Тур де Франс 2019
| |||
Детали за трката | |||
Издание | 106. Тур де Франс | ||
Натпреварување | Светска турнеја на UCI 2019 2.UWT | ||
Етапи | 21 | ||
Датуми | 6 – 28 јули | ||
Растојание | 3.365,8 км | ||
Држави | Франција Белгија | ||
Поаѓалиште | Брисел | ||
Одредиште | Париз | ||
Екипи | 22 | ||
Возачи на почеток | 176 | ||
Возачи на крај | 155 | ||
Просечна брзина | 40,576 км/ч | ||
Добитници на наградите | |||
Победник | Еган Бернал (Инеос Гренадиерс) | ||
Второпласиран | Герајнт Томас (Инеос Гренадиерс) | ||
Третопласиран | Стевен Краусвајк (Џамбо-Висма) | ||
Бодовен | Петер Саган (Бора-Хансгрое) | ||
Планински | Ромен Барде (АГ2Р Ситроен Тим) | ||
Младински | Еган Бернал (Инеос Гренадиерс) | ||
Борбеност | Жилијан Алафилип (Судал Квик-Степ) | ||
Екипен | Мовистар | ||
◀2018 | 2020▶ | ||
Документација |
Тур де Франс 2019 (познато и како: Трка околу Франција 2019) — 106. издание на велосипедската голема трка Тур де Франс, која се одржала помеѓу 6 и 28 јули како дваесет и седми настан во сезоната на Светската турнеја.[1]
Трката имала вкупна должина од 3.365,8 километри и се состоела од 21 етапа, започнувајќи на 6 јули во Брисел, Белгија, и завршувајќи на 28 јули со традиционалната етапа на Елисејските полиња во Париз. Воведната етапа (позната и како „Големо тргнување“, Grand Départ) била одржана во Брисел во чест на 50-годишнината од првата победа на Тур де Франс на Еди Меркс. Вкупно 176 возачи од 22 екипи учествувале во трката. Крајниот генерален пласман бил освоен од Еган Бернал од Тим Инеос. Неговиот колега и победникот на Тур 2018, Герајнт Томас, завршил втор додека Стевен Краусвајк (Џамбо-Висма) завршил трет.
Колегата на Краусвајк, Мике Тенисен, ја освоил првата етапа во масовен спринт, кој станал прв возач на Тур кој ја облекол водечката жолта маичка. Жилијан Алафилип од Декојнинк-Квик Степ го преземал водството на трката по победата на третата етапа. Ја изгубил жолтата маичка по шестата етапа од Џулио Чиконе (Трек-Сегафредо), кој бил највисоко пласиран возач во групата на бегството, кое завршило пред главната група. Водството на Чиконе на Тур траело две етапи, пред Алафилип повторно да ја преземе жолтата маичка, која ја носел на следниве единаесет етапи, вклучувајќи ги и оние на Пиринеите, пред да ја изгуби од Бернал на вториот ден на Алпите, на етапата 19, која била скратена поради лошото време. Бернал го одржал водството на завршните две етапи за победа на Тур.
Бодовниот пласман бил освоен од Петер Саган по рекорден седми пат, додека Ромен Барде од АГ2Р-Ла Мондијал го освоил планинскиот пласман. Бернал, исто така, го освоил пласманот за млад возач. Мовистар Тим го освоиле екипниот пласман, додека Алафилип бил именуван најборбен на целата трка. Кејлеб Јуан од Лото-Судал имал најмногу победи на етапите, вкупно три.
Екипи
[уреди | уреди извор]Изданието во 2019 година имало вкупно 22 екипи.[2] Бидејќи Тур де Франс е настан од Светската турнеја, сите осумнаесет UCI World Tour екипи биле автоматски поканети и се обврзани да учествуваат на трката.[3] Дополнително, организаторот на трката, поканиле четири професионални континентални екипи да учествуваат на настанот. Трите француски екипи и една белгиска екипа учествувале на трката и претходно.[4][5] Презентацијата на екипите – каде членовите на секоја екипа биле претставени пред медиумите и локалните власти – се одржала пред 75.000 луѓе на Големиот плоштад во Брисел, Белгија, на 4 јули, два дена пред воведната етапа.[6]
Секоја екипа имала дозволено да настапи со осум возачи, па така вкупно 176 возачи ја започнале трката.[2] Од нив, 33 го имале својот прв настап на Тур де Франс.[7] Возачите доаѓале од 30 држави. Шест држави имале повеќе од 10 возачи на трката: Франција (43), Белгија (21), Италија (15), Шпанија (13), Германија (11) и Холандија (11).[2] Просечната возраст на возачите на трката била 29,71 година,[8] движејќи се од 21-годишниот Јаспер Филипсен (ОАЕ Тим Емирати) до 39-годишниот Ларс Бак (Тим Дименжн Дата).[9][10] Тим Санвеб го имала најмладиот состав, додека Тим Дименжн Дата го имала најстариот.[11]
Екипи од Светската турнеја на UCI (18)
| |
Фаворити пред трката
[уреди | уреди извор]Бранителот на титулата од 2018 година, Герајнт Томас, (Тим Инеос) се вратил да ја одбрани неговата титула. По прославата на неговата победа, на почетокот на сезоната 2019 бил надвор од форма.[12] Првите знаци за подобрување на формата било третото место на Тур де Романди. Потоа, учествувал на Тур де Свис, но имал пад на четвртата етапа поради што ја напуштил трката и морал да се опорави. Ова ја довело во прашање неговата спремност за настап на Тур.[13]
Второ- и третопласираниот од минатата година на Тур, Том Димулен (Тим Санвеб) и Крис Фрум (Тим Инеос) не учествувале на трката. Фрум не можел да настапи по тешкиот пад еден месец пред Тур на Критериум ди Дофине.[14][15] Во отсуство на Фрум, некои директори на екипите очекувале поотворена трка.[16] Димулен го пропуштил Тур поради повреда на коленото, која го принудила да се откаже од Џиро д’Италија, првата голема трка во сезоната.[17]
Возачи сметани за фаворити во генералниот пласман покрај Томас биле Ромен Барде (АГ2Р-Ла Мондијал), Еган Бернал (Тим Инеос), Јакоб Фуглсанг (Астана), Стевен Краусвајк (Џамбо-Висма), Микел Ланда (Мовистар Тим), Винченцо Нибали (Бахреин-Мерида), Тибо Пино (Групама-ФДЖ), Наиро Кинтана (Мовистар Тим) и Адам Јејтс (Мичелтон-Скот).[13][18][19][20][21] Барде завршил на подиумот двапати во неговата кариера, втор во 2016 и трет во 2017. Потфрлил во неговите подготовки за Тур, но неговото искуство и постојаност на неговите претходни резултати на трката го направиле да се смета за сериозен фаворит.[13][18][19] Колегата на Томас, Бернал, ги освоил трките Париз-Ница и Тур де Свис, и го делел водството со Томас на неговата екипа.[22] Фуглсанг имал многу успешна пролетна сезона, освојувајќи ја престижната еднодневна трка Лиеж-Бастоњ-Лиеж, како и етапните трки Вуелта а Андалусија и Дофине. Фуглсанг, исто така, се сметало дека ќе има голема корист од неговата силна екипа. Меѓутоа, имало сомнеж како Фуглсанг ќе се справи со тринеделна трка.[13][18] Краусвајк никогаш не завршил на подиум на крајот на некоја голема трка[23] и иако страдел од болест пред Тур, ја започнал сезоната добро и се сметал за голем фаворит.