Location via proxy:   [ UP ]  
[Report a bug]   [Manage cookies]                
Прејди на содржината

Вислава Шимборска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вислава Шимборска
Шимборска во Краков, Полска, 2011 г.
Роден/а2 јули 1923(1923-07-02)
Провент, Полска (денес Бнин, Курник, Полска)
Починат/а1 февруари 2012(2012-02-01) (возр. 88)
Краков, Полска
Занимање
НационалностПолјачка
Значајни награди
Сопруг/аАдам Влодек (1948–1954; разведена)

Вислава Шимборска (полски: Maria Wisława Anna Szymborska; селото Провент, до Курник, Полска, 2 јули 1923 — Краков, Полска, 1 февруари 2012) — полска поетеса, добитничка на Нобеловата награда за литература во 1996 година.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Шумборска во Краков, 2009 година.

Вислава Шимборска е родена во 1923 година во селото Бњин покрај Курник, во близината на Познањ, од татко Винценти и мајка Ана (родена како Ротермунд). Во 1931 година, со своето семејство се преселила во Краков каде што останала да живее до крајот на животот. Во 1939 година, кога Германија ја окупирала Полска, Шимборска го продолжила своето образование во илегала. Од 1943 година се вработила во железницата и така успеала да ја избегне депортацијата во Германија на принудна работа. По ослободувањето на Полска, во 1945 година започнала да студира полски јазик и книжевност, а потоа социологија на Јагелонскиот универзитетот во Краков. Поради лошата финансиска положба, во 1948 година ги прекинала студиите и се омажила за поетот Адам Владек од кој се развела во 1954 година.[1] По Втората светска војна, за да можела студира и да се вработи, Шимборска морала да стане член на полската комунистичка партија (ПУРП), а партијата ја напуштила во 1966 година. Од 1953 година до 1981 година, Шимборска работела во литературното списание „Литературен живот“ (Życie Literackie). Од 1981 до 1983 година била дел од уредништвото на списанието „Писмо“, а соработувала и со списанието „Почетна позиција“ (Nagłos), а потоа, поради опозиционерската активност, завршила како слободен писател и пензионерка.[2] Умрела на 1 февруари 2012 година по долго боледување од рак на белите дробови.[3][4]

Личен живот

[уреди | уреди извор]

Во април 1948 година се омажила за поетот Адам Влодек и заедно живееле во Домот на Писателите на ул. Крупнича 22 во Краков. Целата атмосфера на тамошното живеење имала инспиративно влијание врз творештвото на поетесата. Таа се развела од сопругот во 1954 година. Од октомври 1967 година била во врска со писателот Корнел Филипович сè до неговата смрт во 1990 година (сепак, тие никогаш не биле во брак ниту живееле заедно).

Творештво

[уреди | уреди извор]

Најголем дел од творештвото на Шимборска отпаѓа на поезијата. Таа се смета за најголемата полска поетеса,[5] а заедно со Збигњев Херберт и Тадеуш Ружевич, го сочинува врвот на полската поезија.[6] Нејзините песни се преведени на околу 50 јазици.

Малку е познато дека Шимборска дебитирала како прозен писател, пишувајќи кратка проза, а Адам Влодек (поет, уредник на неколку весници и издавачки куќи и нејзин подоцнежен сопруг) — тој кој ја убедил да се префрли на поезијата.[7] Шимборска се појавила на поетската сцена непосредно по Втората светска војна: во март 1945 година, во весникот „Полски дневник“ (Dziennik Polski) ја објавила својата прва песна „Барам зборови“ (Szukam słowa). Во 1949 година, нејзината прва книга не ја поминала државната цензура, но таа и понатаму останала верна кон социјалистичката власт и продолжила да ги фали Ленин, Сталин и достигнувањата на социјализмот. Нејзините две збирки поезија објавени во раните 1950-ти, „Затоа живееме“ (1952) и „Прашања поставувани на себеси“ (1954) немаат некоја посебна вредност, бидејќи биле напишани во стилот на соцреализмот и подоцна не биле вметнувани во изборите од нејзината поезија. Пресвртна етапа во нејзиното творештво е објавувањето на збирката „Повикување на Јети“ (1957)[2]

Освен песни, Шимборска пишувала и белешки за прочитаните книги кои ги објавувала како додаток на краковското списание „Книжевен живот“, а кои се објавени како посебни збирки: „Незадолжителни лектири“ (Lektury nadobowiązkowe) во 1973 година, „Незадолжителни лектири, втор дел“ (Lektury nadobowiązkowe, część druga) во 1981 година,[8] и „Незадолжителни лектири“ во 1996 и во 2003 година.[6][9] Исто така, таа се занимавала и со превод од француски на полски јазик. Најпосле, Шимборска пишувала и лимерики при што ја основала Ложата на лимерики, како и фонд од кој секоја година доделувала две награди. Покрај собирањето „кич“ и стари разгледници, нејзина голема пасија било правењето колажи кои никогаш не ги излагала во галериите, туку им ги испраќала на пријателите и на преведувачите како новогодишни честитки.[9]

