Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Comptes rendus bibliographiques/Критика и библиографија ŽAnt 65 (2015) 67–70 67 COMPTES RENDUS BIBLIOGRAPHIQUES – КРИТИКА И БИБЛИОГРАФИЈА DAN DANA, ONOMASTICON THRACICUM, RÉPERTOIRE DES NOMS INDIGÈNES DE THRACE, MACÉDOINE ORIENTALE, MÉSIES, DACIE ET BITHYNIE, Meletimata, no 70, Athenes, 2014, стр. LIV, + 459, карти 51 Книгава се состои од две големи целини. Првата е составена од четири глави: 1. историјат на изучувањaта на тракиските имиња; 2. извори; 3. тракиската ономастика распоредена во четири големи области, морфологија и видови имиња; 4. принципи за изучување. Втората целина ja сочинува каталогот на имиња, при што во три додатоци се издвоени нецелосно зачуваните имиња; оние со несигурно читање и потекло; signa и supernomina, како и список на ономастички формули, испуштен во содржината на книгата. Книгата завршува со три детални и многу корисни показатели на имињата: првиот со бројки за посведоченоста на имињата, вториот е составен од најчестите имињата, а во третиот имињата се дадени обратно, што е многу корисно за дополнување на оштетени имиња на натписите. Во првата глава најпрво детално е прикажан историјатот на изучувањата на тракискиот ономастикон: лексиката и обидите за дефинирање на тракискиот јазик, а потоа историското толкување на имињата прикажано според земјите од каде потекнуваат авторите (Бугарија, Романија, Југославија, Грција, Унгарија, Русија и западните земји – претежно француските, со бегол приказ на оние од другите земји меѓу кои и на прочуениот фински епиграфичар Х. Солин). Авторот многу остро го критикува некритичкиот однос при дефинирање на тракиските имиња и идеолошото толкување што е најмногу изразено во Бугарија, каде 1972-та во Софија, од политички мотиви, е формиран Траколошки Институт и воведена изразито идеолошки обоената дисциплина - тракологија. За разлика од острите критики на ставовите на изучувачите од балканските земји, грчките автори се само наброени и поштедени од каква и да е оценка – издавачот на книгата е КЕРА од Атина. Како пример за сложеноста на ономастичките изучувања и политизација го зема примерот на современа Македонија и етничкото шаренило до ХХ век, без да каже дека тоа не е белег само на Македонија туку на целиот Балкан. Како научник не е можно да не го знае тоа и не требало да го премолчи. Имено многу добро се знае дека ситуацијата во ХХ век беше иста во сите балкански земји кои, за разлика од Македонија, спроведоа хомогенизација на населението и на топонимите преку нивните државни механизми. Но иако зборува за Балканот и за Македонија авторот не дава пример од Балканот туку за хомогенизација на топонимите го споменува случајот во Анадолија, премолчувајќи го менувањето на топонимите и на личните имиња во тнр. егејски дел на Македонија што Грција го доби по балканските војни каде што во 1926 год. грчките власти со закон ги преименуваа словенските и турски топоними. Исто така го премолчува уште поочигледниот пример на чистење на романскиот јазик од словенските зборови што во 1862 год. започна со заменување 68 Comptes rendus bibliographiques/Критика и библиографија ŽAnt 65 (2015) 67–70 на кирилската азбука со латинска абецеда, а веднаш потоа (1870–1877) со насилна латинизација спроведена во трите етимолошки речници со внесување на зборови од латинско потекло на сметка на нелатинските зборови во прв ред на најбројните словенски, како и на грчките, турските и др. спроведувано и од романската академија на науки со секој новообјавен речник (в. Helga Bogdan Oprea, Relatinizarea limbii Române, Bucureşti 2011, особено стр. 60–67). По Втората светска војна, под советско влијание направена е одредена де-латинизација и „словенизација“ на јазикот. Со оглед на тоа дека Ав. е роден во Романија каде живеел до 2001 год. не може а да не го знае ова. Во втората глава Ав. ги набројува најголемите тракиски племиња меѓу кои ги вбројува и Едонците зашто не прави разлика меѓу Thracia stricto sensu (Str. VII. Fr. 48: цела Тракија е составена од 22 племиња) и Thracia lato sensu (Str. VII, 5.1: откај другото море, сè до Пропонтида и до Хелеспонт живеаат тракиски племиња помешани со скитски и келтски, како и Str. II, 4.8 ... многуборјни племиња – pant’ethne – помеѓу Јадранското и Црното Море). Во книгата на бугарскито историчар П. Делев (История на палемената во Югозападна Тракия през I хил. пр. Хр.) објавенa истата година со оваа книга, во југозападниот дел на Тракија, повторно во најширока смисла, без оглед на етничката припадност, обработени се 54 племиња (од кои 10 само еднаш се споменати во изворите). Ваквиот пристап се должи на фактот што