[13] Формата на Ланда била тешка да се предвиде, бидејќи не се тркал по завршувањето на Џиро, каде не завршил на подиумот. Негов најдобар резултат на Тур бил во 2017 година, кога завршил четврти возејќи како помошник за Фрум.[13][19] Ветеранот Нибали немал победи во 2019 година, но завршил втор на Џиро и се сметал за фаворит поради неговото искуство.[24] Тој бил единствен возач на почетокот на Тур покрај Томас кој го освоил Тур, изданието во 2014 година.[23] Пино бил исто така сметам дека е во исклучителна форма откако завршил петти на Дофине и го освоил генералниот пласман на Тур де л’Ен и Тур ди О Вар. Меѓутоа се говорело дека притисокот поради домашен фаворит ќе му наштети, како и можното потопло време. Неговите претходни резултати на Тур се мешани: завршил трет во 2014 година, но во подоцнежните години двапати се откажал.[20] Кинтана, двоен победник на некоја голема трка, бил гледан како кандидат за место на подиумот.[24] Јејтс се вратил на трката откако завршил на 29. место минатата година. Иако се повлекол од Дофине поради болест неколку недели порано, се верувало дека е во добра форма поради неговите добри резултати претходно во сезоната.[20]
Други возачи кои би имале добри резултати во генералниот пласман биле Емануел Бухман (Бора-Хансгрое), Даниел Мартин (ОАЕ Тим Емирати), Енрик Мас (Декојнинк-Квик Степ), Ричи Порт (Трек-Сегафредо), Ригоберто Уран и Тиџеј ван Гардерен (обајцата од ЕФ Едукејшн Фирст), Алехандро Валверде (Мовистар Тим) и Илнур Закарин (Катјуша-Алпесин).[13][18][19][20]
Бранителот на бодовниот пласман, Петер Саган (Бора-Хансгрое), се вратил да ја одбрани титулата во обид да го сруши рекордот од шест победи на Ерик Цабел. Пред Тур го израмнил рекордот со Цабел, откако го освоил пласманот шест пати на изминатите седум изданија.[25][26] Саган бил сметан за главен фаворит за победа на бодовниот пласман од медиумите, како и од обложувалниците.[27][28][29] Возачи кои би биле најголеми соперници на Саган биле Кејлеб Јуан (Лото-Судал), Дилан Груневеген (Џамбо-Висма), Мајкл Метјус (Тим Санвеб) и Елија Вивијани (Декојнинк-Квик Степ). Други возачи кои би биле можни фаворити за зелената маичка биле Жилијан Алафилип (Декојнинк-Квик Степ), Едвалд Боасон Хаген (Тим Дименжн Дата), Александер Кристоф (ОАЕ Тим Емирати) и Ваут ван Ерт (Џамбо-Висма).[27][28]
Рута и етапи
[уреди | уреди извор]На 30 мај 2017 година, ASO објавиле дека Брисел ќе биде домаќин на воведните етапи во 2019 година (позната како „Големо тргнување“), во чест на еден од најуспешните возачи на Тур, Белгиецот Еди Меркс, на 50-годишнината на неговата прва од петте победи на трката. Тоа било вторпат Тур да започне во Брисел и било петто белгиско „Големо тргнување“. Исто така, се одбележале 100 години од водечката жолта маичка на Тур.[30] Други детали за првата етапа биле откриени на 16 јануари 2018 година, каде било споменато дека воведната етапа ќе го вклучи стрмното калдрмисано искачување Мур ван Герардсберген, секогаш вклучено на еднодневната Трка околу Фландрија и втората етапа, која била екипен хронометар на улиците на Брисел.[31] Целата рута била објавена на 25 октомври 2018 година, која директорот на трката Кристијан Придом ја опишал како „највисок Тур во историјата“.[32]
Воведната етапа го посетила Шарлеруа и се вратила назад во Брисел, поврзувајќи ги регионите Фландрија и Валонија на етапата. Започнувајќи во Бенш, третата етапа ја напуштила Белгија и влегла во Франција, додека следната етапа ја однела трката североисточно кон масивот Вогези, каде имало уште две етапи. Преодната седма етапа го однела Тур југозападно кон Централниот Масив, а осмата етапа завршила во градот Сент Етјен. Етапите 9 и 10 го поминале Централниот Масив, пред првиот ден за одмор. Следниве две етапи ја однеле трката на Пиринеите, каде имало четири етапи. По вториот ден за одмор, Тур имало долг трансфер на запад за етапата 16, која завршила во Ним. Етапата 17 ја однела трката на Алпите на Гап. По трите алпски етапи се извршило авионски трансфер до предградијата на Париз, со што завршила трката на Елисејските полиња.[33]
Имало 21 етапа на трката на вкупно растојание од 3.365,8 километри.[34] Имало две хронометарски етапи, екипен хронометар на втората етапа на растојание од 27,6 километри и поединечен хронометар на етапата 13 на растојание од 27,2 километри.[33] На преостанатите деветнаесет етапи, седум биле официјално категоризирани како рамни, пет како ридски и седум како планински.[33] Најдолга етапа била десеттата етапа со 217,5 километри, додека најкратка била етапата 14 со 117,5 километри.[33] Рутата имала пет завршници на нагорнини: етапата 6 до Ла Планкш де Бел Фил; етапата 14 до Кол ди Турмале; етапата 15 до Фоа; етапата 19 до Кол де л’Изеран;[б 1] и етапата 20 до Вал Торен.[36] Планинскиот превој Изеран, највисок асфалтиран превој во Европа, бил вклучен на етапата 19.[32] Ова било седми пат Тур да го искачи Изеран на 2.770 метри, но само вторпат од потешката јужна страна.[32] Таа била едно од петте искалувања од „екстра категорија“ на самата трка.[37]
Преглед на трката
[уреди | уреди извор]Прва недела
[уреди | уреди извор]Масовната спринтерска завршница на првата етапа била освоена од возачот на Џамбо-Висма, Мике Тенисен. Бил дел од спринтерскиот воз на екипата, кој бил предводен од нивниот главен спринтер Дилан Груневеген, но самиот паднал во последните два километри, поради што Тенисен бил слободен да спринта. Ги освоил првата жолта и првата зелена маичка како предводник на генералниот и бодовниот пласман, соодветно.[38] Возачот од бегството, Грег ван Авермат, (Ванти-Гобер) ја предводел трката на највисоко категоризираното искачување на етапата, Мур ван Герардсберген, поради што станал прв во планинскиот пласман и ја носел првата точкеста маичка како предводник на пласманот.[б 2]
Тенисен го зголемил водството на трката по екипната победа на екипниот хронометар на втората етапа, која завршила дваесет секунди пред второпласираната Тим Инеос.[39] Меѓутоа, неговото водство имало краток век откако Жилијан Алафилип го презел првото место со силен напад на последното искачување на третата етапа, достигнувајќи го и престигнувајќи го остатокот од бегството создадено на почетокот на етапата, со што ја освоил самата етапа. Петер Саган и Тим Веленс (Лото-Судал) го презеле водството во бодовниот и планинскиот пласман, соодветно.[40] Следела рамна етапа, која завршила со масовен спринт, кој го освоил Елија Вивијани.[41]
