во Потсдам. Се планира да се пресели во Градскиот замок по неговото завршување.

Меѓународни односи

[уреди | уреди извор]

Збратимени градови

[уреди | уреди извор]

Потсдам е збратимен со следниве градови:[5]

Полска Ополе Полска 1973[6] Италија Перуџа Италија 1990
Франција Бобињи Франција 1974 САД Су Фолс Јужна Дакота, САД 1990
Финска Јивескиле Финска 1985 Германија Бон Северна Рајна-Вестфалија, Германија 1988[7]
Швајцарија Луцерн Швајцарија 2002[8]

Образование и истражување

[уреди | уреди извор]
Главната зграда на Потсдамскиот универзитет

Потсдам е универзитетски град. Потсдамскиот универзитет бил основан во 1991 како универзитет на покраината Бранденбург. Негов претходник бил Академијата за општествени и правни науки на ГДР „Валтер Улбрихт“ (Akademie für Staats- und Rechtswissenschaften der DDR „Walter Ulbricht“), образовна институција основана во 1948, која била една од најважните универзитети во ГДР. На самиот универзитет студираат околу 20.000 студенти.

Кулата Ајнштајн била изградена во 1921 во чест на истражувањата за теоријата за релативноста

Во 1991 била основана Високата школа како втор универзитет во градот, на кој студираат околу 2.400 студенти.

Исто така постои и Висока школа за филм и телевизија (Hochschule für Film und Fernsehen „Konrad Wolf“ HFF), основана во 1954 во Бабелсберг, познат центар на германската филмска индустрија, со повеќе од 600 студенти.

Постојат и неколку истражувачки центри, вклучувајќи ги тие на институтот Фраунхофер за истражување на полимер и биомедицинско инженерство; на друштвото „Макс Планк“ за гравитациска физика (Институт Алберт Ајнштајн), за колоиди и за молекуларна физиологија; германскиот истражувачки центар за геонауки; потсдамскиот астрофизички институт; институт за напредни студии за одржливост и потсдамскиот институт за истражување на влијанието на климата.

Главни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Дворец Сансуси.

Историски гледано, Потсдам бил средиште на европската имиграција. Неговата верска слобода ги привлекла луѓето од Франција, Русија, Холандија и Бохемија. Ова е сè уште видвливо во културата и архитектурата на градот.

Најпозната знаменитост на Потсдам е Паркот Сансуси, 2 километри западно од центарот на градот. Во 1744 кралот Фридрих Велики ја наредил изградбата на својата резиденција тука, каде можел да живее sans souci („без грижи“ на француски, кој бил говорен од страна на благородниците). Паркот поседува ботаничка градина и многу други прекрасни градби:

Три порти од првобитните градски ѕидини се останати и денес. Најстарата е Ловечката порта (Jägertor), изградена во 1733. Науенската порта била изградена во 1755 близу историскиот холандски кварт. Китнестата Бранденбуршката порта (изградена во 1770, немојте да ја помешате со Бранденбуршката порта во Берлин) се наоѓа на плоштадот Луизен на западниот влез во стариот град.

Фортунапортал (Fortunaportal) и црквата Св. Никола на Стариот плоштад (Alter Markt)
Стариот град (главната шопинг улица, „Бранденбуршка улица“ (Brandenburger Straße))

Стариот плоштад (Alter Markt) — историски центар на градот. Три века била местото на кое се наоѓал Градскиот замок (Stadtschloß), кралски дворец изграден во 1662. Под водство на Фридрих Велики, дворецот станал зимска резиденција на пруските кралеви. Дворецот бил сериозно оштетен при бомбардирањето во 1945 и уништен во 1961 од комунистичките власти. Во 2002, Портата Фортуна (Fortunaportal) била повторно изградена на нејзиното историско место, што било првиот чекор кон обновата на дворецот.

На Стариот плоштад, денес преовладува куполата на Црквата Св. Никола (Nikolaikirche), изградена во 1837 во класичен стил. Била последното дел на Карл Фридрих Шинкел, кој ја проектирал зградата, но не доживеал да го види нејзиното завршување. Била завршена од неговите ученици Фридрих Август Штилер и Лудвиг Перзиус. На источната страна на плоштадот се наоѓа Старото градско собрание (Altes Rathaus), изградено во 1755 од холандскиот архитект Јан Буман (1706–1776). Има карактеристична кружна кула, крунисана со позлатен Атлас, кој го носи светот на своите рамена.

Потсдамската Бранденбуршка порта

Северно од Стариот плоштат е овалната Француска црква (Französische Kirche), изградена во 1750-тите од Буман за хугенотската заедница.

