Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Прејди на содржината

Примати

Од Википедија — слободната енциклопедија
Примати
Primates
Период: доцен палеоцен - денес
Маслинест бабун (Papio anubis)
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Chordata
Класа: Mammalia
Инфракласа: Eutheria
Надред: Euarchontoglires
Ред: Primates
Linnaeus, 1758
Семејства
Распространување на нечовечките примати (зелено)

Примат — секој плацентален цицач што му припаѓа на редот Primates (од латински: primus, првичен, од прв ред). Во овој ред се наоѓаат еволутивно најусовршените животни, како лемури, раконожните примати, лорисите, галагоите, аветите, мајмуните, човеколиките мајмуни и луѓето.[1] Со исклучок на луѓето, кои денес го населуваат секој континент на Земјата, повеќето други примати живеат во тропските или суптропските региони од Америка, Африка и Азија.

Најмалиот примат е пигмејскиот глувчешки лемур (кој тежи само 30 g), додека најголемиот е планинската горила (тешка и до 200 kg). Според фосилните податоци, примитивните предци на приматите најверојатно постоеле во доцна Креда (пред околу 65 милиони години), а најстар познат примат е доцнопалеоценскиот Plesiadapis, кој постоел пред околу 55-58 милиони години. Меѓутоа, молекуларните анализи покажуваат дека еволутивната линија на приматите може да е многу постара и да датира од средна Креда (пред околу 85 милиони години).

Редот Primates традиционално се дели на две главни групи: просимии и симии. Просимиите имаат одлики слични на оние од најраните примати. Во оваа група припаѓаат: лемурите од Мадагаскар, лорисиформите, раконожните и аветите. Симиите се состојат од мајмуните и човеколиките мајмуни. Од неодамна, систематичарите го создадоа подредот Strepsirrhini (влажноносни примати) во кој ги вклучуваат неаветските просимии, како и подредот Haplorrhini (сувоносни примати) во кој ги сместуваат аветите и симиите. Симиите се поделени на две групи: Platyrrhines (рамноносни), каде припаѓаат сувоносните мајмуни (од Јужна и Средна Америка) и Catarrhini (тесноносни), каде се наоѓаат мајмуните од Африка и југоисточна Азија. Во сувооносните мајмуни од Новиот Свет се вбројуваат капучинот, дрекавецот и сајмирите, додека како тесноносни симии се сметаат мајмуните од Стариот Свет, како бабуните, макаките и човеколиките мајмуни. Луѓето се единствените тесноносни симии кои се прошириле надвор од Африка и југоисточна Азија, иако постојат некои фосилни докази кои укажуваат на тоа дека тие некогаш постоеле и во Европа.

Приматите имаат најразлични особини во однос на тоа каде и како живеат. Некои примати (како луѓето и бабуните) не живеат на двјата, но сите видови на примати поседуваат адаптации за искачување по дрвја. Техниките во движењето вклучуваат скокови од дрво на дрво, одење на два или четири екстремитети, одење на четири екстремитети при што прстите од предните се свиени и брахијација (преминување од дрво на дрво со рацете). Приматите се одликуваат со нивниот голем мозок (во споредба со другите цицачи), како и со зголемената способност за стереоскопска визија за сметка на мирисот, кој е доминантниот сетилен систем кај повеќето цицачи. Овие особини се најзначајни за мајмуните и човеколиките мајмуни, а помалку за лорисите и лемурите. Гледањето во три бои е развиено само кај некои примати. Исто така, повеќето видови поседуваат спротивно поставен палец, додека некои имаат прехензивни опашки (опашки специјализирани за фаќање или држење на објекти). Многу видови се гонохористи, што значи дека мажјаците и женките поседуваат различни физички одлики (како телесна маса, големина на песјаците и обојување). Приматите покажуваат побавен степен на развиток отколку другите, слични по големина, цицачи и достигнуваат полова зрелост подоцна, но затоа пак имаат подолг животен век. Некои видови живеат во осамеништво, други во машко-женски парови, додека трети живеат во групи од по стотици членови.

Систематика

[уреди | уреди извор]
  • Ред Primates
    • Подред Strepsirrhini: неаветски просимии
      • Инфраред Lemuriformes
        • Натсемејство Cheirogaleoidea
          • Семејство Cheirogaleidae: џуџести лемури и глувчешки лемури (33 вида)
        • Натсемејство Lemuroidea
          • Семејство Lemuridae: лемури (22 вида)
          • Семејство Lepilemuridae: витки лемури (25 вида)
          • Семејство Indriidae: волнени лемури и сродниците (19 вида)
      • Инфраред Chiromyiformes
      • Инфраред Lorisiformes
        • Семејство Lorisidae: лориси, потоси и сродниците (9 вида)
        • Семејство Galagidae: галагои (19 вида)
    • Подред Haplorrhini: авети, мајмуни и човеколики мајмуни
      • Инфраред Tarsiiformes
        • Семејство Tarsiidae: авети (9 вида)
      • Инфраред Simiiformes
        • Парворед Platyrrhini: сувоносни мајмуни
          • Семејство Cebidae: мармозети, тамарини, капучини и сајмири (56 вида)
          • Семејство Aotidae: ноќни или бувски мајмуни (дурукулис) (7 вида)
          • Семејство Pitheciidae: титис, сакис и уакарис (43 вида)
          • Семејство Atelidae: дрекавец, пајаковидни и волнени мајмуни (24 вида)
        • Парворед Catarrhini
          • Натсемејство Cercopithecoidea
            • Семејство Cercopithecidae: мајмуни од Стариот Свет (135 вида)
          • Натсемејство Hominoidea
            • Семејство Hylobatidae: гибони или "мали човеколики мајмуни" (13 вида)
            • Семејство Hominidae: луѓе и останати големи човеколики мајмуни (7 вида)

Филогенетско стебло

[уреди | уреди извор]
Primates
Strepsirrhini
Lemuriformes
Lemuroidea[2]


Lemuridae



Indriidae




Lepilemuridae




Cheirogaleidae



Lorisiformes

Lorisidae



Galagidae




Haplorrhini

Tarsiiformes

Tarsidae




Simiiformes
Platirrhini[3]


Cebidae



Aotidae





Pitheciidae



Atelidae




Catarrhini
Cercopithecoidea

Cercopithecinae



Colobinae



Hominoidea

Hylobatidae



Hominidae







  1. Goodman, M., Tagle, D. A., Fitch, D. H., Bailey, W., Czelusniak, J., Koop, B. F., Benson, P., Slightom, J. L. (1990). „Primate evolution at the DNA level and a classification of hominoids“. Journal of Molecular Evolution. 30: 260–266. doi:10.1007/BF02099995.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  2. Tree of Life: Strepsirrhini
  3. Tree of Life