Искачувањето на петтата етапа не предизвикале проблеми на трката, бидејќи повеќето фаворити ја задржале својата енергија за стрмната завршница на следната етапа.[42] Раното четиричлено бегство, во кое бил и носителот на точкестата маичка Веленс, било достигнато пред масовната спринтерска завршница, која била освоена од Саган.[43] На планинската етапа шест вклучила 14-члено бегство, кое имало над 8 минути водство. До Кол де Шеврер останале само четворица. Веленс и Ксандро Мерис (Ванти-Гобер), каде првиот ја обезбедил точкестата маичка уште еден ден, заостанале на последното искачување зад Дилан Тенс (Бахреин-Мерида) и Џулио Чиконе (Трек-Сегафредо). Тенс ја освоил етапата, но Чиконе успеал да ја преземе жолтата маичка и покрај тоа што попуштил во последните метри на искачувањето.[44] Последните 500 метри се покажале како тешкотија за фаворитите од генералниот пласман Винченцо Нибали, Ричи Порт и Ромен Барде, кои загубиле време на искачувањето.[45] Седмата етапа се вратила на рамен терен по Вогезите и била без возбуда, бидејќи бегството траело само неколку минути.[46] И покрај раните падови од Тиџеј ван Гардерен и Тенисен завршила во технички масовен спринт освоен од Груневеген.[47]
Осмата етапа со близу 4.000 метри искачување била сметана пред трката како можност за победа од бегство,[37] на кое дента имало четворица. Како одминувале искачувањата, оваа бројка постепено се намалувала, и само Томас де Гент (Лото-Судал) и Алесандро Де Марки (Ванти-Гобер) преживеале до завршното искачување, на кое Де Гент успешно се оддалечил од него. Разликата била до минута во завршните километри, кога Алафилип и Тибо Пино нападнале и добиле дваесет секунди од доста намалената главна група, а Де Гент успеал да се одржи за етапна победа, додека Алафилип ја повратил неговата жолта маичка.[48] И покрај неговиот втор пад на трката, бранителот на титулата Герајнт Томас успеал да се одржи и да избегне рана катастрофа.[49]
Деветтата етапа имала рано бегство од четиринаесет возачи, на кое подоцна се приклучил Марк Солер (Мовистар Тим), кој го пуштила главната група. На 40 километри до целта, Лукас Пестлбергер од Бора-Хансгрое нападнал, добивајќи околу 30 секунди пред другите од бегството да се здружат за да го стигнат, со што пола од нив ќе отпаднат. На последното брдо на денот, Кот де Сен Жист од трета категорија, на само 15 километри од целта, Пестлбергер бил конечно достигнат и се создало водечко трио, составено од Николас Роуш (Тим Санвеб), Тиш Бенот (Лото-Судал) и Дарил Импи (Мичелтон-Скот). Роуш отпаднал пред целта, оставајќи ја победата на Импи, кој го претекнал Бенот во завршниот спринт,[50] додека во генералниот пласман немало значителни промени.[51]
Завршната етапа пред денот за одмор, кој бил еден ден подоцна од вообичаеното, била на релативно рамен терен.[37] Меѓутоа, на 30 километри до целта, се случиле делби во главната група откако Тим Инеос и другите излегле на чело на групата и ја поделиле главната група при силни накрсни ветрови. Овој потег се покажал одлучувачки, бидејќи неколку од другите фаворити биле фатени позади, вклучувајќи ги Пино, Ричи Порт, Ригоберто Уран, Јакоб Фуглсанг и Микел Ланда, кои и изгубиле време од групата напред. Томас, Еган Бернал, Алафилип и Барде ги задржале нивните места на чело на трката, помеѓу намалената група.[52] Победата ја однел Ваут ван Ерт, откако неколку од главните спринтери останале позади, вклучувајќи го и неговиот колега од Џамбо-Висма, Груневеген.[53]
Втора недела
[уреди | уреди извор]До првиот ден за одмор, жолтата маичка била во посед на Алафилип, кој имал водство од 1' 12" пред Томас, позади кого бил Бернал на третото место, само 4" зад Томас. Домашниот фаворит Пино, и покрај тоа што бил 1' 21" од Томас на единаесеттото место, имал уште шанси за добар резултат.[54] Во бодовниот пласман, фаворитот пред трката Саган бил на првото место, со 62 бода пред второпласираниот Мајкл Метјус. Планинскиот пласман бил понеизвесен, каде возачите од бегствата и колеги од Лото-Судал, Веленс и Де Гент се бореле за првото и второто место, соодветно, со разлика од само шест бода.[55] На етапата 11, малото бегство на денот било достигнато на 5 километри до целта, пред Кејлеб Јуан да го освои масовниот спринт.[56]
Првата етапа на Пиринеите, дванаесеттата, имало бегство од дури 42 возачи, но на крајот од завршното искачување останале само Сајмон Јејтс (Мичелтон-Скот), Пељо Билбао (Астана) и Грегор Милбергер (Бора-Хансгрое). Тројката се спуштила до завршницата, каде Јејтс го освоил спринтот. Главната група дошла заедно 10 минути подоцна.[57] Значајно откажување на етапата бил моменталниот светски хронометарски првак Роан Денис (Бахреин-Мерида), фаворит за следниот хронометар.[58] На хронометарот победил Алафилип со време од 35' 00" на патеката долга 27,2 километри, освојувајќи „неверојатна“ победа дента кога се очекувало да изгуби време во однос на другите како Томас,[59] кој завршил на второто место, четиринаесет секунди зад него.[60] Ваут ван Ерт, еден од фаворитите за етапата, морал да ја напушти трката за време на хронометарот откако паднал, удирајќи во ограда на една од страните на патот.[61]
На етапата 14, последните од бегството биле достигнати од групата на фаворити за генералниот пласман на 10 километри пред завршницата пред искачувањето на екстра категорија, Кол ди Турмале. На еден километар пред целта, Томас отпаднал од групата составена од Алафилип, Емануел Бухман, Пино, Бернал, Ланда и Стевен Краусвајк. Пино нападнал во последните 250 метри и го одржал водството до целта на врвот.[62] На последната етапа на Пиринеите, Сајмон Јејтс ја освоил својата втора етапна победа на трката од намаленото бегство од шест члена. Пино ја нападнал групата на фаворити за генералниот пласман на 6 километри до крајот за да заврши втор, 33 секунди зад него, со што се поместил на четвртото место во генералниот пласман. По последните возачи од бегството, останатите фаворити предводени од Томас пристигнале со задоцнување од 1' 22" зад Јејтс.[63] Следниот ден бил вториот ден за одмор на Тур.[33] До тука, Алафилип ги надминал очекувањата и го задржал водството од 1' 35" пред Томас. Краусвајк бил трет со 1' 47", додека Бернал и Бухман го следеле Пино на петтото и шестото место, соодветно.[64] Зелената маичка била сѐ уште носена од Саган, кој сега имал 85 бода пред второпласираниот Вивијани, додека планинскиот пласман бил предводен од Веленс, а крајниот победник Барде се наоѓал на 11. место.[65]