Друга знаменитост на Потсдам е Холандскиот кварт (Holländisches Viertel), збирка на куќи кои се посебни во Европа, околу 150 куќи изградени од црвени тули во холандски стил. Биле изградени помеѓу 1734 и 1742 под водство на Јан Буман, кои се користеле од холандски мајстори и занаетчии, кои биле повикани да се населат тука од Фридрих Вилхелм I. Денес, областа е еден од најпосетуваните делови на Потсдам.

Северно од центарот на градот е руската колонија Александровка, мала енклава на руска архитектура (вклучувајќи православна капела) изградена во 1825 за група на руски имигранти. Од 1999, колонијата е дел од светското културно наследство на УНЕСКО.

Источно од колонијата Александровка има голем парк, Нова градина (Neuer Garten), кој бил уреден во 1786 во англиски стил. Местото содржи два дворци; еден од нив, Сесилинхоф, е местото каде се одржала Потсдамската конференција во јули и август 1945. Мермерниот дворец (Marmorpalais) бил изграден во 1789 во класицистички стил. Во близина е Биосфера Потсдам, тропска ботаничка градина.

Друг занимлив округ на Потсдам е Бабелсберг, кварт југоисточно од центарот, каде се наоѓаат филмските студии на Universum Film AG (Студио Бабелсберг) и голем парк со историски градби, како што се Дворецот Бабелсберг (Schloß Babelsberg, неоготски дворец проектиран од Шинкел).

Научниот парк Алберт Ајнштајн е местото каде се наоѓа Кулата Ајнштајн, кој се наоѓа на врвот на Телеграфенберг (Telegraphenberg).

Постојат многу паркови во Потсдам, најголем дел од нив вклучени во светското културно наследство на УНЕСКО. Некои од нив се:

Потсдам исто така има меморијален центар за поранешниот затвор на КГБ.

Царска железничка станица (Kaiserbahnhof) во Паркот Сансуси

Сообраќај

[уреди | уреди извор]
  • Железнички сообраќај: Потсдам, вклучен во тарифната зона „C“ (Tarifbereich C)[9] на берлинскиот јавен превоз, е опслужуван од линијата С7 на С-Железница. Станици кои се опслужуваат се Грибницзе, Бабелсберг и главната железничка станица (Hauptbahnhof), главна станица за сите возови. Други станици во Потсдам се Шарлотенхоф, Парк Сансуси (вклучувајќи ја и монументална „царска железничка“ (Kaiserbahnhof)), Мединштат Бабелсберг (порано Древиц), Ребрике и Пиршхајде. Градот исто така поседува 27 километри трамвајска мрежа.
  • Патен сообраќај: Потсдам е опслужуван од неколку автопати: А10, обиколница која е подобро позната како Берлинска обиколница, А115 и е поврзан со А2 и А9. Сојузните автопати Б1 и Б2 поминуваат низ градот. Потсдам исто така поседува мрежа на градски и приградски линии на автобуси и тролејбуси.
  • Турбине Потсдам, еден од најуспешните германски женски фудбалски клубови (Бундеслига за жени)
  • Бабелсберг 03, фудбалски клуб (3. Бундеслига)
  • Олимписки тренинг-центар Потсдам
  • Потсдам, рагби клуб
  • Потсдамскиот маратон околу замоците (Potsdamer Schlössermarathon) — маратон, кој се одржува во јуни секоја година. Илјадници пријавени ја трчаат патеката низ замоците за поламаратон и неколку стотици ја трчаат уште еднаш патеката за да го завршат целиот маратон.
  1. „Население на Бранденбург по општини и општински заедници] на 31 декември 2022 г.“ (PDF). Статистичка служба за Берлин и Бранденбург. јуни 2023. (германски)
  2. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-03-08. Посетено на 2013-11-06.
  3. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име kopish.
  4. 4,0 4,1 Thomas Curtis (1839). The London encyclopaedia, or, Universal dictionary of science, art, literature, and practical mechanics, by the orig. ed. of the Encyclopaedia metropolitana Volume XVIII, p. 11
  5. „Die Partnerstädte der Landeshauptstadt Potsdam“. www.potsdam.de (германски). Архивирано од изворникот на 2016-08-06. Посетено на 24 јуни 2010.
  6. „Miasta Partnerskie Opola“. Urzad Miasta Opola (полски). Архивирано од изворникот на 2013-08-01. Посетено на 1 август 2013.
  7. „Збратимени градови“. Stadt Bonn. Архивирано од изворникот на 2013-04-10. Посетено на 1 август 2013.
  8. „Partnerstädte der Stadt Luzern“. Stadt Luzern (германски). Архивирано од изворникот 2013-06-21. Посетено на 1 август 2013.
  9. (германски) BVG: Берлински јавен превоз[мртва врска]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]