најголемиот број современи автори не прави разлика меѓу Тракија во географска, архаизирачка смисла на зборот користен од античките автори за северното егејско крајбежје, и Тракија во етничка смисла на зборот за областите и племињата источно од р. Места. Задржувањето на архаизирачкиот термин – Тракија – со првобитното значење на копно, за северното егејско крајбрежје е една од причините за тнр. пантракиска теорија и за означување на овие племиња како тракиски и ги натера современите историчари да го воведат терминот источна Македонија што не се среќава во ниту еден антички извор. Така на пр. кога Страбон го опишува тој дел на Македонија вели дека македонската земја (а не држава) се протегала од Тесалонике до Стримон и дури до Нестос (Str. VII, 7.4). Необичните и ретки имиња од овој дел на Македонија и во Египет, се прогласуваат за тракиски иако воопшто не се посведочени во Thracia proprie dicti, а тоа е меѓу Родопите и Балкан пл. и источно од р. Места. Тракиските имиња во граничните делови на Македонија со Тракија се должат на мешањето на населението поради трговски и други економски причини, како што се рудниците во Пангајската област; така многу од натписите со тракиски имиња во секундарна употреба на еврејските гробишта во Солун донесени се од Филипи. На доселеници треба да им се припишат некои тракиски и делумно пантракиските имиња као Битус, Котис, Терес и Сеут што се среќaават во тнр. источна Македонија и во Битинија. Така, во Дакија тракиските имиња речиси секогаш се на војници, а во Д. Мезија на тракиски колонисти. Исто така треба да се има на ум дека во оваа тнр. западно тракиска област источно од Вардар сè до Места нема ниту еден топоним на -bria, -para, јасен белег за етничкото потекло и припадност на племињата. Ав. со право ги отфрла толкувањата за божемни тракиски имиња во линеарното Бе писмо - првото споменување на тракиското име и тракиски имиња е од крајот на хеленската колонизација, а ја отфрла и тнр. Јиречекова јазична граница без да даде аргументи. Примерот пак, со натписите од римско време во Филипи е резултат на статусот на градот – римска коло- Comptes rendus bibliographiques/Критика и библиографија ŽAnt 65 (2015) 67–70 69 нија, и на романизација на локалното население – имено само 15% од натписите се на грчки јазик. Обидите да се определи тракиски алфабет и јазик (прстенот од Езерово и др.) се неубедливи. Според лингвистот Кл. Брикс недешифрираниот јазик на посветите на Аполон (крај на VI век ст.е.) испишани со парски алфабет најдени на о. Самотраке е близок до фригискиот, а не до тракискиот како што претпочита авторов. Ниту божемниот континуитет на јазикот до најново време не може да се докаже со тракиски имиња зашто нив едноставно ги нема, исто како што ги нема грчките имиња – имено во зачуваните даночни документи во архивите на Атос најбројни се словенските имиња. На крајот, Ав. се осврнува и на божемното тракиско, и на уште позастапеното илирско потекло на албанскиот јазик што нема поткрепа во ономастиката која, сè до современата мода на давање илирски имиња, прво беше претежно христијанска, а потоа исламска. Третата глава за тракиската ономастика е најголема и тематски најразнобразна. Поради застареното мислење дека на Балканот освен Хелените живееле две големи групи племиња – Илири и Тракијци, имињата на староседелците во источниот дел се определуваа како тракиски и се зборуваше за трако-дако-гетски и трако-фригиски јазик, што доведе до тнр. Пантракиска теорија, потхранета со желбата за докажување на континутет од античко време до денес. Како пример за широкото дефинирање на тракиските имиња со право укажува на тнр. источна Македонија и на епихорските имиња од Македонија раширени низ хеленскиот свет со, и по походот на Александар Македонски. Со анализа на повќе од 1500 имиња определени како тракиски, од кои 230 со знак прашалник, авторот, по примерот на Ф. Папазоглу и Р. Катичиќ, одделува четири именски области: тракиска, дако-мизиска, западно тракиска и битинска. Со право го разграничува дакискиот од тракискиот ареал зашто нивната топонимија јасно се разликуваат: трaкиската главно со завршетоците, -bria и, -para (В. Георгиев, И. Дуриданова), а дакиската со -dava, -dina, -diza, што се согледува и во антропонимијата, но засега е тешко да се дефинира мизиската и затоа областа ја нарекол дако-мизиска. Најразнообразна е тнр. западно тракиска група зашто е преголема, составена од повеќе микро региони (егејскиот дел на провинција Тракија, областа од Никопол на Нестос до Сердика на север и тнр. источнa Мaкедoнијa). Но доволно е дa се погледне кaртaтa, стр. LХХVI, и да се види неоправданоста и нелогочноста на