Трета недела
[уреди | уреди извор]Откако Тур се симнал од Пиринеите на преодните етапи кон Алпите, трката го искусила европскиот топлотен бран во јули, при што температурите се искачувале до 35°С на етапата 16. Јуан ја освоил етапата во масовен спринт во Ним, негова втора на Тур. Се случиле падови на етапата, вклучувајќи ги фаворитите Томас и Фуглсанг, поради што вториот и ја напуштил трката.[66] На следната етапа во еден момент се создало бегство од дури 33 возачи. Матео Трентин од Мичелтон-Скот го нападнал намаленото бегство на 40 километри од последното искачување, кое било од трета категорија и сам ја освоил етапата со водство од 37 секунди, додека главната група била 20 минути зад него.[67] Лук Роу (Тим Инеос) и Тони Мартин (Џамбо-Висма) биле дисквалификувани од трката по меѓусебен конфликт на чело на главната група во подоцнежниот дел од етапата.[68]
Етапата 18, прва на Алпите, била предводена од возачи во бегство на неколку искачувања на етапата. Силното бегство од 34 возачи било намалено на помала група на подножјето на Галибје, последното искачување. Наиро Кинтана нападнал на 7,5 километри од искачувањето, водејќи со минута и пол на врвот, кое го задржал на спустот до целта. Во меѓувреме, на 2 километри до врвот на Галибје, Бернал нападнал во групата на фаворити за генералниот пласман во која биле Алафилип и Томас, што му дозволило да добие половина минута во однос на нив и да се помести на второто место во генералниот пласман.[69] Водството во планинскиот пласман преминало кај Ромен Барде, кој бил фаворит пред трката за жолтата маичка, но откако изгубил 20 минути на етапата 14 го загубил фокусот за тоа и се префрлил на бегства.[70]
Околу 40 километри на етапата 19, Пино, кој бил петти во генералниот пласман, ја напуштил трката поради повреда на мускул на ногата.[71] На чело на трката во последните километри на претпоследното искачување, Кол де л’Изеран, Бернал нападнал од групата на фаворити, достигнувајќи ги и претекнувајќи ги последните членови на бегството на врвот. По него биле Сајмон Јејтс и Варан Баргиј (Аркеа-Самсик), една минута зад него, а следеле другите фаворити за жолта маичка. Алафилип отпаднал на нападот на Бернал и бил две минути зад него на врвот. На спустот, организаторите на трката ја неутрализирале трката кога снег, град и лизгање на земјиштето се случиле близу Вал д’Изер на последното искачување до Тињ. Времињата за генералниот пласман биле оние од Изеран, додека етапна победа и награда за најборбен возач на денот не биле доделени. Поради ова, Бернал, кој бил втор во генералниот пласман, се нашол пред Алафилип и ја презел жолтата маичка. Етапата била скратена од 126,5 километри на 89 километри.[35]
Нестабилното време предизвикало и претпоследната етапа да биде скратена од 130 на 59,5 километри, со што се избегнало искачувањето од прва категорија Кормет де Росленд и Кот де Лонжфоа од втора категорија, поради што возачите се искачиле само на Вал Торенс од екстра категорија на крајот.[74] Група од 29 возачи се оддалечиле две и пол минути пред главната група, пред да останат само шестмина на почетокот на искачувањето. На 12 километри до целта, Нибали нападнал од оваа група и сам стигнал до победа, десет секунди пред Ланда и Алехандро Валверде. Кратко потоа, Бернал и Томас ги повеле останатите фаворити од генералниот пласман Уран, Бухман и Краусвајк. Алафилип повторно заостанал, губејќи три минути во однос на Бернал и паднал од второто на петтото место.[75]
Последната етапа во Париз била освоена од Јуан во масовен спринт на Шанзелизе, негова трета победа и најмногу од сите други на ова издание. Бернал ја освоил трката, откако на етапата немало промени. Колумбиецот со 22 години станал најмлад после Франсоа Фабер во 1909 година и прв Латиноамериканец, кој ја освоил трката.[76] Томас завршил втор, 1' 11" зад Бернал, додека Краусвајк доцнел 20 секунди зад Томас и завршил трет.[34] Саган го освоил рекордниот седми бодовен пласман со вкупно 316 бода, 68 повеќе од Јуан.[34][76] Барде го освоил планинскиот пласман со 86 бода, 8 повеќе од Бернал. Пласманот за млад возач бил освоен од Бернал, додека 35. пласираниот Годи завршил втор.[34] Бернал станал петти возач кој ги освоил генералниот и пласманот за млад возач во иста година, следејќи ги Лорен Фињон (1983), Јан Улрих (1997), Алберто Контадор (2007) и Енди Шлек (2010).[77] Екипата на Мовистар Тим го освоиле екипниот пласман, 47' 54" пред второпласираниот Трек-Сегафредо.[34] Од 176 возачи, 155 ја завршиле последната етапа во Париз.[34]
Пласмани
[уреди | уреди извор]Постоеле четири главни поединечни пласмани на Тур де Франс 2019, како и екипниот пласман. Најважен бил генералниот пласман, кој бил пресметуван со додавање на завршните времиња на секој велосипедист по секоја етапа.[78] На сите етапни завршници, исклучувајќи ги двете хронометарски етапи, првите тројца возачи добивале бонуси од 10, 6 и 4 секунди, соодветно.[79] Со цел да ја раздвижи трката во генералниот пласман, временски бонуси од осум, пет и две секунди, соодветно, биле доделувани на првите тројца возачи на планински врв, доделувани на осум такви врва.[80][79] Такви искачувања имала на етапите 3, 6, 8, 9, 12, 15, 18 и 19.[81] Овие бонуси ги замениле „бонус-точките“, спринтови за временски бонуси кои биле воведени во 2018 година.[80] Ако се случи пад во последните три километри од етапа, ова не ги вклучувало хронометрите и завршниците на нагорнина, вклучените возачи добивале исто време како групата со која биле кога се случил падот.[82] Велосипедистот со најмало вкупно време е предводник на трката и победникот на овој пласман се смета за победник на Тур.[78] Возачот кој го предводел пласманот ја носел жолтата маичка.[83] Како прослава на 100. издание со жолта маичка биле носени поединечни дизајни на маичката на секоја етапа, освен на првата.[84]