Библиографија

[уреди | уреди извор]

Шимборска е позната по тоа што пишувала малку, така што нејзиното творештво е мало по обем - околу 350 песни за време на шеесетгодишното творештво. Нејзини позначајни збирки песни се следниве:[1][6][8][10][11]

Последната книга на Шимборска е објавена посмртно и ги содржи нејзините последни 13 песни, како и скици на неколку недовршени песни.[12]

Осврт кон творештвото на Шимборска

[уреди | уреди извор]

Во својата поезија, Шимборска се раководела од идеалот истакнат од страна на Јулијан Пшибош дека секоја песна треба да се пишува како претходно да не е напишана ниту една песна и како авторот да не може да се потпре врз ништо претходно. Затоа, книжевната критика никогаш не можела да ја смести Шимборска во ниту една категорија или книжевен стил. Иако во пишувањето, таа се служи со традиционални средства и постапки (опис, приказна, создавање жанр-слики), нејзините песни се исклучително модерни. Но, за разлика од традиционалната поезија, кај неа секој стих рамноправно му служи на развивањето на мислата, така што во нејзините песни нема никаква посебно истакната поента. Во оценувањето на нејзината поезија, критичарите се повикувале на Лајбниц, Декарт и Хајдегер, но истовремено, нејзините песни се одликуваат со женска чувствителност, дискретност и хумор. Сепак, нејзините песни се одликуваат со голема читливост, така што лесно ја освоиле не само критиката, туку и широката публика.[13]

Поезијата на Шимборска изненадува со својата привидна едноставност - кај неа сè е одмерено и усогласено, без претерана стилизација. Таа подеднакво добро ги негува римуваниот класичен стих и ружевичевскиот стих. Формалната дисциплина на нејзините песни е во согласност со нивната содржина и со мисловната порака. Во нејзината поезија секогаш е присутна желбата да се иницира некоја суштинска мисла, да се прошири границата на човековото сознание и да се каже нешто ново за односите меѓу луѓето и за местото на човекот во светот. Начинот на којшто таа ги објавува своиет размислувања често претставува мало откритие, зашто таа секогаш знае да ја пронајде вистинската мера. Кон себе таа е критична и скептична како во однос на лирското расположение така и во однос на љубовта. Таа не се плаши современиот човек да го прикаже во смешна, речиси гротескна положба, дури и кога зборува во името на своето лирско Јас, што докажува дека нејзините песни се плод на долго размислување и на големо знаење за светот и за луѓето. Нејзината песна не е лесна и распеана и се чувствува дека нејзината мудра и човечка лирика е длабоко доживеана.[14]

Полските критичари истакнуваат дека поезијата на Шимборска е филозофска на природен и спонтан начин, зашто во неа нема научни изрази и непосредно формулирани проблеми, туку само мисловни и јазични игри кои најчесто се одигруваат низ дијалози за можностите и немоможностите за изразување на човекот и на светот. Притоа, иако не е „лингвистички поет“, таа се труди да ги искористи можностите на зборовите, но да не биде зависна од нив. Сепак, неочекуваните пресврти, случајности и откритија застапени во речиси секоја нејзина песна потврдуваат дека таа експериментира со јазикот, но тоа не го прави преку создавање неологизми и шокантни фразеолошки состави. Таа најчесто само поставува прашања, бидејќи тие се основната реторска фигура во нејзиното творештво. Според теоретичарот Михал Гловињски, нејзините игри со зборовите се функција на мудроста, одлучуваат за неповторливоста и оригиналноста на нејзината поезија која е необичен спој на сериозност и лудизам. Исто така, Шимборска не е моралистка, туку таа е изразена индивидуалистка која сè изразува во свое име.[15] Според полскиот критичар Јежи Квајтковски, нејзините песни се одликуваат со големо богатство, па дури и со расипништво, зашто во некои нејзини песни има доволно материјал за цели поетски збирки.[16] Самата Шимборска ја опишала својата поезија во песната „Епитаф“ во која себеси се нарекува „старовремска... авторка на неколку песни“ која „не спаѓала во ниту една книжевна група“.[17]

Нобеловата пофалба

[уреди | уреди извор]

