Синтисајзер
Синтисајзер[1] – електронски музички инструмент којшто генерира звучни сигнали. Синтисајзерите генерираат звуци преку методите субтрактивна синтеза, адитивна синтеза и честотно модулирана синтеза. Овие звуци може да бидат обликувани и модулирани од разни компоненти како филтри, звучна анвелопа и нискофреквенциски осцилатори. Вообичаено на синтисајзерите се свири преку клавијатура или се контролира со секвенцери, софтвер или други инструменти, често преку МИДИ.
Инструменти слични на синтисајзерот се појавиле во САД во средината на 20 век со инструменти како RCA Mark II, кој се управувал со перфорирани картички и се состоел од стотици електронски цевки. Муг синтисајзерот којшто го развил Роберт Муг, првпат продаден во 1964 година, се смета за зачетник на концептите со аналогна синтеза, како напонски контролирани осцилатори, анвелопи, генератори на шум, филтри и секвенцери. Во 1970 година, поевтиниот и помал Минимуг, ги стандардизирал синтисајзерите како самостојни инструменти со вградена клавијатура, споредено со претходните модуларни синтисајзери. Првиот синтисајзер кој влегол во масовно производство, Јамаха DX7, бил лансиран на пазарот во 1983 година, популаризарајќи ја дигиталната синтеза. Софтверските синтисајзери денес може да бидат сместени на еден микрочип во кој било електронски уред.
Првично синтисајзерите биле сметани за авангарда, ценети од психоделичните и контракултурните сцени, но со мал комерцијален потенцијал. Свичид он Бах (Switched-On Bach, 1968), албум бестселер на Бахови композиции аранжирани за синтисајзер од Венди Карлос, ги направи синтисајзерите да бидат во тренд. Ги прифатиле поп и рок групите во 1960-тите и 1970-тите, а нашироко се користеле во рокот од 1980-тите. Семплирањето (искористување на веќе снимени примероци), воведено со Ферлајтовиот синтисајзер во 1979 година, влијаел на сите жанрови музика и имал големо влијание на развојот на електронската и хип-хоп музиката. Денес, синтисајзерот се користи во скоро сите жанрови музика и се смета еден од најбитните инструменти во музичката индустрија. Според Факт во 2016 година, „Синтисајзерот е толку битен, и сеприсутен во денешната модерна музика како човечкиот глас.“[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „синтисајзер“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „The 14 most important synths in electronic music history – and the musicians who use them“. FACT Magazine: Music News, New Music. (англиски). 2016-09-15. Посетено на 2018-10-19.