Дополнително, постоел бодовен пласман. Возачите добивале бодови за завршување помеѓу најдобрите на етапите или на средните спринтови во текот на етапите. Бодовите достапни на секоја етапна завршница биле одредувани од видот на етапата, како и на спринтовите, и првите петнаесет возачи добивале бодови. На рамните етапи, 50 бодови добивал етапниот победник и по 2 бода помалку до 15. место. На ридскиот етапи, победникот добивал 30 бода, и исто така по 2 бода помалку до 15. место. На планинските етапи, хронометрите и спринтовите, 20 бода добивал победникот, намалувајќи по 1 бод.[78] Велосипедистот со најмногу бодови го предводел пласманот и ја добивал зелената маичка.[83]
Трет пласман бил планинскиот пласман. Повеќето етапи на трката содржеле едно или повеќе категоризирани искачувања, на кои биле доделувани бодови за возачите кои први се искачиле на врвот. Искачувањата биле категоризирани како екстра категорија (hors catégorie - вон категорија), прва, втора, трета или четврта категорија, со повеќе бодови достапни на повисоко категоризираните искачувања. Искачувањата од екстра категорија носеле 20 бода за првиот возач и по 2 бода помалку до 8. возач. На искачувањата од прва категорија, 6 возачи освојувале бодови, каде 10 добивал првиот. На искачувањата од втора, трета и четврта категорија, првиот возач добивал 5, 2 и 1 бод, соодветно.[79] Удвоени бодови се доделувале на врвот на петте искачувања од екстра категорија повисоки од 2.000 метри.[37][79] Велосипедистот со најмногу бодови го предводел пласманот, носејќи ја белата маичка со црвени точки.[83]
Последен поединечен пласман бил пласманот за млад возач. Тој се пресметувал на истиот начин како генералниот пласман, но ограничен само на возачи кои биле родени на или по 1 јануари 1994 година.[79] Од 176 возачи, 48 од нив можеле да учествуваат во пласманот.[85] Предводникот на пласманот ја носел белата маичка.[83]
Пласманот за екипи бил пресметуван со додавање на завршните времиња на најдобрите тројца возачи од екипата по секоја етапа; водечката екипа била екипата со најмало вкупно време. Бројот на етапни победи и пласманите по екипа го одредувале исходот во случај на изедначување.[79] Возачите во екипата која водела во овој пласман биле означувани со жолти броеви на грбот на нивните дресови и жолти кациги.[86]
Дополнително, постоела награда за борбеност, доделувана по секоја етапа, сметано од страна на жири, дека направил „најголем напор и покажал најдобри квалитети за спортски дух“.[79] Немало награди за борбеност на хронометрите и на завршната етапа.[87] Победникот носел црвен број на следната етапа.[86] На крајот на Тур, еден возач ја добивал сеопфатната награда за борбеност, повторно одредувана од жири.[79][88]
- На етапите 2 и 3, Петер Саган, кој бил втор во бодовниот пласман, ја носел зелената маичка, бидејќи првопласираниот Мике Тенисен ја носел жолтата маичка како предводник на генералниот пласман.[91][92]
- На етапите 7 и 8, Еган Бернал, кој бил втор во пласманот за млад возач, ја носел белата маичка, бидејќи првопласираниот Џулио Чиконе ја носел жолтата маичка како предводник на генералниот пласман.[93][94]
- На етапите 20 и 21, Давид Годи, кој бил втор во пласманот за млад возач, ја носел белата маичка, бидејќи првопласираниот Еган Бернал ја носел жолтата маичка како предводник на генералниот пласман.[95][96]
Поредок
[уреди | уреди извор]Легенда | |||
---|---|---|---|
Го означува предводникот во генералниот пласман[83] | Го означува предводникот во бодовниот пласман[83] | ||
Го означува предводникот во планинскиот пласман[83] | Го означува предводникот во пласманот за млад возач[83] | ||
Го означува предводникот во екипниот пласман[83] | Го означува предводникот на наградата за најборбен возач[83] |
Генерален пласман
[уреди | уреди извор]
Бодовен пласман
[уреди | уреди извор]Место | Возач | Екипа | Бодови |
---|---|---|---|
1 | Петер Саган (СВК) | Бора-Хансгрое | 316 |
2 | Кејлеб Јуан (АВС) | Лото-Судал | 248 |
3 | Елија Вивијани (ИТА) | Декојнинк-Квик Степ | 224 |
4 | Сони Колбрели (ИТА) | Бахреин-Мерида | 209 |
5 | Мајкл Метјус (АВС) | Тим Санвеб | 201 |
6 | Матео Трентин (ИТА) | Мичелтон-Скот | 192 |
7 | Јаспер Стејвен (БЕЛ) | Трек-Сегафредо | 167 |
8 | Грег ван Авермат (БЕЛ) | Ванти-Гобер | 149 |
9 | Дилан Груневеген (ХОЛ) | Џамбо-Висма | 146 |
10 | Жилијан Алафилип (ФРА) | Декојнинк-Квик Степ | 119 |
Планински пласман
[уреди | уреди извор]Место | Возач | Екипа | Бодови |
---|---|---|---|
1 | Ромен Барде (ФРА) | АГ2Р-Ла Мондијал | 86 |
2 | Еган Бернал (КОЛ) | Тим Инеос | 78 |
3 | Тим Веленс (БЕЛ) | Лото-Судал | 75 |
4 | Дамијано Карузо (ИТА) | Бахреин-Мерида | 67 |
5 | Винченцо Нибали (ИТА) | Бахреин-Мерида | 59 |
6 | Сајмон Јејтс (ВБР) | Мичелтон-Скот | 59 |
7 | Наиро Кинтана (КОЛ) | Мовистар Тим | 58 |
8 | Алексеј Луценко (КАЗ) | Астана | 45 |
9 | Стевен Краусвајк (ХОЛ) | Џамбо-Висма | 44 |
10 | Микел Ланда (ШПА) | Мовистар Тим | 42 |
Пласман за млад возач
[уреди | уреди извор]Место | Возач | Екипа | Време |
---|---|---|---|
1 | Еган Бернал (КОЛ) | Тим Инеос | 79ч 52' 52" |
2 | Давид Годи (ФРА) | Групама-ФДЖ | + 23' 58" |
3 | Енрик Мас (ШПА) | Декојнинк-Квик Степ | + 58' 20" |
4 | Лауренс де Плус (БЕЛ) | Џамбо-Висма | + 1ч 02' 44" |
5 | Грегор Милбергер (АВТ) | Бора-Хансгрое | + 1ч 04' 40" |
6 | Џулио Чиконе (ИТА) | Трек-Сегафредо | + 1ч 20' 49" |
7 | Ленард Кемна (ГЕР) | Тим Санвеб | + 1ч 39' 36" |
8 | Тиш Бенот (БЕЛ) | Лото-Судал | + 2ч 07' 33" |
9 | Нилс Полит (ГЕР) | Катјуша-Алпесин | + 2ч 14' 28" |
10 | Ели Жесбер (ФРА) | Аркеа-Самсик | + 2ч 33' 02" |
Екипен пласман
[уреди | уреди извор]Место | Екипа | Време |
---|---|---|
1 | Мовистар Тим | 248ч 58' 15" |
2 | Трек-Сегафредо | + 47' 54" |
3 | Тим Инеос | + 57' 52" |
4 | ЕФ Едукејшн Фирст | + 1ч 25' 57" |
5 | Бора-Хансгрое | + 1ч 29' 30" |
6 | Групама-ФДЖ | + 1ч 42' 29" |
7 | Џамбо-Висма | + 1ч 52' 55" |
8 | АГ2Р-Ла Мондијал | + 2ч 08' 56" |
9 | ОАЕ Тим Емирати | + 2ч 10' 32" |
10 | Астана | + 2ч 27' 37" |
Поредок во UCI пласманите