„Во Вислава Шимборска, Шведската Академија сака да оддаде почит на претставник на извонредната чистота и моќ на поетското гледање. Поезијата како одговор на животот, начин на живеење, играта на зборовите како мисла и чувствителност. Песните на Вислава Шимборска се совршени зборови, високо префинети слики, ментална allegro ma non troppo, како што се нарекува една од нејзините песни. Меѓутоа, темнината, на која не подлегнуваат директно, се чувствува во нив исто како движењето на крвта под кожата “[36]

Награди и признанија

[уреди | уреди извор]

За својата поезија, Шимборска добила повеќе награди и признанија, како:

  • Наградата за литература на градот Краков, 1954 година,
  • Наградата на Министерството за култура на Полска, 1963 година,
  • Наградата „Гете“, 1991 година,
  • Наградата „Хердер“, 1995 година,
  • Почесен докторат на Универзитетот „Адам Мицкјевич“ во Познањ, 1995 година,
  • Наградата на Полскиот ПЕН Клуб, 1996 година,
  • Нобеловата награда за литература, 1996 година
  • Златен медал за „Заслуги за културата Глорија Артис“ (2005)
  • Детска награда „Срца“ за помош на децата од Швидњица. Преку Јацек Курон и неговата Фондација „Социјална помош СОС“, таа донираше дел од Нобеловата награда за купување прозорци за Европскиот центар за пријателство со децата, кој се гради во Швидњица.
  • Златен медал на честа за заслуги на Малополското Војводство (2012 година, постхумно) [18]
  • Полскиот Орден на белиот орел, 13 јануари 2011 година.

Комеморација

[уреди | уреди извор]
  • На влезот во кафулето Nowa Provin во Краков (кое често го посетуваше Вислава Шимборска), во март 2014 година беше поставен  Поетски Домофон, каде што може да си пуштите снимка од поетесата која ја чита сопствената поезија [19][20][21]
  1. 1,0 1,1 [1]
  2. 2,0 2,1 „Napomena priređivača“, во: Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 419-420.
  3. „Почина добитничката на Нобеловата награда Вислава Шимборска, Дневник, 2.2. 2012“. Архивирано од изворникот на 2012-02-04. Посетено на 2012-06-21.
  4. Почина нобеловката Вислава Шимборска, Нова Македонија, четврток, 2.2.2012[мртва врска]
  5. Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 183.
  6. 6,0 6,1 6,2 Petar Vujičić, „Radost pisanja“, во: Vislava Šimborska, Svaki slučaj. Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 132.
  7. „Napomena priređivača“, во: Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 419.
  8. 8,0 8,1 Petar Vujičić, „Radost pisanja“ во: Vislava Šimborska, Svaki slučaj - Izabrane pesme. Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 132.
  9. 9,0 9,1 „Napomena priređivača“, во: Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 421.
  10. [2]
  11. Окно
  12. Доста е - последната книга на Шимборска
  13. Petar Vujičić, „Radost pisanja“ во: Vislava Šimborska, Svaki slučaj - Izabrane pesme. Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 133-135.
  14. Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 183-184.
  15. „Napomena priređivača“, во: Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 420-421.
  16. Petar Vujičić, „Radost pisanja“, во: Vislava Šimborska, Svaki slučaj. Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 133.
  17. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 68.
  18. Pietrych, Krystyna (2017). „Jacek Brzozowski (26 lutego 1951 - 18 czerwca 2017). Wspomnienie“. Pamiętnik Literacki (3). doi:10.18318/pl.2017.3.18. ISSN 0031-0514. no-break space character во |title= во положба 53 (help)
  19. Gajda, Krzysztof (2013). „Ile piosenki w poezji… Rec.: Piotr Łuszczykiewicz, "Piosenka w poezji pokolenia ery transformacj 1984-2009", Poznań 2009“. Pamiętnik Literacki (1). doi:10.18318/pl.2013.1.11. ISSN 0031-0514.
  20. Półtorak, Mateusz (2021-10-07). „Odpowiedzialność Skarbu Państwa za niezwrócenie się przez polski sąd z pytaniem prejudycjalnym do TSUE lub niewstrzymanie się z wydaniem rozstrzygnięcia do czasu rozpoznania takiego pytania zadanego przez inny sąd – na przykładzie sprawy dotyczącej proporcjonalnego zwrotu prowizji przy wcześniejszej spłacie kredytu (C-383/18)“. Kwartalnik Krajowej Szkoły Sądownictwa i Prokuratury: 101–116. doi:10.53024/5.3.43.2021 Проверете ја вредноста |doi= (help).
  21. Nikolaev, Andriej B. (2019-09-18). „Rewolucja parlamentarna: Piotrogród, 27 lutego – 3 marca 1917 roku“. Przegląd Wschodnioeuropejski. 10 (1): 59–74. doi:10.31648/pw.4503. ISSN 2081-1128.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]