ваквата определба што се гледа и од малиот број на „тракиски имиња“, за кои е нормално да ги има во една гранична област. И не само тоа, најголемиот дел на овие имиња, како што покажа Ф. Папазоглу се еднокоренски и во Тракија се користат како дел на композитните, двокоренски, тракиски имиња. Премолчувајќи го авторството, Ав. детално ја разработува оваа теза и оди понатаму групирајќи ги имињата според местото на основниот елемент во двокоренските имиња (напред или назад) и според суфиксите –las и –zais, укажува на фонетските разлики што сè заедно покажува дека Едонија и најисточните делови на Македонија неоправдано се третираат како западнотракиски и дека дефиницијата на Ф. Папазоглу како едонско-бригиска група засега е поприфатлива. Во оваа фаза на изучувања, најмалку што требало да направи авторов, било да го издвои источниот македонски регион од Тракија (како што впрочем направиле и Римјаните при формирањето на провинцијата), при што многу појасно би се виделе спецификите и би се оцртале границите на преодните области меѓу племињата. Ав. пишува дека ономастиката на овој регион не е хомогена и дека треба да се очекуваат регионални разлики, но за жал не се обидел тоа да го провери. Токму вака грубо применетиот метод на именски подрачја, е најголемиот пропуст на Ав. кој наместо да ги расцепка големите подрачја – 70 Comptes rendus bibliographiques/Критика и библиографија ŽAnt 65 (2015) 67–70 што е суштина на овој метод, тој ги окрупнува, со што резултатите се замаглуваат. Треба да се укаже и на различниот степен на посведоченост на имињата по областите, како и на фактот дека од 1500 разгледувани имиња, 900 т.е 2/3 посведочени се само еднаш. Како неопределени области ги третира Дарданија, Пајонија, Мизија и Фригија и премногу сумарно ги прикажува постоечките мислења за нивната ономастика. Друга општа забелешка е тоа што кога Ав. ги дава туѓите мислења не упатува на нивните дела, така што не може да се проверат разликите во мислењата и аргументите. Во продолжение расправа за морфологијата, начинот на обликување, суфиксите, видовите имиња и за другите јазички феномени. Оделено се осврнува на женските имиња (20% од вкупниот број), на тнр. Lallnamen, имињата – етници, на теофорните и митолошки имиња, хибридни и фантомски имиња и на крај на тракиските глоси и етимологијата. Неколку поднаслови во оваа глава како што се хронологија на имањата, проблемите со акцентирање на „барбарските“ имиња, застапеност на имињата по генерациии, утврдување на просопографијата, не само што се тематски несоодветно распоредени туку повеќе одговараат за следната глава каде се расправа за принципите и тешкотиите на неговата работа како што се: лошо зачуваните или лошо прочитани натписи објавени со неупотребливи фотографии и без место на наоѓање; хомонимни имиња што се среќаваат во повеќе ономастикони, итн. и го објаснува својот пристап кон темава и принципите за составување на каталогот, така што многу подобро би било оваа глава да се стави на почетокот на книгата. За разлика од максималистичките приоди на траколозите, Ав. со право се определил за минималистички приод при определувањето на имињата и за строга проверка на hapaks имињата. Во каталогот се дадени 1500 имиња, со вкупна посведоченост од 7000 пати, при што за 230 не е сосема сигурно дека се тракиски, та се обележени со прашалник. За некои именски одредници напишал белешки за распространетоста, зачестеноста, етимологијата, укажува на хомоними, како и на топоними направени според името, а за некои имиња е направена и карта – што е невообичаено за каталог. И во каталогот имињата се прикажани според четирите именски подрачја што ги замислил авторот, но понекогаш излегува од нивните рамки, што не е најдобар начин да се укаже на аналогиите во соседните области (Г. Мезија, Линкестида?!?, Пелагонија?!?, Мизија) и всушност покажува дека потсвесно Ав. не ја отфрлил сосема пантракиската теорија. Наместо да ги прикаже имињата според микрорегиони за да се оцртаат ономастичките граници на племињата Ав. се определил во рамките на именската одредница да ги групира по микрорегиони што е помалку прегледно – тешко е да се види кои имиња се посведочени во еден микро-регион и на прв поглед дава погрешен впечаток. И имињата на тракиски војници посведочени во сите провинции на римската империја, кога би биле издвоени во одделен каталог, би дале јасна слика за врските и местото на Тракија во хеленистичкиот и римски свет. Без оглед на укажаниве недоследности, сепак овој труд претставува голем исчекор во изучување на тракиската ономастика и за ставање ad acta на пантракиската теорија. Наде Проева Филозофски факултет – Скопје