[уреди | уреди извор]За системот на Светскиот пласман, возачите од екипите во Светската турнеја и оние во професионалните континентални екипи настапувале поединечно, за нивните екипи и за нивните држави, освојувајќи бодови кои придонесувале кон поединечните пласмани, во кои биле вклучени сите друмски трки. Постоел поединечен пласман воведен во сезоната 2019, кои ги земал предвид само етапните трки на UCI, наречен Светски пласман на етапни трки.[97] Бодовите доделени на првите 60 во генералниот пласман, секоја жолта маичка на крајот на етапата, како и првите пет на секоја етапа и првите тројца на крај во бодовниот и планинскиот пласман.[98]
Бодовите освоени од Еган Бернал го искачиле од 23. на 6. место во поединечниот Светски пласман и од деветтото на второто место во Светскиот пласман на етапни трки.[99][100] Жилијан Алафилип ја задржал својата позиција на врвот на поединечниот пласман,[99] додека Декојнинк-Квик Степ и Белгија, исто така, го задржале водството во соодветните пласмани.[101][102]
Место | Прет. | Велосипедист | Екипа | Бодови |
---|---|---|---|---|
1 | 1 | Жилијан Алафилип (ФРА) | Декојнинк-Квик Степ | 4337,62 |
2 | 4 | Алехандро Валверде (ШПА) | Мовистар Тим | 3109,00 |
3 | 3 | Јакоб Фуглсанг (ДАН) | Астана | 2991,00 |
4 | 5 | Тибо Пино (ФРА) | Групама-ФДЖ | 2976,00 |
5 | 2 | Примож Роглич (СЛО) | Џамбо-Висма | 2859,61 |
6 | 23 | Еган Бернал (КОЛ) | Тим Инеос | 2726,75 |
7 | 6 | Грег ван Авермат (БЕЛ) | Ванти-Гобер | 2412,33 |
8 | 8 | Мајкл Метјус (АВС) | Тим Санвеб | 2409,55 |
9 | 12 | Сајмон Јејтс (ВБР) | Мичелтон-Скот | 2320,00 |
10 | 9 | Паскал Акерман (ГЕР) | Бора-Хансгрое | 2305,00 |
Место | Прет. | Велосипедист | Екипа | Бодови |
---|---|---|---|---|
1 | 1 | Примож Роглич (СЛО) | Џамбо-Висма | 2704,61 |
2 | 9 | Еган Бернал (КОЛ) | Тим Инеос | 2606,75 |
3 | 2 | Сајмон Јејтс (ВБР) | Мичелтон-Скот | 2320,00 |
4 | 12 | Жилијан Алафилип (ФРА) | Декојнинк-Квик Степ | 2132,62 |
5 | 5 | Тибо Пино (ФРА) | Групама-ФДЖ | 1903,00 |
6 | 4 | Мигел Анхел Лопес (КОЛ) | Астана | 1825,00 |
7 | 16 | Емануел Бухман (ГЕР) | Бора-Хансгрое | 1823,00 |
8 | 7 | Алехандро Валверде (ШПА) | Мовистар Тим | 1718,00 |
9 | 11 | Стевен Краусвајк (ХОЛ) | Џамбо-Висма | 1696,00 |
10 | 6 | Ричард Карапас (ЕКВ) | Мовистар Тим | 1573,00 |
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „UCI reveal WorldTour calendar for 2019“. Cycling News. Посетено на 23 октомври 2018.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „List of starters – Tour de France 2019“. Тур де Франс. Amaury Sport Organisation. Архивирано од изворникот на 6 јули 2019. Посетено на 6 јули 2019.
- ↑ „UCI Cycling Regulations: Part 2: Road Races page 110 article 2.15.127“ (PDF). uci.ch. Меѓународен велосипедистички сојуз. Архивирано од изворникот (PDF) на 2 јули 2015. Посетено на 20 август 2015.
- ↑ „Cofidis and Wanty-Groupe Gobert awarded Tour de France wildcard places“. Cyclingnews.com. 10 јануари 2019. Посетено на 13 јуни 2019.
- ↑ Балингер, Алекс (22 март 2019). „André Greipel to ride 2019 Tour de France as final wildcard places announced“. Cycling Weekly. Посетено на 13 јуни 2019.
- ↑ Торфс, Мишел (5 јули 2019). „"Eddy" has goose bump moment as Brussels soaks up Tour de France atmosphere“. VRT. Посетено на 5 јули 2019.
- ↑ „Tour de France 2019 – Debutants“. ProCyclingStats. Посетено на 6 јули 2019.
- ↑ „Tour de France 2019 – Peloton averages“. ProCyclingStats. Посетено на 6 јули 2019.
- ↑ „Tour de France 2019 – Youngest competitors“. ProCyclingStats. Посетено на 6 јули 2019.
- ↑ „Tour de France 2019 – Oldest competitors“. ProCyclingStats. Посетено на 6 јули 2019.
- ↑ „Tour de France 2019 – Average team age“. ProCyclingStats. Посетено на 6 јули 2019.
- ↑ Кери, Том (4 јуни 2019). „Party time over as 'more confident than ever' Geraint Thomas sets sights on more Tour de France success“. The Daily Telegraph. Telegraph Media Group. Посетено на 25 јуни 2019.
- ↑ 13,0 13,1 13,2 13,3 13,4 13,5 13,6 Флечер, Патрик (25 јуни 2019). „Form ranking: Tour de France 2019 favourites – Pre-race“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 25 јуни 2019.
- ↑ Балингер, Алекс (12 јуни 2019). „Chris Froome sustained 'multiple serious injuries' in Critérium du Dauphiné 2019 crash, Team Ineos confirm“. Cycling Weekly. TI Media. Посетено на 13 јуни 2019.
- ↑ Јорк, Филипа (13 јуни 2019). „Philippa York: Losing Chris Froome changes the Tour de France for every team“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 13 јуни 2019.
- ↑ Браун, Грегор (4 јули 2019). „Riders and directors predict wide-open battle for Tour de France overall“. VeloNews. Pocket Outdoor Media. Посетено на 5 јули 2019.
- ↑ Виндзор, Ричард. „Tom Dumoulin to miss the 2019 Tour de France“. Cycling Weekly. TI Media. Посетено на 20 јуни 2019.
- ↑ 18,0 18,1 18,2 18,3 Лабарга, Начо (21 јуни 2019). „Without Froome or Dumoulin in the Tour de France, who is now the main favorite?“. Marca (шпански). Unidad Editorial. Посетено на 27 јуни 2019.
- ↑ 19,0 19,1 19,2 19,3 Ејнсен, Јури (4 јули 2019). „Tour 2019: Preview – Favorites general classification“. WielerFlits (холандски). Посетено на 4 јули 2019.
- ↑ 20,0 20,1 20,2 20,3 Лоу, Феликс (4 јули 2019). „Tour de France 2019: Yellow jersey guide – Egan Bernal leads open field“. Eurosport. Discovery, Inc. Посетено на 4 јули 2019.
- ↑ Остерман, Михаел (3 јули 2019). „Tour de France: Breites Favoritenfeld“ [Tour de France: Wide field of favourites]. Sportschau (германски). Посетено на 5 јули 2019.
- ↑ „Tour de France: Ineos name Thomas and Bernal as joint team leaders“. The Guardian. Press Association. 28 јуни 2019. Посетено на 2 јули 2019.
- ↑ 23,0 23,1 Флечер, Патрик (26 јуни 2019). „Tour de France 2019: The Essential Guide“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 10 септември 2019.
- ↑ 24,0 24,1 Обри, Џејн (2 јули 2019). „Top of the Tour – yellow jersey preview“. SBS. Посетено на 10 септември 2019.
- ↑ „Bora-Hansgrohe: announces four riders including Sagan and Buchmann“. L'Équipe (француски). 27 јуни 2019. Посетено на 27 јуни 2019.
- ↑ Гоф, Брајан (6 јули 2017). „Peter Sagan falls victim to the black box of European sport governance“. Forbes (англиски). Посетено на 27 јуни 2019.
- ↑ 27,0 27,1 Ван Хенгел, Тим (3 јули 2019). „Tour 2019: Preview – The points classification“. WielerFlits (холандски). Посетено на 3 јули 2019.
- ↑ 28,0 28,1 Лоу, Феликс (2 јули 2019). „Tour de France 2019: Green jersey guide – Peter Sagan's seventh heaven?“. Eurosport. Discovery, Inc. Посетено на 3 јули 2019.
- ↑ Лонг, Џони (1 јули 2019). „Who are the favourites for the green jersey at the Tour de France 2019?“. Cycling Weekly. TI Media. Посетено на 2 јули 2019.
- ↑ „Tour de France honours Merckx with 2019 Brussels Grand Depart“. Diario AS. Perform Group. 30 мај 2017. Посетено на 6 јули 2019.
- ↑ „2019 Tour de France Grand Depart routes revealed“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 16 јануари 2018. Посетено на 6 јули 2019.
- ↑ 32,0 32,1 32,2 Фаранд, Стивен (25 октомври 2018). „Tour de France 2019 route revealed“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 13 јуни 2019.
- ↑ 33,0 33,1 33,2 33,3 33,4 „Official route of Tour de France 2019“. Тур де Франс. Amaury Sport Organisation. Посетено на 6 јули 2019.
- ↑ 34,00 34,01 34,02 34,03 34,04 34,05 34,06 34,07 34,08 34,09 „Official classifications of Tour de France 2019 – Stage 21“. Тур де Франс. Amaury Sport Organisation. Архивирано од изворникот на 29 јули 2019. Посетено на 29 July 2019.
- ↑ 35,0 35,1 „Tour de France: Bernal takes yellow on shortened stage 19“. Cyclingnews.com. 26 јули 2019. Посетено на 26 јули 2019.
- ↑ Виндзор, Ричард (1 јуни 2019). „Tour de France 2019: route and stage analysis“. Cycling Weekly. Архивирано од изворникот на 2019-06-21. Посетено на 17 јуни 2019.
- ↑ 37,0 37,1 37,2 37,3 Фотерингем, Вилијам; Шихи, Финбар; Симонс, Харви (1 јули 2019). „Tour de France 2019: stage-by-stage guide“. TheGuardian.com. Guardian Media Group. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Останек, Даниел; Рајан, Бери (6 јули 2019). „Tour de France: Teunissen takes yellow jersey after sprint victory in Brussels“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 7 јули 2019.
- ↑ 39,0 39,1 „Tour de France 2019: Geraint Thomas puts time into rivals as Teunissen retains yellow“. BBC Sport. BBC. 7 јули 2019. Посетено на 7 јули 2019.
- ↑ Лонг, Џони (8 јули 2019). „Julian Alaphilippe takes magnificent solo victory and yellow jersey on stage three of the Tour de France 2019“. Cycling Weekly. Посетено на 16 јули 2019.
- ↑ Артур-Бренан, Мишел (9 јули 2019). „Elia Viviani nets his first ever Tour de France win in stage four sprint“. Cycling Weekly. TI Media. Посетено на 9 јули 2019.
- ↑ Витл, Џереми (10 јули 2019). „Tour de France: Sagan takes 'exquisite' stage win as Alaphilippe stays in yellow“. TheGuardian.com. Guardian Media Group. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Бенсон, Даниел (10 јули 2019). „Tour de France: Peter Sagan wins stage 5“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Флечер, Патрик (11 јули 2019). „Tour de France: Teuns wins atop La Planche des Belles Filles“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Витл, Џереми (11 јули 2019). „Tour de France: Thomas makes statement but Ciccone takes yellow“. TheGuardian.com. Guardian Media Group. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Витл, Џереми (12 јули 2019). „Groenewegen sprints to Tour stage win as Brailsford cools Bernal hype“. TheGuardian.com. Guardian Media Group. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Бенсон, Даниел (12 јули 2019). „Tour de France: Groenewegen wins stage 7“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Флечер, Патрик (13 јули 2019). „Tour de France: De Gendt wins in Saint Etienne“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Витл, Џереми (13 јули 2019). „Geraint Thomas battles back after suffering second Tour de France crash“. TheGuardian.com. Guardian Media Group. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ „Tour de France: Impey wins stage 9 in Brioude“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 14 јули 2019. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Витл, Џереми (14 јули 2019). „Daryl Impey sprints to Bastille Day victory in Tour de France“. TheGuardian.com. Guardian Media Group. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Витл, Џереми (15 јули 2019). „Van Aert sprints to stage but Thomas the big winner on Tour day of chaos“. TheGuardian.com. Guardian Media Group. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Бенсон, Даниел (15 јули 2019). „Tour de France: Wout van Aert wins stage 10“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Витл, Џереми (16 јули 2019). „Dave Brailsford keen to 'twist knife' into Team Ineos's Tour rivals“. TheGuardian.com. Guardian Media Group. Посетено на 30 јули 2019.
- ↑ „Official classifications of Tour de France 2019 – Stage 10“. Тур де Франс. Amaury Sport Organisation. Архивирано од изворникот на 14 јули 2019. Посетено на 30 јули 2019.
- ↑ Лонг, Џони (17 јули 2019). „Caleb Ewan takes first Tour de France victory by the finest of margins on stage 11“. Cycling Weekly. TI Media. Посетено на 20 јули 2019.
- ↑ Останек, Даниел (18 јули 2019). „Tour de France: Simon Yates wins stage 12“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 20 јули 2019.
- ↑ „Rohan Dennis abandons Tour de France; Bahrain-Merida team to investigate“. VeloNews. Pocket Outdoor Media. 18 јули 2019. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Витл, Џереми (19 јули 2019). „Alaphilippe extends Tour lead over Thomas with stunning time-trial win“. TheGuardian.com. Guardian Media Group. Посетено на 30 јули 2019.
- ↑ Фаранд, Стивен (19 јули 2019). „Tour de France: Alaphilippe wins stage 13 time trial“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 20 јули 2019.
- ↑ Остлер, Лоренс (19 јули 2019). „Wout van Aert crash: Time-trial favourite abandons Tour de France after hitting stage 13 barrier“. The Independent. Independent Print Limited. Посетено на 31 јули 2019.
- ↑ Лонг, Џони (20 јули 2019). „Thibaut Pinot takes stage 14 Tour de France victory as Alaphilippe gains time on Thomas“. Cycling Weekly. TI Media. Посетено на 20 јули 2019.
- ↑ Останек, Даниел (21 јули 2019). „Tour de France: Simon Yates takes a second stage win on Prat d'Albis“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 26 јули 2019.
- ↑ Витл, Џереми (22 јули 2019). „Geraint Thomas insists he is ready for the challenge of the Alps“. TheGuardian.com. Guardian Media Group. Посетено на 30 јули 2019.
- ↑ „Official classifications of Tour de France 2019 – Stage 16“. Тур де Франс. Amaury Sport Organisation. Архивирано од изворникот на 24 јули 2019. Посетено на 30 јули 2019.
- ↑ Балингер, Алекс (23 јули 2019). „Five talking points from stage 16 of the Tour de France 2019“. Cycling Weekly. TI Media. Посетено на 28 август 2019.
- ↑ Виндзор, Ричард (24 јули 2019). „Matteo Trentin solos to victory on stage 17 of the Tour de France 2019“. Cycling Weekly. TI Media. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Бенсон, Даниел; Флечер, Патрик (24 јули 2019). „Luke Rowe and Tony Martin expelled from Tour de France“. Cyclingnews.com. Future plc. Посетено на 27 јули 2019.
- ↑ Балингер, Алекс (25 јули 2019). „Nairo Quintana returns to take victory as Julian Alaphilippe holds yellow on stage 18 of Tour de France 2019“. Cycling Weekly. TI Media. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Флечер, Патрик (26 јули 2019). „Polka-dot jersey a way for Bardet to 'save' his Tour de France“. Cyclingnews.com. Future plc. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ „Thibaut Pinot abandons Tour de France“. Cyclingnews.com. Future plc. 26 јули 2019. Посетено на 26 јули 2019.
- ↑ Бетер, Мајкл (27 јули 2015). „Post-Tour criteriums keep the spectacle alive a little while longer“. VeloNews. Pocket Outdoor Media.
- ↑ „Tourwinnaar Bernal vult tijdelijke expo KOERS eventjes aan met 52e gele trui“ [Tour winner Bernal completes temporary expo KOERS with a 52nd yellow jersey]. Het Laatste Nieuws (холандски). DPG Media. 30 јули 2019. Посетено на 27 март 2020.
- ↑ Лонг, Џони (26 јули 2019). „'Difficult weather' forces Tour de France to shorten stage 20 to just 59km“. Cycling Weekly. TI Media. Посетено на 30 јули 2019.
- ↑ Останек, Даниел; Фратини, Кирстен (27 јули 2019). „Tour de France: Bernal one stage from overall victory, Nibali wins atop Val Thorens“. Cyclingnews.com. Future plc. Посетено на 27 јули 2019.
- ↑ 76,0 76,1 „Egan Bernal wins the 2019 Tour de France as Caleb Ewan takes the final stage victory in Paris“. Bicycling. Hearst Communications. 28 јули 2019. Посетено на 30 јули 2019.
- ↑ van den Akker 2018, стр. 177.
- ↑ 78,0 78,1 78,2 Race regulations 2019, стр. 32.
- ↑ 79,0 79,1 79,2 79,3 79,4 79,5 79,6 79,7 Race regulations 2019, стр. 33.
- ↑ 80,0 80,1 Рајан, Бери (25 октомври 2018). „Tour de France places bonus sprints atop mountain passes to encourage attacks“. Cyclingnews.com. Future plc. Посетено на 3 јули 2019.
- ↑ „Tour aims to animate climbs with more time bonuses“. VeloNews. Pocket Outdoor Media. Agence France-Presse. 18 април 2019. Посетено на 3 јули 2019.
- ↑ Race regulations 2019, стр. 28.
- ↑ 83,00 83,01 83,02 83,03 83,04 83,05 83,06 83,07 83,08 83,09 Race regulations 2019, стр. 25.
- ↑ Еванс, Џош (15 мај 2019). „Tour de France celebrates 100 years of yellow jersey with new designs“. Cyclingnews.com. Future plc. Посетено на 13 јуни 2019.
- ↑ „Tour de France 2019 – Youngest competitors“. ProCyclingStats. Посетено на 6 July 2019.
- ↑ 86,0 86,1 Race regulations 2019, стр. 26.
- ↑ Race regulations 2019, стр. 19.
- ↑ „Alaphilippe awarded Tour de France's most-combative rider award“. Cyclingnews.com. Future plc. 29 јули 2019. Посетено на 30 јули 2019.
- ↑ „Tour de France 2019 – Leaders overview“. ProCyclingStats. Посетено на 29 јули 2019.
- ↑ Ван ден Акер, Питер. „Informatie over de Tour de France van 2019“ [Information about the Tour de France from 2019]. TourDeFranceStatistieken.nl. Посетено на 28 август 2019.
- ↑ „Official classifications of Tour de France 2019 – Stage 1“. Тур де Франс. Amaury Sport Organisation. Архивирано од изворникот на 3 March 2019. Посетено на 6 март 2019.
- ↑ „Official classifications of Tour de France 2019 – Stage 2“. Тур де Франс. Amaury Sport Organisation. Архивирано од изворникот на 29 јули 2019. Посетено на 29 јули 2018.
- ↑ „Official classifications of Tour de France 2019 – Stage 6“. Тур де Франс. Amaury Sport Organisation. Архивирано од изворникот на 29 јули 2019. Посетено на 29 July 2018.
- ↑ „Official classifications of Tour de France 2019 – Stage 7“. Тур де Франс. Amaury Sport Organisation. Архивирано од изворникот на 29 јули 2019. Посетено на 29 јули 2018.
- ↑ „Official classifications of Tour de France 2019 – Stage 19“. Тур де Франс. Amaury Sport Organisation. Архивирано од изворникот на 29 јули 2019. Посетено на 29 јули 2018.
- ↑ „Official classifications of Tour de France 2019 – Stage 20“. Тур де Франс. Amaury Sport Organisation. Архивирано од изворникот на 29 јули 2019. Посетено на 29 јули 2018.
- ↑ UCI cycling regulations 2019, стр. 67–72.
- ↑ Race regulations 2019, стр. 23.
- ↑ 99,0 99,1 99,2 „UCI Individual World Ranking“. Меѓународен велосипедистички сојуз. Посетено на 10 септември 2019.
- ↑ 100,0 100,1 „UCI Stage Race World Ranking“. Меѓународен велосипедистички сојуз. Посетено на 10 септември 2019.
- ↑ „UCI Team World Ranking“. Меѓународен велосипедистички сојуз. Посетено на 10 септември 2019.
- ↑ „UCI Nation World Ranking“. Меѓународен велосипедистички сојуз. Посетено на 10 септември 2019.
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 Етапата 19 била запрена по бурата од град и лизгање на земјиштето, поради што патот бил непрооден близу Вал д’Изер, пред планираното искачување до Тињ. Времињата за генералниот пласман биле земени од врвот на Кол де л’Изеран, но етапната победа и наградата за најборбен возач на денот не биле доделени. Еган Бернал го имал најбрзото време земено на таа точка.[35]
- ↑ На првата етапа, Грег ван Авермат освоил два бода кога поминал прв на врвот на искачувањето Мур ван Герардсберген од трета категорија, додека Ксандро Мерис (Ванти-Гобер) освоил еден бод за второ место. Потоа, Мерис освоил уште еден бод откако бил прв на искачувањето Босберг од четврта категорија, уште едно категоризирано искачување. Иако обајцата имале два бода по етапата, Ван Авермат го добил водството во пласманот, бидејќи Мур ван Герардсберген било повисоко категоризирано.[39]
- ↑ Неделите по Тур де Франс се одржуваат критериуми, главно во Франција, Белгија и Холандија, на кои се појавуваат возачи од Тур и им е дозволено да ги носат маичките од пласманите кои ги освоиле на трката.[72]
Извори
[уреди | уреди извор]- Race regulations (PDF). Tour de France. Paris: Amaury Sport Organisation. 2019. Посетено на 5 July 2019.
- UCI cycling regulations (PDF). Part 2, road races. Aigle, Switzerland: Меѓународен велосипедистички сојуз. 1 July 2019. Архивирано од изворникот (PDF) на 2019-07-05. Посетено на 5 July 2019.
- van den Akker, Pieter (2018). Tour de France Rules and Statistics: 1903–2018. Self-published. ISBN 978-1-79398-080-9.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Тур де Франс 2019“ на Ризницата ? |
|
|
Статијата „Тур де Франс 2019“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |